Анализа: Измамениот Заев – вест со краток здив, но со можни последици по премиерот и по државата

 

Веста на неделата – измамничките телефонски разговори на премиерот Зоран Заев со двајцата руски, наводно, шегобијци – нема капацитет подолгорочно да се задржи во медиумскиот простор во земјата и светот, но можно е да има импликации по угледот на Република Северна Македонија и секако, импликации по угледот на премиерот лично.

Ова е заедничка констатација на повеќе домашни аналитичари во коментарите за целиот настан. Без оглед на првичните впечатоци дека со долгата прес конференција премиерот Заев со својот пристап на искреност успеал да го амортизира ударот од непријатноста во која е ставен, несомнено е дека ова е дополнителен удар врз неговиот рејтинг, кој сигурно нема да остане неискористен веќе при првите следни избори. Впрочем опозицијата веќе трет ден бара оставка и избори.

Ова се должи најмногу на фактот што Заев призна дека во подолг период од неколку месеци воопшто не се посомневал дека зборува со лик кој лажно му се претставува како поранешниот украински претседател Петро Порошенко, дури ни во моменти кога овој вториот се мајтапи со потеклото на античките народи, со генетско потекло на Македонците и Украинците и поврзаноста со Александар Македонски, со наводниот град Виница во Украина и со намерата да го прекрсти во Источна Македонија…

Веста за измамениот Заев има и други импликации, пред се регионални, кои се веќе видливи. Косовската опозиција веќе побара вонредни парламентарни избори и оставка на владата на Рамуш Харадинај поради планот за поделба на Косово за кој зборува Заев во разговорот со „Порошенко“. На ова веднаш реагираше и Харадинај, кој е отворен противник на ваквите планови и повтори дека никаква поделба на Косово нема да има. Освен ова, Заев веќе им се извинил и на претседателот Хашим Тачи и на претседателот Александар Вучиќ

Сè уште не можат да се видат најјасно потенцијалните последиците со другите регионални партнери, но секако можна последица е по однос на црквата, поради обидот Заев преку Порошенко да се вплетка во решавање на прашањето на статусот на МПЦ-ОА во православниот свет, преку донација „во кеш“ до вселнскиот патријарх Вартоломеј.

Последици по Република Северна Македонија се можни и од аспект на непријатната позиција во која е ставена германската канцеларка Ангела Меркел. Заев оддава податок дека имал полчасовен телефонски разговор со Меркел, и детал дека таа силно се спритивставува на плановите за подлеба на Косово. Покрај ова, на „Порошенко“ по сопствено признание му испраќал фотографии од посетата на Меркел, што е прашање што дополнително може да ја искомпликува ситуацијата.

Веста на неделата сепак ќе има и позитивни последици. Самиот Заев најави дека Владата на Република Северна Македонија ќе пристапи кон „силна и сеопфатна борба против лажни вести и манипулации“, заедно со своите партнери во светот, а најавени се преиспитување на и протоколите за комуникација со високи претствници од странство, кои овој пат не биле користени, што е причина повеќе поради која била сторена измамат врз Заев.

„Пранкерското“ шоу на добро органзираните измамници кои се нарекуваат комичари и шегаџии и зад кои според сомневањата и на дел од руските и на светските медиуми стои Кремљ и руските служби за безбедност, носат уште еден агол на посматрање на политичката сцена во Македонија.

Ова на што бевме сведоци е само континуитет, иако со мала модификација на техниката, на политичката реалност во Македонија која е на сцена од февруари 2015 година и во која јавноста постојано е сведок на политички пресметки преку објавување на нелегално снимани телефонски разговори. Ова своевидно воајерско – егзибиционистичко шоу во кое не по своја вина е вплеткана македонската јавност, упатува на итна потреба на преразгледување на целата материја на заштита на приватноста, безбедноста на комункациите и нивно третирање во казнено-процесното право, на што повикуваат и експертите и во најновата анализа на „Мета.мк“.

 

(преземено од: Мета.мк)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.