„АХТУНГ, ДИХТУНГ!“: Каде е истрагата за истекувањето докази од судските истраги

И овде кога би се чувале доказите за кои се задолжени надлежните институции, тие не би завршувале толку често на YouTube. Фото: pixabay

Недовербата кон истрагата, која покажува постојан „недостаток на гумичка“ во чувањето на информациите, потсетува на оној виц за најкусата можна порака од една подморница, во која навлегува вода, а која командантот ја испраќа до својата база – „Ахтунг, Дихтунг!“. Меѓународната заедница затоа и за дел од делата, каде власта е директно посочена како потенцијално обвинета и каде треба информациите да стигнат до судот преку актуелното јавно обвинителство, ги одзема и формира специјално обвинителство кое треба да има „дихтунг“.

 

Недовербата кон истрагата, која покажува постојан „недостаток на гумичка“ во чувањето на информациите, потсетува на оној виц за најкусата можна порака од една подморница, во која навлегува вода, а која командантот ја испраќа до својата база – „Ахтунг, Дихтунг!“. Меѓународната заедница затоа и за дел од делата, каде власта е директно посочена како потенцијално обвинета и каде треба информациите да стигнат до судот преку актуелното јавно обвинителство, ги одзема и формира специјално обвинителство кое треба да има „дихтунг“.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Протекувањето на информации до кои е дојдено во текот на вршењето на предистражна или истражна постапка во нашето правосудство е толку секојдневна состојба што говори дека истото е просто комплетно неимуно кон тоа да ја сочува постапката од увид на јавноста. Со време таквите пропусти, кои сами по себе се кривични дела, добија јасна визура, се вообличија во форма преку која власта и тоа извршната, преку дел од правосудниот систем (полицијата во истражна постапка, некогашните истражни судии, а најчесто обвинителството во старата и новата кривична постапка) практично вршеше функција на некакво јавно судење пред судење или вршење своевидно казнување, без да се мисли на пресумпцијата на невиност и тоа главно со лицата и групите кои беа воедно и политички противници на актуелната власт. Ним се оставаше, низ добро избрани, селектирани факти, не секогаш поврзани, да „им суди народот“ односно да имаме „судење пред судење“.

Недовербата кон тој систем, кој покажува постојан „недостаток на гумичка“ во чувањето на информациите, потсетува на оној виц за најкусата можна порака од една подморница, во која навлегува вода, а која командантот ја испраќа до својата база – „Ахтунг, Дихтунг!“. Меѓународната заедница за тоа и за дел од делата каде власта е директно посочена како потенцијално обвинета и каде треба информациите да стигнат до судот преку актуелното јавно обвинителство, ги одзема и формира специјално обвинителство кое треба да има „дихтунг“.

– Овие дела биле ретки во нашето правосудство, дури и во најширока смисла на службена тајна и затоа за дел од нив и јавноста никогаш и не дознаваше дека имало судење и уште помалку како гласи обвинението и за што се осудени одредени лица или групи. Обично тоа биле дела кои биле поврзани со кривичното дело шпионажа, кога одредени лица оддавале сознанија кои се претходно класифицирани како тајни и кои оделе кон странство – вели доајенот на нашата адвокатура, Јован Јоанидис, кој поголем дел од животот бил истражен судија и обвинител.

Ситуацијата како скандалозна ја оценува неговиот помлад колега, адвокатот Александар Георгиев, кој вели дека во ниту една нормална држава ова не е замисливо – истекување на доверливи информации од органот кој е најповикан токму да ги чува доверливи информации како што е обвинителството, кое сега со новиот ЗКП добива и проширени ингеренции во однос на истражната постапка. Повредени се многу граѓани, истечени се информации за нив или семејствата, која штета е невозможно да се поправи подоцна, ако бидат тие лица подоцна ослободени или ако постапка воопшто има, бидејќи, кај многу такви истекувања на информации од истрагата, всушност, и не се мисли на тоа дали ќе има обвинение како цел, туку се поаѓа обратно – од тоа јавноста некого да осуди пред судење, па дури и судење да има.

Јован Јоанидис потсетува дека нашиот КЗ познава четири видови на информации, кои треба да ги чува нивниот поседувач, односно чие оддавање станува казнена дело.

Во член 360 од КЗ е содржан описот на „оддавање на службена тајна“, каде се вели дека „тој што на јавноста или неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците што претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице“. Тие податоци треба со закон, со пропис донесен врз основа на закон или со одлука на надлежен орган да се веќе прогласени за службена тајна.

За ова дело е предвидена казна затвор од 3 месеци до пет години. Во став 2 се определува казна од најмалку една година ако делото е сторено од користољубие, додека во став 3 се вели дека ако делото е сторено од небрежност ќе се казни со парична казна или казна затвор до три години.

Членот 281 од КЗ содржи дефиниција на кривичното дело оддавање и неовластено прибавување на деловна тајна, која во овој контекст не е толку интересна.

Јоанидис не упатува и кон членот 317 кој говори за оддавање на државната тајна: „Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или стори достапна државна тајна што му е довеена, ќе се казни со затвор од една до десет години“. Ако тоа лице знаел дека информацијата е државна тајна, а до неа дошол на противправен начин ќе добие казна затвор од 1 до 5 години. Ако делото се стори во војна или во непосредна воена опасност, казната е најмалку 4 години затвор и т.н.

Последното дело, кое како и претходните, се гони по службена должност од страна на обвинителство е членот 349 од КЗ и се однесува на оддавање на воена тајна. Тоа дело порано го судеа воени судови а РМ, а денес се држи како дел од „цивилното правосудство“, бидејќи друго и нема во нашиот правосуден систем.

Каква е позицијата на обвинителството во шумата на овие прописи за недозволено оддавање на податоци на јавноста или неовластени лица? Каков е „статусот“ на податоците до кои доаѓа јавен обвинител во текот на истражните дејствија?

Согласно ЗКП, предистражната постапка е тајна. Тоа подразбира дека податоци во оваа фаза на постапката имаат само јавното обвинителство и МВР. По правило тајноста на предистражната постапка ја опфаќа тајноста на дејствијата кои се преземаат и тајноста на информациите и податоците до кои се доаѓа. Сепак, доколку одредени информации не штетат на истрагата, а се од значење за јавноста, истите можат да бидат соопштени. Со кривичната постапка во предистражната фаза и во рамки на истрагата раководи јавниот обвинител и по правило јавниот обвинител е тој кој би требало да одлучи кои информации ќе и бидат соопштени на јавноста. 

Неовластеното оддавање детали што можат штетно да влијаат на истрагата подразбира и кривична одговорност, а постапката се поведува по службена должност (ова подразбира дека може да биде поведена и од полиција и од јавен обвинител). Појаснуваме дека постои можност и медиумот да одговара за оддавање на тајна, особено што јавно е познато дека предистражната постапка е тајна и објавувањето на информациите потребно е да биде во координација со јавниот обвинител – ни беше пренесено од кабинетот на СЈО Катица Јанева деновиве на некои наши прашања.

Значи, накусо, сѐ што ќе истече од предистражна постапка од ЈО е оддавање на службена тајна, освен ако јавниот обвинител не процени дека е добро делови од истрагата да ги направи достапни за јавноста. Претпоставуваме за тоа тој треба да има јасно изразена волја?!

Како тоа би изгледало на најважниот процес, кој не резултираше со обвинителен акт, а заради што подоцна и се формираше СЈО? Се работи за аферата „Пуч“. Во Сервисот за проверка на факти во медиумите (СПФМ) доста често се навраќавме на овој настан. Тој цело време се наоѓаше во предистражна постапка. Еднаш по службена должност постапката ја покренал самиот јавен обвинител, а на барање на премиерот, а втор пат кога СДСМ, врз основа на прибавените снимени материјали дознава за одредени дејствија и поднесе кривична пријава до ЈО (упатуваме и на овој напис). Тој материјал од неодамна треба да се наоѓа кај СЈО.

Тоа е случајот на снимениот разговор меѓу премиерот Груевски и првиот човек на опозицијата, кој беше еден вид „доказ“ дека опозицијата наводно готвела пуч, што премиерот го објави на својот говор на 31 јануари 2015. Практично, за време на разговорите во октомври 2014 година, кога според лидерот на опозицијата тој го убедувал премиерот доброволно да си замине од функцијата и да се организираат предвремени избори, во замена за тоа да не се создаваат зголемени општествени тензии, со објавување на снимките кои ги поседува неговата партија, во кабинетот на премиерот, се поставени прислушни уреди кои ги снимале разговорите.

На Youtube се појави видео за кое се вели дека е од еден од четирите разговори меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на кој се зборувало за компромитирачките содржини што ги поседува опозиционерот за властодршците… Груевски во саботата, при обраќањето кон нацијата, го обвини Заев дека го уценувал да прифати техничка влада, а во спротивно лидерот на опозицијата ќе објавел компромитирачки материјали за дел од функционерите. Поради ова полицијата ја спроведе акцијата ’Пуч’ во која Заев е еден од четворицата осомничени – јавува, на пример „Локално“ на 2 февруари 2015 година.

Хронолошки редослед на настаните:

  • во октомври дошло до неколку средби меѓу Заев и Груевски во кабинетот на вториот, без да знае опозиционерот тие разговори се снимени;
  • на 31 јануари на прес Груевски објавува дека опозицијата подготвувала неуставно преземање на власта (пуч);
  • на 2 февруари непознат испорачател на светската мрежа ЈУ тјуб објави, според подоцнежни тврдења, делови од барем две средби меѓу споменатите актери;
  • на 7 февруари Заев започна со објавување на добиените материјали подоцна наречени „бомби“;

Од редоследот на настаните, за кои Атанас Вангелов, повикувајќи се на Роланд Барт, би рекол дека се „логификација на хронологијата“, бидејќи им даваат на текот на настаните смисла, драмска порака, сосема е јасно дека меѓу октомври 2014 година и 7 февруари 2015 година премиерот, кој ги одбил предлозите на Зоран Заев, се обидувал со одредени конкретни чекори да го спречи политичкиот противник во објавување на тие материјали и да создава клима за нивно евентуално девалвирање како квалитетен материјал, прикажувајќи ги во поинаква светлина. При тоа – по реакции во дел од јавноста дека никој, па ниту премиерот не може тајно да снима разговори – се јави јавниот обвинител со оправдување, пост фестум, дека тој дал виза за користење на посебни ПИМ мерки, во кои спаѓа и снимањето на разговорите. Нешто поопширно за ова може да се прочита во текстот на д-р Мирјана НајчевскаЗа човечето кое седи во премиерскиот кабинет“ (објавено во Окно).

Од анализата на сите говори на премиерот од тоа време, според Најчевска, која го цитира Груевски,

според досегашните сознанија кои ги добив од МВР зад снимањето стои странска разузнувачка служба чиј главен соработник во РМ е лицето З.В. кое развило своја агентурна мрежа во МК,

професорката констатира дека

Груевски е во директна врска со јавниот обвинител и со судиите кои му поднесуваат редовни извештаи. Како поинаку би знале дека материјалот добиен од компјутерите на еден од обвинетите е дешифриран и подготвен за доказната постапка во суд?

Ова, да се вратиме на темата, значи дека и премиерот, „кој не може да се третира поинаку во независна кривична постапка, освен како и другите граѓани, да добива директни информации од истрагата, каде и самиот е инволвиран на повеќе начини и може да се јави и како сведок, но, како што одат работите, и како обвинет! Тоа е значи недозволиво и казниво!“ – констатира проф. Најчевска.

Обвинителството, пак, одговара во овие случаи за чување на сите сознанија, особено што дел од нив се добиени од со примена на ПИМ мерки. Но, токму најдискретниот – ако е можно градирање – од сознанијата, поконкретно разговорите меѓу премиерот и Зоран Заев, дојдоа до Јутјуб. Обвинителството, на инсистирање на јавноста призна дека тоа „обзнанување“ не е сторено со намера или со одобрение на првиот во ЈО – Марко Зврлевски, бидејќи тој истакна дека ќе бара одговор од мрежата (од Јутјуб) од каде дошла информацијата.

Јутјуб како мрежа може да открие од каде е испратена информацијата (видео материјалот), но тоа може да биде било кое кафуле кое има интернет, на пример – вели за нас адвокатот Александар Георгиев. Тоа не може да е од голема помош за ЈО. Може да се препостави дека во самото ЈО за предметот и доказниот материјал знаат мал круг на овластени лица. Кругот е однапред стеснет. Никој не чул до каде дошла и дали официјално е отворена постапка за тоа кој оддал службена тајна.

Во поранешниот систем беше речиси непојмливо да дојде до пробивање на службени тајни од обвинителството или од судовите. Затоа и речиси не може да се говори за постапки и казни по овој основ.

Денес имаме пробивања барем секоја недела, ама за постапки не знаеме и за казни, за наук, исто така. Ахтунг, дихтунг!

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар