Анализа: Јавниот долг под напон – какви кредити зема Владата?

Пишува: Анета Додевска

Само за две години по основ на три наменски кредити, Владата ќе ја задолжи државата со 335 милиони евра. Овие задолжувања, главно земени преку Европската банка за обнова и развој ќе завршат за изградба на патишта и на гасификација. Дополнително, државата ќе се задолжи и со нови 500 милиони евра, заем со кој Владата ќе го покрива минусот во државната каса, односно ќе ги финансира тековните буџетски трошења. За пет години, вкупниот Јавен долг се зголеми за две милијарди евра и од од 27,2%, колку што изнесуваше во 2010 година, сега достигна ниво од 3,9 милиајрди евра или 43,9% од БДП.

Задолжување по основ на Еврообврзница – 500 милиони евра..

Владата донесе одлука, кусокот пари во државната каса догодина ќе се финасира преку задолжување од странство. До крајот на 2015 та година ќе издаде нова Еврообврзница во вредност од 500 милиони евра. Рокот за отплата е 10 години, а ќе се издаде преку претставништво на Дојче банка во Лондон..Еврообврзницата ќе котира и со неа ќе се тргува на Ирската бeрза за хартии од вредност..

“Еврообврзницата се издава за буџетска поддршка во 2015 и 2016 година и за рефинансирање на обврските што достасуваат за отплата на државниот долг на Македонија. Вкупната номинална вредност на еврообврзницата изнесува до 500 милиони евра или против вредност во американски долари. Министерството за финансии плаќа камата на еврообврзницата еднаш годишно“, пишува во одлуката на Владата објавена во службен весник.

Ова задолжување од странство Владата го најави со Буџетот за 2016 година, но според дел од економистите, проблематични се две прашања : прво, висината на задолжувањето и второ, темпото со кое Владата го зголеми Јавниот долг.

Кредит од “Дојче банка“ и “Ерсте банка“ за гасификација – 90 милиони евра…

Кредитот во висина од 90 милиони евра што Владата ќе го земе од “Дојче Бнака“ и “Ерсте Банка“ е во групата на поголеми наменски задолжувања за годинава. Парите треба да завршат за финансирање на гасификацијата по делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар”. Според објавениот Договор за заем, рок на отплата на кредитот изнесува 7 години со вклучен грејс период од 3 години. Камтната стапка ќе се утврдува на денот на потпишвање на Договорот. Сепак, токму ова задолжување, кое Владата го оцени како клучно за реализација на инвестициите во енергетскиот сектор, според опозицијата беше оценето како штетно.

„Со ова задолжување, државата на камати ќе потроши повеќе од 10 милиони евра. А, одбивањето на Владата да соработува со Светска банка за да се добие кредит со поповолни услови има една друга цел, и тоа се гледа самиот закон, каде има член со кој овие пари ќе може да се трошат за буџетска подрршка. Ставрески со овој потег единствено сака овие средства да ги троши за корумпирање на гласачите на изборите што следуваат во април“, оценува Кире Наумов, претседател на Комисијата за финансирање во СДСМ.

Како дополнителни трошоци за овој кредит се наведуваат: плаќање на еднократна провизија во износ од 1,50% по склучување на Договорот за заем, а пред првото повлекување на средства и на износот на неповлечените средства од заемот ќе се плаќа провизија во износ од 2,47%.

Кредит од ЕБОР за патната делница Штип – Радовиш – 64 милиони евра..

Во октомври финишираа преговорите за уште едно задолжување што се брои во дестици милиони евра. Владата од Европската банка за обнова и развој ќе позајми 64 милиони евра, наменски кредит за изградба експресниот пат од Штип до Радовиш во должина од 39 километри и ширина од 11,4 метри.

“Овој проект е дел од политиката на Владата за подобрување на квалитетот на патната инфраструктура во Република Македонија. Носител на проектот ќе биде ЈП за државни патишта. Проценетата вредност е 64 милиони евра. ЕБОР е во постапка да обезбеди неповратни средства во износ од 625 000 евра за ангажирање на консултанти кои ќе помагаат на Јавното претпријатие при имплементација на проектот“, посочуваат од Владата.

Заемот е со рок на отплата од 15 години.  ЈП за државни патишта ќе и плати на ЕБОР еднократна провизија во висина од 1% од износот на заемот и провизија во висина од 0,5% од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво

Кредит од ЕБОР за патот Штип- Кочани – 181 милиони евра..

Лани Владата од Европската банка за обнова и развој потпиша Договор за заем од 160 милиони евра, но во јули годинава оваа сума ја зголеми за нови 21 милион евра, со што овој кредит за изградба на патната делница Штип-Кочани достигна 181 милион евра. Носител и на ова задолжување е ЈП за државни патишта, а парите се дел од Програмата за национални патишта.

Дополнителните средства, како што информираа од Владата, се потребни за финансирање на новиот експресен пат во должина од 28 км помеѓу Штип и Кочани. Имено, наместо реконструкција и рехабилитација на постојниот магистрален пат било одлучено тој да биде полуавтопатско решение – експресен пат.

Јавниот долг – во фокусот на есенската прогноза на ЕК..

Темпото на раст на долгот, но и создавањето на долгови на јавните претпријатија беше дел и од Еконосмката есенска прогноза на ЕУ.

Според официјален Брисел, среднорочната фискална стратегија на македонската Влада, се оценува како премногу оптимистичка.

„Со предлог-буџетот за 2016 година, кој ќе се реализра во изборна година, се предвидува зголемување на вкупните расходи за речиси пет отсто, што е рефлексија на дополнителните зголемувања на пензиите, социјалните трансфери и платите во јавниот сектор. Во двете години, веројатно е дека општиот владин дефицит ќе расте повисоко отколку што се очекуваше претходно. Со амбициозниот распоред на јавни инфраструктурни работи, потребите за финансирање на Владата и на државните претпријатија, особено на Јавното претпријатие за државни патишта, најверојатно ќе остане на високо ниво“, се посочува во прогнозата и се вели дека ефикасноста на наплата на јавните приходи останува на ниско ниво.

За пет години, вкупниот Јавен долг се зголеми за две милијарди евра и од од 27,2%, колку што изнесуваше во 2010 година, сега достигна ниво од 3,9 милиајрди евра или 43,9% од БДП.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција