АНАЛИЗА: Мали жртви за големи реформи кои треба да донесат стабилни пензии

Фото: Борче Поповски

 

Пораст на стапките за придонеси, нова методологија за усогласување на сегашните пензии, но и за пензиите на идните пензионери. По препораките и предупредувањата на домашната експертска јавност и странските меѓународни финансиски институции, Владата од почетокот на годинава започна да го спроведува пакетот на мерки кои треба да бидат вовед во подлабока реформа на Реформата на пензискиот систем, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. „Жртва“ ќе треба да дадат сите – бизнисмените, вработените и пензионерите. Целта е да се обезбеди стабилен пензиски систем за исплата на редовни пензии и за сегашните и за идните пензионери.

 

Пишува: Анета Додевска

 

„ИСТОРИЈА НА БОЛЕСТ“ НА ДРЖАВНИОТ ПИО 

Во пакет со реформата во пензискиот систем во 2007 година кој значеше воведување и на приватен пензиски столб тогашната власт направи и дополнителни потези – стапките на придонеси кои требаше да стимулираат нови вработувања се намалија, а пензиите растеа линеарно – секоја година, и во години кога економијата испорачуваше незадоволителни резултати. Овие фактори според економистите придонесоа за влошување на веќе нестабилната позиција на државниот пензиски систем. Дупката за фондовската каса од година во година растеше и така, за една деценија дефицитот во ПИО се заголеми за 150% со што сега изнесува околу 310 милиони евра – пари кои се покриваат од Буџетот. Како што растеше дефицитот – така растеше и зависноста на ПИО од централниот Буџет. Годинава за редовна исплата на пензии се потребни 917 милиони евра, а голем дел од средствата ќе се покријат од Буџетот.

Лани, за исплата на пензии се потрошиле 832 милиони евра  што е за 41 милион евра повеќе од 2016 година. Фрапантни се податоците дека во 2000 година дефицитот бил 65 милиони евра, а сега надмина 400 милиони евра.

Сумите за редовна исплата на пензии ќе растат заедно со бројот на нови пензионери. „Порталб“ веќе објави дека во 2020 година ќе бидат потребни 968,5 милиони евра, а  во 2021-та година овој износ ќе надмине 1 милијарда евра. Од друга страна ќе расте и бројот на пензионери – само на годишно ниво или во 2019 г. во однос на лани, бројот на пензионери ќе се зголеми за нови 4.082. Проекциите што ги  изработи државниот фонд покажуваат дека во 2021 година во Македонија ќе има повеќе од 335.000 пензионери.

 

РЕФОРМА НА РЕФОРМАТА – ПРВИ ЧЕКОРИ ЗА ФИНАНСИСКА СТАБИЛНОСТ НА ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ

По препораките на странските меѓународни институции, но и по предупредувањата на домашната експертска јавност дека сегашниот пензиски систем не е одржлив и дека се доведува во прашање редовната исплата на пензии во идно време – власта посегна по реформи. Првите чекори се направени. Но, според креаторите на политиките ова е само вовед во подлабоки промени кои треба да обезбедат одржливост на пензискиот систем најмалку во следните 50 години.

„Порталб“ ги селектираше мерките кои беа направени, како дел од пошироката најавена реформа. Еве со кои промени започна реформата:

  • Придонесите на плата се зголемија за 0,5 проценти, од нив 0,4% се однесуваат на придонеси за пензиско осигурување, а 0,1% за здравствено осигурување. Според најавената динамика, овие стапки ќе растат и во следните години.
  • Сите оние кои се родени до 1.01.1967 година ќе може да се вратат и да добиваат пензија само од првиот столб – ПИО.
  • Сите оние вработени кои користат бенефициран стаж да се вратат и да користат пензија само од прв столб.
  • Воведување на социјална пензија која ќе ги опфати граѓаните кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години. Таа ќе изнесува 40% од просечната исплатена пензија.  Според првичните пресметки социјалната државна пензија ќе изнесува близу 90 евра. Симулацијата покажува дека за исплата на оваа сума на 20 000 луѓе, секој месец ќе бидат потребни по 1,8 милиони евра што на годишно ниво значи финансиска импликација од 21,6 милиони евра.
  • Се зголемува  процентот на пресметка на пензиите во двостолбниот систем. За мажи процентот се зголемува од сегашните 0,75 на 1 процент, а за жени од 0,86 на 1,14 проценти – што би требало да резултира со зголемување на делот од пензијата – заштедата во вториот приватен столб.
  • Пресметка на пензиите врз оснава на пораст на трошоци (два пати годишно) и врз основа на раст на БДП, доколку стапката на економски раст надмине 4%.

Со целиот овој пакет на мерки, според Владата треба да се отвори пат за одржлива финансиска состојба на вкупниот пензиски систем, пред сè намалување на длабоките минуси во државниот ПИО.

Со цел постепено стабилизирање на пензискиот систем и обезбедување на негова одржливост, со Буџетот за 2019 година планирано е зголемување на стапките на социјалните придонеси и тоа зголемување на стапката на придонес за пензиско и инвалидско осигурување за 0,4 процентни поен и зголемување на придонесот за здравствено осигурување за 0,1 процентен поен. Позитивните ефекти од порастот на придонесите во буџетите на соодветните фондови изнесуваат околу 1,1 милијарди денари. Дополнително на ова, планирани се мерки со цел решавање на проблемот со нееднаквоста на пензиите на сегашните и идните пензионери и решавање на проблемот со нерамноправна распределба на осигурениците во двостолбниот пензиски систем – се наведува во буџетскиот документ.

 

Економистите подолго време предупредуваа дека со сегашната поставеност на вкупниот пензиски систем, одржливоста е на „стаклени“ нозе и дека во догледно време реформите ќе бидат неизбежни.

Сите чинители во нашето општество, вклучително и носителите на политиките, се согласни дека на ПИОМ му е потребна реформа. Да ги потсетам читателите дека и премиерот изјави дека доколку е неопходно, ќе прибегне кон зголемување на границата за пензионирање. Оваа состојба е предизвикана од тоа што пензиите – главниот расход на ПИОМ – беа зголемувани во минатото ад хок, а од друга страна, беа намалени пензиските придонеси – главниот приход на ПИОМ. Со таков тренд, сега сме во ситуација во која скоро половина од средствата ПИОМ ги добива од централниот буџет. Значи, пензии секогаш ќе има, бидејќи централниот буџет никогаш нема да пресуши, меѓутоа одржливоста на фондот е значително загрозена поради опаѓачкиот тренд на неговите изворни приходи – изјави за „Порталб“  професорот Марјан Петрески.

Во Македонија  соодносот вработен – пензионер изнесува 2 спрема 1, односно на секои двајца  вработени има еден пензионер, што не е во согласност со европските стандарди и се смета за неодржлив тренд.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.