АНАЛИЗА: Како се собирал и трошел Буџетот на општина Струга?

Струга, Дрим. Фото: Википедија

 

Со вкупен Буџет од 14,2 милиони евра, општина Струга е во групата на локални самоуправи кои располагаат со средни буџетски средства, од кои најголем дел или 9,4 милиони евра се очекуваат да се обезбедат од дотации, односно од трансфери од централно на локално ниво, пишува економската анализа на Portalb.mk

 

 

Според полугодишниот Извештај за извршување на Буџетите на единиците на локалната самоуправа, најголем дел од расходите на општина Струга завршуваат за исплата на плати и придонеси, но и „други градежни работи“.

 

Расходи – најмногу пари за плати и надоместоци

 За исплата на плати, општина Струга за годинава испланирала вкупен Буџет, по сите основи ( основен буџет, донации, дотации) во вредност од 5,7 милиони евра, а заклучно со првиот квартал биле потрошени 2,8 милиони евра или реализацијата изнесува 48,7%. За придонеси за социјално осигурување, локалната власт планирала 2,1 милион евра, а потрошила 48,7% од парите или 1,0 милион евра.

Трета по вредност буџетска ставка е „други градежни објекти“, при што со вкупниот буџет за оваа намена биле планирани скоро 1,9 милиони евра а потрошени се 566.270 евра заклучно со првото економско полугодие, што е остварување од 30 отсто.

Преку ставката „разни транфери“, според  полугодишниот Извештај за извршување на Буџетите на единиците на локалната самоуправа, планирано е да се потрошат 470.000 евра, а за шест месеци се потрошиле само 9% од планираните расходи или сума од 42.100 евра.

За патни и дневни трошоци на годишно ниво е планирано да се потрошат 42.000 евра, а заклучно со шестиот месец се потрошиле 9.300 евра или 22,2% од парите проектирани за оваа намена.

Годинава за комунални услуги, греење и транспорт, општина Струга со вкупниот буџет проектирала расход од 1 милион евра, а на крајот на јуни биле потрошени скоро 500.000 евра. За купување опрема и машини годинава било планирано да се потрошат 43.400 евра, а за половина година се потрошиле скоро 5.000 евра, што претставува 11% реализација во однос на планот.

За првото економско полугодие општина Струга воопшто не потрошила пари за купување на автомобили, но со Буџетот за оваа намена е планирана сума од 100. 000 евра.

 

Приходи – најголем дел од парите се чекаат од дотации

Најголем дел од приходите, општина Струга ги очекува преку ставката “трансфери од други нивоа на власт“, па така на годишно ниво по овој основ во општинската каса проектирано е да се слеат 9,4 милиони евра, а заклучно со јуни преку оваа ставка пристигнале 4,4 милиони евра. Најголем дел од парите обезбедени преку дотации завршуваат за исплата на плати во образованието. Една од поголемите по вредност буџетски приходни ставки е „даноци на специфични услуги“ од кои се планирани приходи во висина од 2,0 милиони евра, а се собрале 612.000 евра што претставува остварување од само 29,6%.

Повисока реализација има кај приходите од данок на доход. Општина Струга планирала годинава по овој основ да обезбеди приходи во вредност од близу 94.000 евра, а заклучно со јуни биле собрани 45.000 евра. За половина година, општина Струга успела да наплати само 38,4% од парите што планирала да ги собере на годишно ниво од данок на имот, па така, планот бил  по овој основ да се обезбедат 1,2 милиони евра, а за шест месеци биле наплатени 490.000 евра. Од „продажба на земјиште и нематеријални волжувања“ на локално ниво биле планирани приходи од 900.000 евра, а се собрале само 20,5% или 185.300 евра.

Од глоби, судски и административни такси општина Струга планирала да обезбеди 45.500 евра, а за половина година во овој основ се наплатиле скоро 22. 000 евра. Оваа општина, поради слабата финансиска кондиција не може навреме да ги сервисира обврските за греење, поради што изминатите години дел од училиштата останува без греење среде зима.

Финансиските проблеми испливаа на површина и со локалните избори, пришто Државната изборна комисија поради блокирана жиро сметка на општинската изборна комисија во Струга, и во уште дест други општини, додели средства за да може да се спроведат тековните активности поврзани со изборите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција