АНАЛИЗА: 2017 – Загубена инвестициска година!

Фото: Принтскрин portalb.mk

Се остварија „црните“ прогнози на дел од економистите, но и на домашните бизнисмени. Зад нас оставаме загубена инвестициска година. Ова веќе го потврдуваат и официјалните статистики – во третиот економски квартал повторно е регистриран негативен тренд на бруто инвестициите. Во исто време, и мерењата на Народната банка покажаа дека во третото тримесечје има одлив на странски директни инвестиции во вредност од 50,2 милиони евра,пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.

 

Домашните и странските инвестиции, закрепнувањето на вкупната економија, зајакнување на ликвидноста на стопанството, според владините најави, ќе бидат приоритетни прашања на економската агенда во 2018 година. Како тоа ќе се спроведе и оствари?

 

Пишува: Анета Додевска

 

2018 – ПРЕСУДНА И ЗА ДОМАШНИТЕ И ЗА СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ…

Стопанството, кое жилаво се бореше со политичката криза, која од акутна се претвори во хронична,  не успеа да го издржи жетокиот притисок на неизвесноста. Според оценките на дел од економистите,  иако  одложено, негативните последици сепак испливаа на површина.  Третиот економски квартал заврши со лазечка стапка на економски раст од само 0,2%, а со оглед на резултатите во другите два квартали ( во првиот стагнација 0% а во вториот – 1,3%), веќе е очекувано дека  оваа економска година, според аналитичарите , ќе биде „загубена“.
Податоците од Заводот за статистика покажуваат дека во третото тромесечје бруто инвестициите оставриле пад од 9,4 %, во вториот квартал тие биле во минус со 18,6%, додека првиот економски квартал имало раст од 11,4%.
Негативен тренд забележа и Народната банка. Во третото тромесечје регистрираше одлив на странски директни инвестиции (СДИ) од 50,2 милион евра. И вториот квартал е со негативен предзнак, со одлив на СДИ од 10,8 милиони евра, додека првиот квартал салдото е во позитива со 111,6 милиони евра. Инвестициите, домашни и странски,  според најавите од Владата ќе бидат приоритет во економската 2018 година. Дел од економистите велат дека освен политичката неизвеснст, врз одлуките на странските фирми, годинава, влијание имале и најавите за можни промени на досегашните  политики во однос на странските инвеститорите.
Најавите дека ќе се преиспитуваат досегашните договори со странските инвеститори, во поглед на предностите и бенефициите кои ги уживаат, уште повеќе ќе ги демотивира потенцијалните нови инвеститори. Веројатно, добар дел од постојните инвеститори размислуваат за селење на капиталот а не за нови инвестиции. Тоа е пред се последица на неизвесноста, правната несигурност и непредвидливоста на економскиот амбиент и клима  во а блиска иднина. Таквиот развој на настаните, во поглед на опаѓачкиот тренд на странските директни инвестиции веројатно ќе  доведе до зголемување и на дефицитот во финансиската сметка – вели универзитетскиот професор Семи Бислими.
Ако се направи компаративна анализа на показателите за странски директни инвестиции, речси е веројатно дека оваа 2017 година според салдото на СДИ, ќе биде на ниво од 2012 година, кога странски директни инвестиции изнесуваа 131 милион евра. Токму 2012 година е најслаба година во последните десет години.
Не се оптмистички ниту показателите за учество на странските директни инвестиции во бруто домашниот производ. Во вториот квартал тој удел е со негативен предзнак -0,5%.
Во период што измина Владата најави дека останува посветена на политики на привлекување на странски инвестиции, но заедно со заголемување на поддршката на домашните бизнис.

 

КАКВИ ПОТЕЗИ СЕ НАПРАВИЈА ВО ПЕРИОДОТ ШТО ИЗМИНА

Позначајни средби со странски финансиери и компании беа остварени на ноемврискиот Самит 16+1 што се оддржа во Будимпешта. Премиерот Зоран Заев оставри средби со Дејвид Танг, претседател на „Хуавеи“ за Централна и Источна Европа и нордиските земји,
На средбата се разговараше за идните перспективи на соработка помеѓу компанијата Хуавеи и Република Македонија, за идните инвестициони чекори, но и за новите иновации и смарт технологии што ги лансира компанијата. Беше заклучено дека во Македонија се создадени услови за развој на стабилна бизнис клима и поволни услови за нови инвестиции, информираа од Владата.
Во Будимпешта беше остварена средба и со менаџментот на компанијата „China Energy“. И оtтаму стаса најава за учество во повеќе проекти, ососбено во енергетиката и транспортот
Еден од првите потпис на договор со странски инвеститор беше ставен на почетокот од овој месец. Се потпиша договор за закуп на градежно земјиште во слободната економска зона „Бунарџик 2“ со менаџерот на компанијата Мурат Тиџарет, Ејуп Ѓулсој.
Мерките од Планот за економски раст се транспарентни и со јасни критериуми за инвеститорите. Направивме симулација на постојните договори коишто ги имаме склучено со компаниите во ТИРЗ и резултатите се охрабрувачки. Сите компании кои работат со успех и се развиваат би биле и подобро поддржани. За таа цел Владата во новиот буџет детерминираше  46% повеќе средства во Програмата за економски развој за поддршка на инвеститорите, а се кратат непродуктивните трошоци за реклами – изјави заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања  Кочо Анѓушев.
Според податоците од Владата, досега се оставрени средби, односно е разговарано со 19 нови инвеститори. Токму толку се и активни, односно работат во моментов во  технолошко-индустриските развојни зони во земјава.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.