АНАЛИЗА: Цени и стандард: во јули за основни трошоци биле потребни 531 евра !

 

пишува: Анета Додевска

 

Во јули, за да ги задоволи основните животни потреби, на едно семејство му биле потребни 531 евро – сума во која се вклучени трошоците за храна, за сметки, за превоз, за здравје. Новите податоци за Минималната синдикална кошница што ги објавува Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат минимален раст на трошоците во однос на лани, истиот месецпренесува неденлната економска анализа на Portalb.mk.

Во јули годинава во споредба со јули 2017 година трошоците на живот, според државната статистика се зголемени за 0,8%. Просечната нето плата на ниво на државата, според официјалната статистика е во пораст, но и натаму не е доволна за да се подмират основните животни потреби.

 

Трошоците за храна  и за сметки го тенчат семејниот буџет …

Трошоците за исхрана, пијалаци, за превоз, здравје, за домување, за сметки за комуналии се во пораст во последните  години, но стагнација е забележана од почетокот на годинава. Вкупно 32 710 денари ( 531,8 евра) биле потребни да се помират основните обврски и потреби во јули. И натаму, најголем дел од семејниот буџет се троши за храна и за сметки, кои заедно имаат удел од 73,45% во потрошувачката кошница. Еве колку пари и за што се трошат месечно според методолошкото мерење на ССМ:

Исхрана и пијалаци   13 574 денари

Домување                  10 409 денари

Хигиена                        2 306 денари

Превоз                         2 408денари

Облека и обувки         2 177 денари

Култура                       1 070  денари

Одржување на здравје 706 денари

Вкупно:  32 710 денари

 

Ова покажува дека од вкупните трошоци, 23 983 или 390 евра се наменети само за исхрана и за сметки.

 

Просечна плата од 410 евра – статистика бележи раст …

Иако официјалната државна статистика изминатите месеци регистрира раст на висината на просечната плата во државата, сепак таа сума и натаму не е доволна за да се подмират основните животни трошоци на месечно ниво. Според последните објавени информации, во земјава просечната нето исплатена плата изнесувала 25 270 денари или 411 евра, што значи дека во едно семјество со само еден вработен кој месечно го заработува републичкиот просек на плата, ќе недостасуваат уште 120 евра.

Според  државниот Завод за статистика во мај во споредба со април годинава  реалната нето плата е зголемена за 1,5% додека во мај годинава во споредба со истиот месец во 2018 година, кај реалната нето исплатена просечна плата е регистриран раст за 1,7%. 

Висина на плати според дејности(мај 2019 година)  :

Информации и комуникации                       43 431 денари

Финансиски дејности и осигурување          47 385 денари

Рударство, вадење камен                            35 034 денари

Јавна управа, одбрана, соц.осигурување   29 052 денари

Здравствена и социјална заштита               29 122 денари

Транспорт и складирање                             25 428 денари

Преработувачка индустрија                         20 926 денари

Плати пониски од 20 000 денари се исплаќаат во секторите: земјоделство, шумарство, сервисни дејности со храна, објекти за сместување, административни и помошни дејности.

 

Цени – инфлација …

Раст на просечната плата во пакет со раст на трошоците за живот – според статистиката во јули во однос на јуни трошоците за зголемени за 0,2% додека кај цените на мало е регистриран раст од 1,1%. Позначаен пораст на трошоците од 25,4% е забележан кај авионскиот превоз.

Пораст на индексот на трошоците на животот во јули 2019 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај овошјето за 4.8 %, маслото и маснотиите за 2.1 %, лебот и житата за 1.7 %, другите млечни производи за 0.6%, кај месото, риба, шеќерот, чоколадата и кондиторските  и другите прехранбени производи за 0.2 %. Во јули 2019 година, пораст на индексите на трошоците на животот исто така е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 25.4 %, информатичката опрема за 7.8 %, туристичките пакет-аранжмани за 4.7 %, услугите за сместување за 2.0 %, автомобилите за 1.5 %, велосипедите за 1.3 %, другите медицински производи за 0.7 %, лековите за 0.5 %, малите електрични апарати за домаќинствата за 0.4 %, цврстите горива за домаќинствата за 0.3%“ – велат од Заводот за статистика.  

На пресекот од првото економско полугодие инфлацијата се задржа на ниво од 1,2% а според проекциите годинава стапката на инфлација ќе биде 1,6% додека во следните две години се очекува умерен раст до ниво на просечна инфлација од 1,8%. 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција