2016 – како почна и како заврши?

Рекордно високо ниво на јавниот долг - Македонија продолжи да се задолжува.

Според официјалните податоци на Министерството за финансии, заклучно со третиот економски квартал, Јавниот долг во апсолутен износ изнесува 4,75 милијарди евра или 50,6% од БДП, што претставува највисоко ниво што е измерено досега. Во 2016 година, овој долг се зголеми како резултат пред се на задолжувањето со еврообврзницата во вредност до 450 милиони евра. Внатрешниот долг во однос на 2015 година бележи зголемување на 1,40 милијарди евра

 

Пишува: Анета Додевска

(Неделна економска анализа на „Порталб“)

Просечна нето-плата од 362 евра. Намалена сиромаштија, зголемена вработеност. Неврботеноста, пак, според официјалната статистика, падна на историско најниско ниво од околу 23%. Се најaвуваа нови инвестиции, но не се реализираа државните, капитални инвестции. Овие економски показатели, според дел од економистите, се пропратени со неколку важни прашања: колку од вработените што земаат плата, практично го земаат републичкиот просек, дали невработеноста се намали како резултат на активни вработувања во приватниот сектор и колку влијаеше иселувањето на работоспособното население. Зошто, ако имаше влез на странски инвестции, Македонија и натаму остана во групата на земји со најниско ниво на СДИ во однос на Бруто домашниот производ. Како завршува 2016 година и што ја одбележа на економски план?

 

ШОК НА ДЕВИЗНИОТ ПАЗАР, ИНВЕСТИЦИИ, ЈАВЕН ДОЛГ

Во знак на политичката криза, која донесе и длабока неизвесност, економијата успеа да испорача позитивни стапки на економски раст, но според дел од аналитичарите, недоволни за да се промени на подобро животниот стандард. Во годината што измина, Јавниот долг достигна рекордно највиско ниво а продолжија политиките на фаворизирање на странските, наспроти домашните компании, вели за Portalb.mk економистот Слободан Најдовски.

Нивото на јавниот долг конечно ја заинтригира македонската јавност. Затоа преминувањето на психолошката граница на јавниот долг од 50 отсто од БДП е настан кој ја одбележа во негативна смисла 2016 година. Во тесна врска со првиот настан е и новата Еврообврзница од 450 милиони евра чија намена е искористена исклучиво за буџетски потреби кои ќе немаат ефект врз растот на македонската економија. Би ја издвоил и политизацијата на шокот на девизниот пазар во април и интервенцијата на Народна банка. Запоставување на домашната економија за сметка на форсирање и финансикси стимулирње од државниот буџет на странските компании, оценува Најдовски,

Според официјалните податоци на Министерството за финансии, заклучно со третиот економски квартал, Јавниот долг во апсолутен износ изнесува 4,75 милијарди евра или 50,6% од БДП, што претставува највисоко ниво што е измерено досега. Во 2016 година, овој долг се зголеми како резултат пред сè на задолжувањето со еврообврзницата во вредност до 450 милиони евра. Внатрешниот долг во однос на 2015 година бележи зголемување на 1,40 милијарди евра. Владата се задолжуваше, растеа буџетските трошоци за пензии и плати. Така, во 2016 година, повторно се зголемија пензиите.

Дефинитивно негативен тренд е продолжување на политиката на зголемување на јавниот долг, кој стигна на критично ниво, а парите завршуваа за финансирање непродуктивни и некапитални проекти. Еден од настаните, односно состојбите во 2016 година е и зголемениот тренд на емигрирање на луѓето, посебно заминувањето на младите од Македонија. Токму овој тренд ќе нè чини многу сите нас, затоа што државата нема други ресурси освен човечкиот капитал. Политичката криза повлијае за отсуство на јасни економски перспективи, што пак се одрази врз намалување на куповната моќ на граѓаните, од кои две третини живеат со дури 5 долари на ден, вели аналитичарот Висар Адеми во изјава за „Порталб“.

Дека домашното стопанство се соочуваше со ликвидносни проблеми и се воздржуваше од инвестиции покажуваат и податоците за кредитната активност. Во одредени периоди, бројките упатуваа на намалување на депозитите на фирмите и пониски стапки на кредитирање на приватниот сектор во однос на очекувањата. Дел од бизнисмените често алармираа дека концептот на поддршка на странските, ги дискриминира домашните фирми, кои треба да бидат стожер на економијата.

Ваквиот концепт на привлекување на странски инвестиции ние мислиме дека е погрешен, истиот пред сè е нетраспарентен и не знаеме колку наши буџетски пари одат во џебовите на странците. Потоа најголемото зло што е направено со овој концепт е нашата атрактивност со евтина работна сила, поради која имаме бројни вработувања. Ние треба да се стремиме кон инвестиции кои имаат поголема додадена вредност и кои секако ќе бараат квалитетни кадри и кои секако ќе бидат платени барем според просечната плата во Македонија. Процесот на доаѓање и заминување на странските инвеститори е непознат за јавноста и сè додека не е транспарентен, ние не можеме да кажеме точно зошто и како, изјави за Portalb.mk Фатмир Битиќи од Комората на северозападна Македонија.

Според податоците од Државниот завод за статистика, третиот квартал заврши со економски раст од 2,4 отсто, но поради вкупната неизвесност, Народната банка и Владата ги ревидираа првичните оптимистички очекувања за раст на економијата поголем од 3,5 отсто.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција