АНАЛИЗА: Нова епизода на политичка криза – каде чекори економијата ?

Фото: Nick Youngson

 

Зачувување на политичката стабилност, а со тоа и на економската, ќе биде клучен предизвик во периодот што следува, со оглед на тоа што аналитичарите прогнозираат нова епизода на политичка криза. Нивните коментари кои се во насока дека честите избори и политичката криза значително влијаат врз економијата, прочитајте ги во неделната економска анализа на Portalb.mk.

 

Пишува Анета Додевска

Нова политичка криза ќе ја потoне економијата која се обидува да закрепнe по минатогодишниот изборен циклус и длабоката политичка неизвесност – коментираат економисти за „Порталб“ откако не беше постигнат цензус на референдумот и се најавија нови можни предвремени парламентарни избори.

Во исто време, Светска банка иако прогнозира економски раст од 2,5% годинава, предупредува  дека ваквите очекувања можат да бидат загрозени од  нарушениот реформски процес, под влијани на нов изборен циклус.

 

ПРОГНОЗИТЕ ЗАСЕНЕТИ ОД НОВА ПОЛИТИЧКА НЕИЗВЕСНОСТ

Зачувување на политичката стабилност, а со тоа и на економската, ќе биде клучен предизвик во периодот што следува, со оглед на тоа што аналитичарите прогнозираат  нова епизода на политичка криза.

„Продолжената политичка криза, а посебно последните случувања после референдумот (кој ја вклучува интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ како дополнителна варијабла) и најавата на нов изборен циклус ја става македонската економија помеѓу чеканот и наковалната – одложената инвестициона активност и скромното закрепнување на бизнис секторот кој ја очекуваше разврската од политичките збиднувања и европската иднина е повторно ставен во неизвесност и исчекување. Во овој случај ситуацијата е уште покомплицирана, имајќи предвид дека во овие услови воздржаноста на сите економски агенти ќе се зголемува, додека од друга страна ефикасноста на институциите како и економските мерки/политики кои беа преземани и се превземаат од страна на креаторите на политиките ќе ја намалуваат својата ефикасност“ – вели универзитетскиот професор Борче Треновски.

 

Сличен став има и бизнис заедницата.

„Земајќи го предвид фактот дека во пресрет на изборите секогаш се креира амбиент којшто влијаел врз бизнис климата и воопшто на економијата, ние како претставници на бизнис заедницата се надеваме дека нема да се креира амбиент на политички турбуленции или политичка криза. Евентуалната појава на криза би била катастрофална за веќе кревката економија на Македонија. Ние знаеме од минатите искуства  дека во случај кога постои политичка криза, таа неизбежно се рефлектира на економијата во негативен контекст“ – вели Милаим Амети од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Охрабрува прогнозата на Светска банка, која во новиот редовен Извештај за напредокот на економиите од Западен Балкан посочи дека годинава се очекува економски раст од 2,5%, со тенденција овие стапки да се зголемат и во наредните години. Сепак, ваквите очекувања можат да бидат загрозени од можните предвремени избори и незивесноста што ја носат.

„Ако ги гледаме проекциите за наредните неколку денови, тие и понатаму се позитивни и понатаму проектираме постепен раст до 2020 година до над три проценти, но постојат одредени ризици. Претпоставките за нашите проценки се базираат на забрзување на процесот на пристапување на ЕУ и моментот на реформите. Сега постојат прашалници поради можните избори и тоа може да го забави реформскиот процес“ – изјави за „Порталб“ Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во Македонија.

Нов изборен циклус по правило значи воздражаност на приватниот сектор а зголемени трошења во јавниот скетор, коментираат бизнисмените. Признаваат дека можните нови предвремени избори ќе влијаат на вкупниот економски раст.

„Политичката криза што беше присутна во Република Македонија имаше значајно влијание врз економскиот раст на земјата, т.е. во 2017  Република Македонија забележа раст од само 0,1%.  Ние како Стопанска Комора на Северозападна Македонија, сме потенцирале  дека  постигнувањето на проектираниот економски раст од 3,2% зависи од реализацијата на капиталните инвестиции, кои досега се на многу ниско ниво. Затоа сметаме дека  евентуалната нова политичка криза само дополнително  ќе го отежни или ќе го оневозможи постигнувањето на предвидениот економски раст од 3,2%“ – вели Амети од Комората на Северозападна Македонија.

 

ИЗБОРИТЕ ЗНАЧИТЕЛНО ВЛИЈААТ ВРЗ ЕКОНОМИЈАТА

Честите изборни циклуси и вкупниот амбиент пред и по нивното одржување значјно влијаеа врз вкупната економија, беа причина за инвестициска апстиненција од една страна, но и за зголемени буџетски трошења од друга страна, велат економистите. Професорот Треневски од Економскиот факултет учествувал во анализа на политичкиот бизнис циклус во Македонија, односно дали во предизборниот циклус политичарите со помош на фискална гимнастика во буџетот влијаеле на перцепцијата на гласачите.

„Периодот кој го анализиравме беше 8 години, односно од 2007 година до 2015 година, каде што се одржаа дури 5 избори (3 парламентарни избори и 2 локални избори со гласање во два круга). Резултатите ја потврдија тезата дека во Македонија има силни елементи на политички бизнис циклуси – односно се потврди сигнификантното влијание на изборните циклуси (ефект пред изборите) врз: зголемувањето на БДП, зголемување на расходите, дефицитот, јавната потрошувачка, другите трансфери/субвенции, социјалните транфери и капиталните расходи, како и намалување на јавните приходи (помалку казни, надоместоци, даноци). Ова е особено важно имајќи го предвид големото влијание на државата на економските живот во Македонија преку низа политики и мерки, што дополнително го затега триаголникот помеѓу државата, политиката и економските субјекти, притоа стеснувајќи го простор за приватниот сектор и самостојната приватна иницијатива“ – објаснува  професорот Треневски.

По одржување на рефрендумскиот исход на 30 ти септември, дел од политичките аналитичари оценија дека периодот што следува носи нова политичка неизвесност. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека нема да поддржи уставни измени, со што на сцена стапува втрото сценарио – предвремени парламентрани избори. Покрај тоа, до година треба да се одржат и редовни претсдателки избори, затоа што истекува вториот мандат на актулениот претседател Ѓорге Иванов.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.