АНАЛИЗА: Кои компании и по каков основ ќе добиваат државни пари?

Фото Принтскрин

Државна помош за нововработени ќе добијат инвеститори кои ќе исплаќаат плата која е повисока за 50% од минималната нето плата. Најголем дел од вработувањата ќе бидат условени од повеќе фактори – пред сè да се регрутираат луѓе кои доѓаат од стечајни фирми или компании што се ликвидирани или повеќе месеци да се на списокот на невработени. Финансиска поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес ќе можат да добијат фирми чија инвестиција ќе се движи од 4 до 20 милиони евра, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk . Владата ги менува правилата за “игра“ на инвеститорите,  но дел од економистите упатуваат на неколку слабости, нова форма на дискриминација и косење на предложеносто законско решение со други закони што ја регулираат државната помош.

 

НОВ ЗАКОН ЗА „ГОЛЕМОТО СТОПАНСТВО“

Притисокот за зголемена транспарентност и отчетност поврзана со трошење на државни пари за поддрша на странски инвестиции резултираше со нова регулатива. Во тек е дебата за Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Се прецизираат условите, динамиката и критериумите за доделување државна помош, и се обелоденува максималниот износ на сумата за едно ново вработување.

Максималниот годишен износ на финансиската подршка од ставот кој може да се додели за едно ново вработување изнесува 4.400,00 евра. Финансиската подршка може да се доделува за временски период подолг од пет години сметано од денот на склучување на договорот за вработување – наведува креаторот во предлог законското решение.

Меѓудругите услови, државна помош ќе добија фирми во кои 75% од нововработените лица исполнуваат некои од следните услови: најмалку 3 месеци пред вработувањето да не биле во работен однос, најмалку 12 месеци пред вработувањето да не биле вработени кај корисникот на финансиската подршка или во поврзан деловен субјект, прв пат засноваат работен однос, последниот работен однос им  престанал поради отварање на стечајна или ликвидациона постапка  или непосредно пред вработувањето бил вработен во јавна или државната администрација.

Предлог законот ги дефинира и инвестициите кои се од значителен економски интерес за државата а во нив спаѓаат вложувања од 4 милиони евра со најмалку 300 нови вработени до 20 милиони евра. За овој вид инвестиции предвидени се серија на ослободувања, меѓукои и следниве:

Ослободување од плаќање (алтернативно поврат на платен) персонален данок на доход. Ослободување  од плаќање (алтернативно поврат на платен) данок на добивка. Парични средства во износ до 10% од реализираниот износ на инвестицијата (материјални и нематеријални средства) предвиден со договор, но не повеќе од 1.000.000 евра и  парични средства во износ од 2.000 евра за секој вработен за кој е исплатена нето плата од најмалку 18.000,00 денари за деловен субјект кој вработува до 300 лица.

Сумирано, државната помош за една фирма не може да надмине 50% од вкупната вредност на инвестицијата.  Законот веќе е на увид на бизнис заедницата. Испорачани се и првите забелешки и сугестии. За дел од стопанствениците, предложеното законско решение не е во прилог на малите и средни бизнис. Од Стопанската комора на северозападна Македонија дадоа препораки во неколку точки,  да се прошири листата на секторите кои имаат голем потенцијал за развој на економијата, да се работи паралелно на законот и на потребните прописи за негово спроведување, да се направи координација со другите надлежни органи за да се отстранат евентуалните судири со другите закони, да се обезбедат конкретни мерки за компаниите од руралните средини.

Овие забелешки ги даваме бидејќи сакаме да се вклучиме во јавната дебата за законот и да стимулираме дебата за законот што го оценуваме како многу важен. Ние сме коректори на економските политики и остануваме посветени да ја помагаме државата во економскиот развој и раст – изјави за Portalb.mk  извршниот директор на СКСМ Дриљон Исени.

Со оглед на тоа што малите и средни бизниси апсорбираат повеќе од 85% од вкупниот број на вработени, многу е значајно како тие се третирани со ваквото законско решение и колку државата се грижи за нивниот опстанок, вели економистот Горан Рафајловски.  Смета дека сегашното решение е за поддршка на „големото стопанството“.

Сметам дека работата некако е наопаку поставена. Според мене таргет треба да бидат малите фирми, кои тешко доаѓаат до финансии, до банкарски гаранции, кредити. Практично сега даваме помош на “големото стопанство“. Од овој аспект сметам дека се водат дискриминаторски политики– вели консултантот Рафајловски.

Од Владата велат дека малите бизнис ќе бидат приоритет на економските развојни политики и дека се креираат мерки со кои ќе треба да се подобри и зголеми соработката меѓу странските и домашните фирми, особено оние помалите.

Економската логика ќе ја обезбедиме со имплементација на мерките. Во планот за економски раст креиравме мерка преку која директно ја стимулираме соработката помеѓу странските и домашните компании. Доколку некоја странска компанија изврши набавки за производството во висина од 15 отсто од вкупните набавки од македонски компании, Владата ќе обезбеди директна финансиска поддршка во висина од 1 отсто од вкупно направените набавки на компанијата  изјави неодамна вицепремиерот Кочо Анѓушев.  

Економистите упатуваат и на можни други “замки“ во предложеното законско решение за доделување државна помош на домашни и странски инвеститори.  Од Владата посочуваат пак дека со новото законско решение ќе се обезбеди еднаквост на компаниите, пришто со поддршка на иневститорите ќе се влијае на раст на вкупната економија. Доделувањето на финансиска поддршка досега беше уредено со Законот за технолошко индустриски развојни зони и со Законот за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извоз.


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.