АНАЛИЗА: Без политичка волја – нема реформи во администрацијата!

 

Без силна политичка волја, нема професионална администрација. Оваа порака испорачана  во новиот Извештај на Европската комисја е упатен во пакет со препораката за зголемување на капацитетот на Министерството за информатичко општество, наделжно за администрацијата,  пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Јасно е дека реформите и квалитативните промени во јавниот сектор нема да се случат ниту брзо ниту лесно, но охрабрува податокот дека конечно се воспоставува механизам за точно пребројување на административците, активирање на 1 600  вработени по Рамковен договор и обелоденување на податоците за привремените вработувања.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ЕТНИЧКИ КРВОТОК НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА…

Образованието и здравството предничат по бројот на институции,  односно од  1 299 државни институции дури 543 се од областа на образование, 117 од здравството, 115 од културата 113 од управата , 111 од областа на комуналните дејности. Во новообјавениот  “Годишен извештај од Регистерот на вработените во јавниот сектор“ се наведува дека дури 59,6% од јавните  институции се формирани од општините и Градот Скопје, пришто по град Скопје, според бројот на формирани институции се и Куманово, Битола, Тетово, Прилеп, Охрид и Струга, Гостивар и Струмица.

На ниво на државата, во целиот јавен сектор, според најновите податоци од Регистерот, се вработени 128,722 луѓе, од нив преку Агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор, работно ангажирани се вкупно 1 624 лица и истите немаат статус на вработени во јавниот сектор. Додека институциите ја пребројуваат администрацијата, но се менуваат и законски решенија за професионализација и департизација, официјален Брисел и во новиот Извештај за напредокот на Македонија, кој ни донесе безусловена препорака за почеток на преговори за членство, ни упати препораки за непоходни реформи во администрацијата.

“Направен е прогрес со усвојување на стратегијата за реформа на јавната администрација и јавниот финансиски менаџмент. Направени се конкретни чекори кон зголемување на транспарентноста во носењето на одлуките, пишува во извештајот. Неопходно е зголемување на капацитетот на Министерството за информатичко општество и администрација за да може успешно да ги спроведе реформите на јавната администрација. Клучно е да има силна политичка волја за професионализација на јавната администрација, особено при назначување на повисоките управувачки позиции и почитување на принципите на транспарентност, согласно мерит ситемот, и почитување на процедурите при нивното назначување. Неопходна е и натамошна обука на администрацијата за поуспешно имплементирање на административните процедури“ – се наведува меѓудругото, во извештајот на ЕК.

Во оваа фаза, сеуште се прават напори за точно евидентирање на борјот на вработени но и нивните позиции според систематизацијата.

“Тоа што сакам да го  потенцирам е дека активно работиме на конечно решавање на овој проблем. Со таа цел, како што знаете, променивме 4 закони (Законот за Управа за јавни приходи, Законот за даночна постапка, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и Законот за вработени во јавниот сектор). Ова резултираше со значително зголемување на внес на податоци во Регистарот. Само за илустрација, во декември 2017 година имало 15.533 организациони единици (сектори, одделенија), додека во март 2018 година нивниот број е 37.615“ – изјави неодамна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Дел од аналитичарите сметаат дека се додека административците се третираат како партиска машинерија за гласање, не можеме да зборуваме за профессионален државен апарат.

“Деполитизацијата на администрацијата и нивната професионализација, ценам дека ќе дојде до израз кога таа администрација ќе се намали, како борјка, а од друга страна нема да се користи како машинерија за гласање. Она што е важно во исто време ќе обезбеди натпревар на знаења и искуство наместо партиска послушност“ – вели за „Порталб“ политичкиот аналитичар Алберт Хани.

Според бројот на вработени предничи образованието,  кое опфаќа 32% од вкупниот број вработени во јавниот сектор, следува здравството со 18% а на трето место е државната управа со 15%. Во локалната власт вработени се 5 проценти од вкупниот број административци.  Откако во мај 2016 година се направија законски измени, сега сите вработувања во јавниот сектор мора да се во согласност со планот за вработување на секоја институција но и со правото на правична застапеност.

Во 2017 година, како што објави „Порталб“, 75,3% од вработените во јавниот сектор биле Македонци, 19,3% Албанци, 1,8% се Турци, 1,1% се Роми, додека остатокот отпаѓа на други етникуми. Анализирано според видот на инаституцијата, најголем процент на Албанци, 84,51% се во Секретаријат во Владата, потоа 40,63% се вработени во институцијата Народен правобранител, во Собрание 26,10% а  во министерствата 20,32% од вработените се етнички Албанци,  Најмала застепеност на Албанците има во Служба на Влада, Судски совет и Уставен суд.

Кај регулаторните тела, најголема застапеност на вработени од албанскиот етникум има во Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенција за цивилно воздухопловство, додека  во Комисија за хартии од вредност,  Регулаторна комисија за домување и Агенција за регулирање на железничкиот сектор процентот на вработени Албанци изнесува нула.  Прремиерот Зоран Заев овој месец најави засилени реформи во администрацијата со став дека продуктивноста во државниот сектор е катастрофална.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *