Аналитичари и (со)партијци: Вината за тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ е кај Груевски

 

Разликата во освоени гласови на локалните во однос на парламентарните избори од пред само девет и пол месеци е огромна во негатива само за една партија. Загуба од 120 илјади гласови е преголема за ВМРО-ДПМНЕ, дури и ако се земе предвид помалата излезност генерално. Бивши сопартијци и аналитичари вината ја гледаат во раковдството и кај Никола Груевски

 

Пишува: Tеофил Блажевски

 

Никој не очекуваше вакви изборни резултати, односно толку изразит пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017 година, а главната вина аналитичарите и сопартијците ја гледаат во однесувањето на лидерот на партијата Никола Груевски и на најтесното партиско раководство.

lOK-IZB

После 99,5 отсто пребројани гласови ДИК соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од изборите победила само во три (помали) општини, Петровец, Сопиште и Илинден, додека уште во шест водат и битката ќе се пренесе во вториот круг. Тоа се Штип, Кавадарци, Чешиново-Облешево, Пробиштип, Новаци и Зрновци. Во сите други победи или води СДСМ, а во над 40 победата беше остварена уште во првиот круг.

Разликата во вкупниот број гласови за советничките листи, е следна: СДСМ и Коалицијата освоила 415.726, ВМРО-ДПМНЕ 335.054, ДУИ 89.617, Алијансата за Албанците 48.767, БЕСА 46.464. Резултатите се по пребројување на 99,51 отсто од гласовите.

Кај ВМРО-ДПМНЕ очигледно е дека има најголема промена во бројот на гласачи. Ако СДСМ има разлика само за 15 илјади помалку гласачи во однос на изборите во декември 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ има разлика од речиси цели 120 илјади гласачи, во минус! Тоа е голема бројка, иако одзивот генерално беше намален за сите партии за над 300 илјади гласачи (до 17 ч.) во однос на парламентарните избори.

Ваквите изборни резултати не беа предвидени во анкетите што во последниот месец беа емитувани преку медиумите. Најблиску беше анкетата изработена по нарачка на една телевизија со национална концесија, но само за дел од скопските општини, додека за Скопје, на пример или за Гази Баба, се предвивуваше многу тесен резултат и речиси сигурен втор круг.

Изненадувањето е големо за јавноста, но не и за дел од политичките аналитичари и бивши високопозиционирани членови на ВМРО-ДПМНЕ.

 

КЕКЕНОВСКИ: КОГА УКАЖУВАВ, НЕСТАТУТАРНО МЕ ИСКЛУЧИЈА

Еден од првите сигнали дека нешто мора да се менува во раководењето со ВМРО-ДПМНЕ уште пред три години го испрати професорот Јове Кекеновски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, кој пота беше и еден од основачите на Фронтот за демократска обнова на Македонија – ФРОДЕМ.

Запрашан од „Вистиномер“ за причините за ваквиот тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ, Кекенoвски изјави:

Дебаклот на ДПМНЕ се должи на неколку фактори. Прво на неконзистентната политика и стратегија на партијата. Второ на фактот дека кандидатите на ДПМНЕ беа поистоветени со ликот и делото на Груевски и како поддржувачи или дел од едно злосторничко здружение кое видовме како владеело. Трета причина е фактот што и малите деца знаат дека не може нова ера со криминализирани партиски раководства.

Јас пред три години укажував на штетната партиска политика и заради барање оставка и одговорност од Груевски бев нестатутарно исклучен – вели Кекеновски.

Тој додава дека еднствен излез за партијата се оставки и одговорност од раководството:

Според тоа, повеќе од јасно е дека рехабилитацијата на ВМРО-ДПМНЕ може да се случи само доколку сегашниот врв на партијата, на чело со Никола Груевски си поднесе оставка и, се разбира, понесе одговорност за се што направија, вклучувајќи ги и злоупотребите во партијата – заклучува Кекекновски.

 

КОНЕВСКИ: ОДГОВОР НА АРОГАТНОСТА НА ГРУЕВСКИ

Членот на Републичкито штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, долгогодишен член на партијата Александар Коневски – Цезар, убеден е дека дебаклот на партијата на локалните избори е дело на ароганцијата на лидерот на партијата Никола Груевски и на раководството, кое со месеци одбива да ги прифати критиките за управувањето, но и за начинот на кој се избираат кандидатите за градоначалници и носители на листи на советници.

Веќе четири месеци предупредувaме зa нaчинoт кaкo Груевски ги избирa кaндидaтите и советниците. Тoј мoрaше дa дoзвoли изборот да го направи сaмoтo членствo. Ги игнoрирaше нaшите пoвици зa рефoрмирaње нa пaртијaтa, нас и бројните членови што го баравме ова не нaрекувaше членoвите од „пети – шести“ ешалон… Ете, тие се тие од „петиот и шестиот“ ешалон, кои вчерa гo дaдoa свoјoт oдгoвoр, толку масовно. Де факто, тоа е голем дел од членствoтo што или не излегло или гласале против. Членството ги нoси пoбедите, а Груевски и тие околу него тоа го заборавија.

Коневски вели дека единствен излез и единствено нешто што е прифатливо за нив се оставки и од Груевски и од раководството, зашто поразот го нарекува „срамен“:

Пoсле oвoј срaмен пoрaз, Груевски и рaкoвoдствoтo мoрaaт веднaш дa пoднесaт oстaвкa зa дa мoже пaртијaтa дa се рефoрмирa и дa гo избере нoвoтo рaкoвoдствo кoе ќе јa врaти нa пoбедничките патеки. Сè другo е неприфaтливo зa членствoто.

Или, како што вели Александар Михајловски од реформското крило (Дојче Веле), „секој крај е нов почеток. ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе биде силна политичка партија“.

 

БИЉАЛИ: СУРОВА КАЗНА ЗА КОНТРАПРОДУКТИВНА ПОЛИТИКА

Професорот и аналитичарот Мерсал Биљали резултатот од изборите го гледа како „сурова казна“ за ВМРО-ДПМНЕ поради долга и погрешна „контрапродуктиивна политика“, како освестување на гласачите што е започнато уште на парламентарните избори:

Tоa што е како резултат од локалните избори, е продолжение на колективното освестување во уште многу посилна форма во споредба со парламентарните избори. Граѓаните со години беа заложници на една контрапродуктивна политика која како ,,убав,“ продукт амбалажиран со етно-национализам лесно се продаваше. Се загубија многу години, се осиромашија многу луѓе, се иселија бројни млади за најпосле да сфатиме дека некој цело време нѐ користи како алатка за да профитира и да се одржи на власт без никаква одгворност. Конечно, луѓето ја сфатија манипулацијата и тргна кон нормалното и рационалното. Затоа многу сурово ја казнија минатата власт. Докажаа и покажаа дека сакаат просперитетен живот, а не да бидат заложници на минатото, жртвувајќи ја иднината.

Биљали во истовреме наведува дека колку што е значајна казната, толку е значајна и довербата за актуелната власт:

Овие избори се многу важни и за постојната власт, но и за динамиката на вклучувањето на земјата во евроатлантските интеграции. За власта е важно оти добива полн легитимитет и кредибилитет во фер избори, што може да служи за посилна позиција во процесот не преговорањето за интегрирање, но и за потребните реформи внатре во државата. Веројатно сега ќе засили и динамиката на вклучувањето на државата во евроатлантските процеси.

Исто така, со овие избори продолжува зајакнувањето на меѓуетничката кохезија. Значи, етничкиот елемент се потиснува од граѓанскиот што е многу важно во приближувањето на етникумите и зајакнувањето на довербата меѓу нив – вели Биљали.

После ваквиот резултат, секако дека ќе има рефлексии на сите страни, но дефинитивно и кај партијата која се фалеше дека цели 10 години не претрпела пораз. А, дека поразот е навистина тежок зборуваат и следниве три факти:

На вчерашната изборна вечер во Штабот на ВМРО-ДПМНЕ, според она што го пренесуваа медиумите, не само што владеела траорна атмосфера, туку Груевски, де факто бил оставен сам.

Второ, ден потоа, прес страницата на веб сајтот на ВМРО-ДПМНЕ, до моментот кога е затворен овој текст, остана без ниту една објава, дури го нема и говорот на Груевски од синоќа.

И трето, во самиот говор, Груевски потсети, односно признава дека за ваквите резултати „јас имам највисока одговорност за сето тоа и идниот правец ќе се дискутира веднаш по изборите“, што може да е навестување за поголеми промени во ВМРО-ДПМНЕ.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *