Албанците во Македонија бараат промени и покрај победата на ДУИ со помош на СДСМ

 

 

Иако дел од експертите и јавноста очекуваа потесна битка во однос на резултатите кога станува збор за бројот на освоени општини кај албанскиот политички блок, сепак, ДУИ успеа да ја потврди предноста со помош на СДСМ и во вториот круг победи во 7 општини, а 4 општини ѝ припаднаа на коалицијата БЕСА-АА

 

Во вториот круг од локалните избори Македонија доби уште 35 нови градоначалници, при што ова гласање помина мирно и со помали нерегуларности. Така смеатаат поголем дел од медиумите и јавноста, а слични констатации беа дадени и од домашните и меѓународните набљудувачи, како што се ОБСЕ и МОСТ. Вториот круг од локалните избори беше особено значаен за избор на градоначалници во градовите со мнозинско албанско налселение, каде се гласаше во вкупно 13 општини.

lOK-IZB

 

ПОБЕДА НА ДУИ СО ПОМОШ НА СДСМ ВО 7 ОПШТИНИ, БЕСА-АА ВО 4

Иако дел од експертите очекуваа потесни резултати и борба за секој гласач, како и евентуална можност во повеќе општини да има пресврт и победа на опозицијата, сепак, ДУИ со помош на СДСМ успеа да победи во повеќето општини со мнозинско албанско население и да ја потврди предноста од првиот круг. ДУИ во вториот круг победи во Тетово, Чаир, Сарај, Теарце, Долнени, Дебар и успеа да ја врати Струга со победата на нивниот кандидат Рамиз Мерко против лидерот на Алијансата на Албанците (АА) Зијадин Села. Но, ниту со помош на СДСМ не успеа да победи во Гостивар, каде во следните четири години ќе раководи Арбен Таравари од коалицијата БЕСА-АА. Алијансата за Албанците во коалиција со БЕСА успеа да победи и во Боговиње и Врапчиште. А, кандидатот на БЕСА Блерим Сејдиу од коалицијата БЕСА-АА освои тесна победа во Општина Желино. Така, со три општини повеќе од коалицијата и со тесни резултати ДУИ се прогласија за победници на овие избори во 9 општини, од кои 2 во првиот и уште 7 во вториот круг, додека во 4 победи коалицијата АА-БЕСА. Победа освои и Енвер Пајазити како независен кандидат во Општина Брвеница, а Азем Садику од редовите на ДПА успеа да победи во Општина Студеничани.

Дека ДУИ имаше голем дел гласови добиени од СДСМ потврдуваат и бројките. На пример, кандидатот на ДУИ во Струга, во првиот круг на изборите освои 7.916  гласови или 25.80 %, а СДСМ имаше 7,140 гласови или 23,7 %. Во вториот круг, Рамиз Мерко победата ја доби со речиси двојно повеќе гласови споредено со првиот круг – 13.945. Села, пак, имаше зголемување од само 3,868 гласови. Во Тетово, Теута Арифи од редовите на ДУИ освои 13,265 или 33,18%, а во вториот круг победата ја освои со 18,136 гласови или со 4.871 повеќе. Коалицијата АА-БЕСА има помало зголемување во споредба со првиот круг на локалните ибори, каде кандидатите на АА-БЕСА заеднички имаа 13,641, а во вториот круг 17.113 или само 3.472 повеќе. Од друга страна, пак, ДУИ изгуби во речиси сите општини кои се со исклучиво албанско население, односно онаму каде што нема гласови на етничките Македонци кои би можеле да влијаат врз резултатот.

ДУИ има изгубено дел од своите гласови во албанскиот електорат, заради што гласовите на СДСМ беа клучни за нивната победа речиси во сите општини, а особено во Тетово и Струга, смета универзитетскиот професор Јетон Шасивари:

Сите анализи зборуваат дека, целокупниот резултат на ДУИ на овие локални избори, а особено резултатите во Струга, Чаир и Тетово ќе беа невозможни без целосна поддршка од СДСМ. На ова мора да се додаде и помалата излезност на овие избори, како и тесниот резултат во однос на разликата во бројот на гласови кај победниците, смета Шасивари.

Шасивари смета дека уште еднаш на овие избори се потврди нерационалната територијална поделба на локалните власти:

Локалните избори уште еднаш ја потврдија нерационалната територијална поделба на локалната власт, каде е евидентна голема разлика на потребните гласови за избор на градоначалници. На пример, градоначалник на Вевчани беше избран со 870 гласови, а оној на Битола со 31.337 гласови.

Шасивари смета дека нема изненадувачки резултати кај албанскиот блок. За него најголемо изненадување беше огромната победа на СДСМ во 57 општини и, од друга страна, дебаклот на ВМРО-ДПМНЕ под раководство на Никола Груевски со само 5 добиени општини, при што тој изгуби и општини како Бутел и Гази Баба, каде партијата традиционално има позначителна поддршка.

Аналитичарот Бујар Плоштани, и покрај победата на ДУИ, до која дојде со голема подршка од СДСМ, сепак смета дека волјата на албанските гласачи е за промени и политичка ротација кај албанскиот блок. И тој смета дека ДУИ успеа да прослави победа во поголемиот број општини само заради големата и директна поддршка што ја имаше од премиерот Зоран Заев:

Резултатите на овие локални избори не беа според моите очекувања. Албанските коалиции, онаа меѓу БЕСА и АА, имаше шанси преку унифицирање на албанското незадоволство да дојде до победа, а другата коалиција ДУИ-СДСМ успеа во обидот да ги задржи под контрола повеќето од општините кои и досега беа под контрола на ДУИ. На овие избори може да се забележи волјата на Албанците за промени и политичка ротација, без оглед на пречките што ги имаа во овој изборен процес. Резултатот од првиот изборен циклус, исто така, беше јасна порака за промена, а имаше и јасна порака за обединување на албанската опозиција што и се случи. Оваа нова коалиција донесе донекаде добри резултати за опозицијата. ДУИ победи во повеќето од општините со голема поддршка од СДСМ. Но, оваа поддршка дојде преку директното и силно залагање од премиерот Зоран Заев во кампањата на ДУИ. И покрај овие резултати сметам дека, сепак, волјата на граѓаните е за промени во албанскиот политички блок.

ИЗЈАВИТЕ НА АЛБАНСКИТЕ ЛИДЕРИ

Во Македонија згасна една партија на Албанците и сега ДУИ слободно може да се смета за огранок на СДСМ“,  изјави вчера претседателот на Движењето БЕСА, Билал Касами, додавајќи дека, ако се земат предвид само гласовите на Албанците, нивната коалиција има многу повеќе гласови во споредба со ДУИ. Според него, победата е на СДСМ, а не на ДУИ и дека без помошта во гласови од СДСМ, ДУИ немаше да може да победи во Тетово, но и во сите други општини. Зијадин Села од Алијансата за Албанците, исто така, не ги прифаќа резултатите од гласањето во Струга, каде, како што вели, имало поткуп и заплашување на гласачите од партиски активисти заедно со полицијата на „правната држава“.„Не го признавам овој резултат“, коментираше Села и упати дека ќе има жалби до Општинската и до Државната изборна комисија. Тој, исто така, му порача на претседателот на ДУИ, Али Ахмети дека го очекуваат предвремени избори и истакна дека лидерот на СДСМ и премиерот Зоран Заев, иако декларативно се залага за живот, соживот и рамноправност, како што рече, со неговата поддршка кон ДУИ уште повеќе ги продлабочи поделбите меѓу Албанците и Македонците во Струга. Според него, сите гласови на СДСМ отидоа за Мерко и овој резултат е неприфатлив поради полицискотo заплашување на гласачите, купувањето гласови… „Ако некој сакаше да го нападне мојот легитимитет како претседател на Алијансата за Албанците, сега сум уште посилен. Али Ахмети те очекувам на избори“, заврши Села. Нови предвремени парламентарни избори побара и Билал Касами од БЕСА, кој рече дека нивните активисти се подготвени за нови избори.

А, од друга страна, пак, во неделата вечер Али Ахмети прогласи победа на локалните избори и порача дека централната власт ќе им даде поддршка на сите општини без разлика дали се под нивна контрола или не.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *