АНАЛИЗА: Државни долгови и ризици – нови заеми само за создавање нова вредност! 

Фото: pixhere

Македонската економија сè уште е во групата ниско или умерено задолжени земји, но со новата Фискална стратегија 2019-20 година Владата планира раст на вкупниот јавен долг до ниво од 53,8%. Овие проекции за дел од економистите се очекувани во состојба кога со тековните приливи не може да се финансираат поголеми јавни инфраструктурни инвестиции

 

Македонската економија сè уште е во групата ниско или умерено задолжени земји, но со новата Фискална стратегија 2019-20 година Владата планира раст на вкупниот јавен долг до ниво од 53,8%. Овие проекции за дел од економистите се очекувани во состојба кога со тековните приливи не може да се финансираат поголеми јавни инфраструктурни инвестиции

 

Задолжувањата кои ќе завршат за проекти со додадена вредност и кои ќе го поттикнат економскиот раст се оправдани, во спрoтивно, ќе имаме продолжување на економските политики кои само  го “хранеа“ популизмот – коментираат дел од економистите по објавувањето на новата Фискална стратегија 2019-2020 годинапишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Со овој нов документ се предвидува раст на вкупниот јавен долг до ниво од скоро 54%. Сепак, економистите предупредуваат на внимателност при менаџирање на јавните финансии со оглед на тоа што очекуваните стапки на економски раст сè уште се движат околу 3,5%.

 

ЗАДОЛЖЕНОСТА ЌЕ РАСТЕ – ЕКОНОМИСТИТЕ ПРЕДУПШРЕДУВААТ НА ВНИМАТЕЛНОСТ 

Заклучно со првиот квартал од годинава, јавниот долг изнесува 47,2%, а нивото на државниот долг, во кој се вклучени заемите на централната Влада, јавните фондови и општините, изнесува 39,7%. Во однос на состојбата од крајот од 2017 година, кога јавниот долг изнесувал 47,6%, во првото економско тромесечје од 2018 година е регистрирано намалување за 0,4 проценти.  Во апсолутен износ јавниот долг, според последните расположливи податоци, изнесува 5,08  милијарди евра, што преставува досега највисоко ниво.

Македонската економија сè уште е во групата ниско или умерено задолжени земји, но со новата Фискална стратегија 2019-20 година Владата планира раст на вкупниот јавен долг до ниво од 53,8%. Овие проекции за дел од економистите се очекувани во состојба кога со тековните приливи не може да се финансираат поголеми јавни инфраструктурни инвестиции.

Сосема оправдано Владата за период 2018-2020 година е да проектира раст на јавното задолжување, свесна дека од постојните фискални и други приходи не може да обезбеди доволен износ на средства за финансирање на значајни инфраструктурни и други проекти, кои во суштина го поттикнуваат економскиот раст. Секое задолжување кое е во функција на зголемување на производниот капацитет на домашната економија е економски оправдано, доколку маргиналниот доход (новосоздадена вредност) е поголем од маргиналните трошоци од задолжувањето. Во спротивно, доколку ефектите од задолжувањето не се проследени со соодветен раст на БДП, тогаш таквото задолжување е економски неоправдано од причина што повратните ефекти од задолжувањето се недоволни да ги покријат трошоците на задолжувањето – вели за Порталб.мк универзитетскиот професор Сами Бислими.

Во новиот документ, кој ги поставува контурите на фискалната политика во претстојниот период, Владата наведува дека задолжувањата ќе растат, но и дека ќе бидат строго контролирани.

Со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на нивото на вкупниот јавен долг на среден и долг рок да не надминува 60% од БДП – пишува во Фискалната стратегија во која се наведува дека клучна причина за раст на долговите ќе биде интензивирање на темпото на остварување на капиталните инвестиции.

На среден рок се очекува умерено зголемување на вкупниот јавен долг до 54,8% од БДП во 2020 година и потоа намалување на 53,8% од БДП во 2021 година, што е значително под утврдениот лимит за среднорочно и долгорочно ниво на јавниот долг. Во 2018 и 2019 година се очекува интензивирање на инвестициите во областа на патната инфраструктура, кои се имплементираат со заеми гарантирани од државата. Заради тоа се очекува зголемување на состојбата на гарантираниот долг и се утврдува лимит за максимално нето задолжување по основ на гарантиран долг во 2019 година до 250 милиони евра – се посочува во документот на Министерството за финансии.

НОВИ ЗАДОЛЖУВАЊА – ДА, АМА НЕ ЗА ПЛАТИ И ПЕНЗИИ

Економистите потсетуваат на досегашните практики кога се земаа кредити за да се финансираат тековни буџетски трошења, како оние за плати и пензии.

Каква е нашата реалност ? Во периодот 2006-2017 година, дополнителниот (маргиналниот) раст на БДП (во апсолутен износ) изнесува 4,594 милијарди евра, додека маргиналниот раст на вкупното надворешно задолжување изнесува 5,207 милијарди евра, што значи дека во периодот 2006-2017 година домашната економија не успеала да создаде дополнителна нова вредност ниту до нивото на вкупното надворешно задолжување. На едно евро надворешен долг е создадено 0,88 евра нова вредност. Тоа е индикатор дека во сиот тој период средствата од задолжувањето не се инвестирани во зголемување на производните можности, во зголемување на производниот капацитет на домашната економија – вели професорот Бислими и порачува:

Доколку Владата е решена да го зголеми нивото на јавниот долг, ја охрабрувам, но, само за поддршка на проекти кои би биле во функција на економскиот развој, во примената на нови знаења и технологии, во проширување на производните можности, што би довело до зголемена продуктивност, зголемена домашна понуда на стоки и услуги, конкурентски настап на домашниот и на надворешниот пазар, во спротивно задолжувањето би било во функција на “шминкање“ на стварноста, а тоа нема да води никаде.

Според сегашната стратегија за задолжување, Владата планира да се сврти кон задолжувања на домашен терен, пришто се очекува да расте рочноста на внатрешните долгови.

Според податоците за моменталната структура на јавниот долг, 3, 48 милијарди евра е износ што се должи кон странство, а 1,6 милијади евра се долг кон домашните кредитори.  Во април годинава, на домашен терен, за прв пат беше издадена државна обврзница со рок на доспевање од 30 години. Дома, најголеми владини кредитори се пензиските фондови, банките и осигурителните компании. На меѓународниот пазар, најголемите обврски на Македонија се по основ на издадени еврообврзници, но и кредити, како оној за изгрдаба на автопатите, зад кои како гарантор е државата. Само последната еврообврзница, што беше издадена на почетокот на годинава, тежи 500 милиони евра.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција