АНАЛИЗА: Крипто-валути: од желба за брза заработувачка, до колапс!

Namecoin, Cryptocurrency Art Gallery. Фото: flickr, 2011

Во Македонија, на граѓаните законски им е забрането вложување на странски берзи и поседување на сметки во странски банки, но не е мал бројот на луѓе кои вложија во купување на виртуeлни “пари“, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. На почетокот од годината се случи вистински колапс на пазарот со крипто-валути, чија вредност се преполови, а некои од нив и целосно се урнаа

Не се оптимистички проценките на светските економисти за судбината на крипто валутите, меѓу кои и на биткоинот. Во Македонија, на граѓаните законски им е забрането вложување на странски берзи и поседување на сметки во странски банки, но не е мал бројот на луѓе кои вложија во купување на виртуeлни “пари“, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. На почетокот од годината се случи вистински колапс на пазарот со крипто-валути, чија вредност се преполови, а некои од нив и целосно се урнаа.

 

ПО ДЕКЕМВРИСКИОТ ПИК – УРИВАЊЕ НА БИТКОИНОТ…

Генерално, за крипто-валутите, можам со сигурност да кажам дека ќе имаат лош крај. Кога и како ќе се случи не знам, но ќе имаат лош крај – вели Ворен Бафет, еден од најбогатите луѓе на светот, човек кој ја носи титулата на топ инвеститор.

Вртоглавиот пад на вредноста на најпопуларниот биткоин, кој се случи во јануари, финишираше со цена од 9.966 долари на крајот од претходната работна недела. Според податоците што ги анализираше “Порталб“, од 100 крипто валути повеќе од половината сè уште имаат „црвен предзнак“, односно вредноста им е во пад. Престижниот “Блумберг“ напиша: „Јануари беше месец на страдање за инвеститорите во крипто-валути“. Имено, на последниот ден во јануари биткоинот изгуби повеќе од 50% од својата вредност во однос на пикот во декември и од 20.000 долари се спушти на под 10.000 долари за еден биткоин.

Има многу паника на пазарот. Луѓето прават сè за да ги повлечат своите пари – изјави Чарлс Хајтер, основач на „Cryptocompare“, која инвестира и во крипто-валути.

Драматичниот пад на вредноста на крипто-валутите се случи по најавите за можни рестирикции во трговијата со дигиталните пари. Вакви сигнали пратија Јужна Кореја и Кина, а за слично законско решение се размислува и во САД.  За иднината на крипто валутите, за нивната регулација и глобална координација се очекува да се расправа на претстојниот самит  Г20 кој ќе се одржи во март во Аргентина.

 

КРИПТО-ВАЛУТИТЕ – КОМАР СО ГОЛЕМ РИЗИК?

Законската регулатива во земјава не дозволува македонските граѓани да вложуваат на странски берзи. Забрането е и поседување на сметки во странски банки. Оваа регулатива од старт го ограничува легалното поседување на крипто-валути, тоа е дури и санкционирано, односно казниво по закон, велат економистите.

Со Законот за девизно работење се санкционира вложување на странски бези и поседување на сметка во странство. Ова важи се додека не помине втората фаза од Договорот  за асоцијација и стабилизација со Европската унија, а таа поради спорот за името од Грција, сè уште е заглавена, вели економистот Павле Гацов и додава:

Крипто-валутите се имагинарни пари. Зад имагинарните пари стојат имагинарни лица со имагинарен имот и такви финансии. Токму имагинарноста ги прави ранливи овие валути. Зад нив не стои ниту една светска економија, ниту некаков авторитет, односно регулатор. Имено, приватни лица и приватни интереси се поврзани со овие валути и нивната вредност е зависна од тие лица и нивните интереси. Вредноста на крипто-валутите не е подложна на регулација од монетарни авторитети и затоа е нестабилна, односно тие се предмет на финансиски шпекулации и затоа имаат вредност која лесно и брзо се менува. Вредноста зависи главно од движењето на страната на побарувачката за оваа валута и речиси од ништо друго познато на заинтересираната јавност.

Законски е ограничено, но премолчено, има граѓани кои поседуваат крипто-валути. Не е исклучено дека меѓу нив се и познати личности. Дел од експертите велат дека вложувањето во дигитална валута е детерминирано од повеќе фактори, бидејќи се работи за нестабилен, нерегулиран, односно шпекулативен пазар, пришто самото вложување во виртуелни валути се поистоветува со комар со визок ризик.

За разлика од националните и меѓународно прифатените конвертибилни валути, чија вредност се брани, односно се управува од страна на монетарни власти на одделни земји, вредноста на крипто-валутата не може да се брани со вакви организирани монетарни механизми. Нејзината вредност, всушност, претставува кајче кое е затечено во силна поморска бура, без објективни процени за исходот. Овие валути немаат иднина, барем засега. Ова ќе важи сè додека зад нив не застане организиран меѓунарореден финансиски систем или една односно повеќе економски силни земји. Засега ваква можност не е ниту на повидок – вели Гацов.

Во пикот на „брзата заработувачка“, кога цената на крипто валутите почна да расте заедно со информациите дека и македонски граѓани посегнаа по купување на дигиталните монети, со предупредување излезе Народната банка.

Поради рапидното зголемување на интересот за инвестирање во виртуелните (крипто) валути, нивната цена многу брзо расте, а финансиско средство чија вредност многу брзо се зголемува станува шпекулативно, односно меур кој порано или подоцна ќе пукне –  посочија од НБРМ.

Различни беа толкувањата во јавноста за ваквите законски рестирикции, со оглед на тоа што во земјите од Европа, освен во Македонија и Албанија, крипто-валута може да се купи онлајн, со картичка. Во Приштина, на пример, постојат специјални банкомати од каде можат да се купат крипто-валути.

И покрај тоа што во рамите на Европа и пошироко не е доведена во прашање легалноста на дигиталните валути, тие остануваат “ризичен финансиски терен“ за оние кои ќе одлучат да вложат во нив.

Тргувањето со дигиталните валути се врши преку платформи кои најчесто не се регулирани и чиишто правила за работење се предмет на чести измени, па дури и запирање со работа без најава, ниту објаснување. Не постои никаква правна заштита за средствата кои се вложени преку овие софтверски платформи, ниту пак постои механизам за обесштетување на клиентите, како што е тоа случај со депозитите вложени во банка. Купените крипто-валути се чуваат на виртуелна сметка или т.н. дигитален паричник, кој е и најчеста мета на хакерските напади, што може да предизвика директна загуба за вложувачите – објаснија од НБРМ.

На почетокот на 2010 година цената на еден биткоин изнесуваше 0,003 долари, а денес изнесува 10.000 долари.  По вртоглавиот пораст се случи и вртоглав пад, што потврди дека сè уште се работи за шпекулативен пазар каде речиси е невозможно да се предвидат очекувањата, коментираат економистите. На последниот работен ден од минатата недела, биткоинот покажа раст, но во црвено беа обоени повеќе од 50- на други крипто валути. Така, Litecoin падна за 6,29%, Zchas за 1,90%, а Maker за 1,62%. 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција