Алтернативните санкции за кривично осудените почнаа да се реализираат

Алка наменета за домашно издржување на казна затвор. Фото: Wikipedia

 

Владата на Република Македонија во Планот за итните реформски приоритети 3-6-9, во делот 6-9 го има дадено следното ветување, за кое утврдивме дека е исполнето:

 

Започнување со работа на Пробациската канцеларија на подрачјето на Основен суд Скопје 1 Скопје, како и обезбедување на персонал во Пробациската служба

[Извор: Влада на РМ – Наративен план 6-9, датум октомври 2017 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова ветување го нема во предизборната програма на владејачката СДСМ „Живот во Македонија“, но го има во Програмата за работа на Владата во 2018, а го има во Планот за итните реформски приоритети 3-6-9, во наративниот план за мерките што треба да се преземат во периодот од октомври 2017 до крајот на март 2018 година, односно Планот – 6-9.

Ветувањето е ставено во делот за реформи во правосудството и е предвидено да се исполни заклучно со јануари 2018 година.

Во Програмата за работа на Владата во 2018 година е запишано дека треба да се донесе како приоритетна мерка нов Предлог на закон за измена на Законот за извршување на санкциите. Како една од причините е наведено дека треба да има и усогласување на овој закон со Законот за пробација (стр. 10).

Пребарувајќи за исполнетоста на ова ветување може да се дојде до објави во медиумите дека ветувањето е практично исполнето еден месец порано. Имено на 1 декември 2017 година медиумите објавуваат дека Канцеларијата за пробација при Основниот суд Скопје 1 е отворена и дека се донесени и спремни за употреба првите електонски алки за алтернативно издржување на казната куќен затвор предвидена со Законот за пробација.

Веб – сајтот на редкацијата Сакам да кажам ја објавува информацијата, при што го цитира и Јовица Стојановиќ, директорот на Управата за извршување на санкции:

Законот за пробација стапи на сила во 2016 година, но зошто досега не се применуваше треба да ја прашате претходната директорка на Управата за извршување на санкции. Зошто 1,5 милиони евра опрема стои заклучена во Издризово? Набавени се 400 алки. Од вчера почна да работи канцеларијата во Кривичниот суд, предвидено е да се отворат уште 11 вакви канцеларии, за што ќе се вработат 90 пробациски службеници.

Во информацијата уште се наведува дека за пет лица од скопското апелационо подрачје и 12 лица од другите апелациони подрачја изречена е мерка според Законот за пробација, но дека во моментот кога е објавена на ниедно лице не му е ставена електрична алка, бидејќи не е изречена пресуда за домашен затвор.

Овие информации можат да се забележат и во други медиуми што ги пронајдовме на агрегаторот за вести „Тајм.мк“.

Материјата, инаку, е уредена со Законот за пробација донесен во декември 2015 година, стапил во сила од почетокот на 2016 година, а во него се наведува дека во период од 6 месеци треба да се донесат и подзаконските акти и усогласување со други закони.

Поради погоре констатираните факти според методологијата на „Вистиномер“ може да се оцени дека ветувањето за отворање на првата пробациска канцеларија во Македонија е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција