Али Ахмети жали, ама заборава дека и СДСМ ќе има пратеници Албанци

Ахмети загрижен за намалувањето на пратенички мандати. Фото: Мета

 

Али Ахмети, претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), при синоќешното обраќање, a после соопштувањето на првичните резултати од парламентарните избори, меѓу другото порача и дека Албанците изгубиле мандати на изборите, и тоа главно поради поделеноста на малите партии од албанскиот политички блок.

ДУИ секогаш апелирала кај својот електорат, кај Албанците и од нив барала да не се парцијализираат, партизираат во мали партии, бидејќи ќе бидат губитници. Секогаш ги повикувавме малите партии да бидат заедно, да ја победат ДУИ, а да не изгубат Албанците. Со гнев велам дека Албанците изгубија мандати. ДУИ победи на избори, но мене секогаш ме интересирало да победат Албанците во прв ред, и не ме радува победата на ДУИ. ДУИ ќе остане одлучна во правец на одбрана на нејзината доктрина, која ја претстави пред Албанците во земјава – изјави Ахмети.

[Извор: Мета, Датум: 12.12.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Изјавата на лидерот на ДУИ дека „Албанците изгубија мандати“, која ја сфаќаме како поставена споредба со доскорешниот парламентарен состав, во кој имаше 27 пратеници Албанци, според математиката е вистинита.

Сепак, Ахмети не се осврнува на два факта. Прво, после вчерашните избори, според некои неофицијални проекции со податоците добиени до рано утрово, веројатно ќе има 22 пратеници Албанци, од кои барем двајца се во партија од македонскиот политички блок, односно СДСМ, што е преседан за Македонија. Тој говори за „малите партии“ на етничките Албанци, но воопшто не спомна албанските пратеници од СДСМ.

Второ, проекцијата за бројката на пратенички мандати, според неофицијалните податоци добиени досега од ДИК, зборува за подинамична работа на Собранието на Република Македонија, поради помалиот диспаритет во бројот на пратенички мандати од албанските партии.

Но, да почнеме со ред. Според една проекција на неофицијалните податоци добиени од ДИК (кои се прелиминарни и во никој случај конечни што значи дека треба да се земат со резерва), во следниот парламентарен состав би имало 22 пратеници Албанци. Пресметката ја направивме врз основа на проектираниот број мандати и кандидатските листи на партиите.

Односно, тоа по мандати изгледа вака:

  • 1. ИЕ: 1 мандат за ДУИ и 1 за Беса – вкупно 2.
  • 2. ИЕ: 2 мандата за ДУИ, 1 мандат за Беса, плус Мухамед Зеќири од СДСМ – вкупно 4
  • 5. ИЕ: 1 мандат за ДУИ, 1 мандат за коалицијата Алијанса за Албанците – вкупно 2
  • 6. ИЕ: 6 мандати за ДУИ, 3 мандати за Беса, 2 за ДПА, 2 мандати за коалицијата Алијанса за Албанците, како и Ѓулумсер Касапи од СДСМ – вкупно 14.

Или по партии, тоа се 10 мандати за ДУИ, 5 мандати за Беса, 3 мандати за коалицијата Алијанса за Албанците, 2 за ДПА и 2 етнички Албанци од редовите на СДСМ.

Претходниот парламентарен состав, пак, според податоците од веб-сајтот на Собранието на Република Македонија го заврши со 19 пратеници од ДУИ, 7 од ДПА и еден независен, односно вкупно 27.

Простото одземање покажува дека, по оваа проекција, новиот парламентарен состав би имал 22 пратеника, а претходно биле 5 повеќе. И дотука сè во изјавата на Ахмети е точно.

Но, новата мапа на мандати покажува поголема конфронтираност на парламентарните групи со Албанци, бидејќи сите овие партии, вклучително и СДСМ со двајца пратеници, понудија изборни платформи кои во голема мерка се разликуваат. Оттука, за партискиот функционер број 1 на досега владејачката партија од албанскиот политички блок би доликувало и да напомене дека со новите резултати, секако процесите во Собранието ќе се одликуваат со поголема динамика.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција