АНАЛИЗА: Новата 2019 – политички „жешка“, економски неизвесна година!

Фото: pixabay.com

 

Членство на Македонија во НАТО, претседателски избори, подготовки за почеток на преговори со Европската Унија – значајни политички пресврти ја чекаат земјата во оваа 2019 година, а нивната реализација ќе зависи и економскиот курс – како и каде ќе чекориме на економски план, коментираат аналитичари за „Порталб“, давајќи прогнози и оценки за тоа кои ќе бидат предизвиците и ризиците во новата година.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ЧЛЕНСТВО ВО НАТО, ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ ИЗБОРИ, ОПОЗИЦИСКИ ПРОТЕСТИ …

И во новата 2019 година економијата ќе биде во сенка на политиката. Очекувањата за членство во НАТО, претстојните претседателски избори и извесното мобилизирање на опозицијата во насока на засилени протести значајно ќе влијаат врз економскиот амбиент во земјава, смета професорот Мирољуб Шукаров.

Во наредната 2019 година може да се очекува дека ќе ескалираат политичките притисоци и анимозитети, токму заради претстојните редовни претседателски избори како и очекуваните заокружувања на Пржинскиот договор, конкретно ратификација на договорот од Пржино од страна на грчкиот парламент,  прием на Македонија во НАТО, официјално добивање на датумот за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија. Токму затоа најлутите политички противници ќе ја засилат сопствената политичка агенда со организирање протести, демонстрирање на моќ, подигање на сите облици на тензии, па и зголемување на присуство на застрашувачки информации во медиумите, особено на социјалните мрежи. Близината на претседателските избори политичките противници ги поимаат како голем тест за сопствената позиција и можност да се изборат за подобра позиција не бирајќи средства за тоа, често пати ставајќи ги интересите на земјата на втор план. Политичкиот анимозитет ќе ескалира и ќе има големо негативно влијание и врз економијата. Лично очекувам тешка 2019 година на политички, безбедносен и економски план – вели за „Порталб“ професорот Шукаров.

Дека политиката ќе ѝ пресуди на економијата и во оваа година, смета професорот Сами Бислими.

Ниту 2019 година нема да биде значајно поразлична од 2018 година. За да има некаква суштинска разлика потребно е промена на основите, односно да се знае  на кој капацитет се смета при проекцијата на надежта за подобрување на состојбите, за подинамичен економски раст и развој и подобрување на економската благосостојба во амбиент кога скоро ништо не е инвестирано во зголемување, односно проширување на производниот капацитет на домашната економија. Ветувањата ќе останат само желби доколку истите на се засноваат на некаква реална основа – вели професорот Бислими.

 

ВЛАДАТА ОЧЕКУВА ЕКОНОМСКИ УСПЕСИ – ДАЛИ ЌЕ ГИ ИМА ?

Намалување на невработеноста, пораст на платите, подобра бизнис клима и за домашните и за странските компании најавуваат креаторите на економските политики во 2019 -та. Новата година веќе започна со промена во даночниот систем – воведено е прогресивно оданочување. Во оваа 2019 та ќе се троши најгломазниот Буџет од 3,9 милијарди евра со кој е проектиран пораст на платите на буџетарите.

Ако 2018 година беше година на крупни реформи и поставување на темелите за еден подобар економски систем, 2019 треба да биде година во која веќе посериозно треба да се почувствуваат ефектите од овие реформи. Очекуваме платите да продолжат да растат и догодина, да се отвораат нови работни места, да се интензивираат инвестициите и да продолжиме со агендата со евроатланските интеграции – изјави министерот за финансии Драган Тевдовски на истекот од 2018 година.

Според Здраво Савески од „Левица“ во новата 2019 година не може да се очекуваат позначајни позитивни економски резултати, напротив – навестува ризици.

Прво, според тоа што и сегашната власт продолжи да продуцира дефицит во буџетот, продолжи да ги задолжува идните генерации – промени нема. А можеа, бидејќи проектираа приходи за следната година онолку колку што беа расходите за оваа година, да конципираат буџет кој, првпат по подолго време, немаше да содржи дефицит. Ама, не! Бидејќи сме биле средно-задолжена земја, тоа го сметаат за зелено светло да нѐ претворат во високо-задолжена земја! И трошењето на буџетските средства не индицира некоја позначаен исчекор. Загадувањето е едно од најгорливите проблеми? Порастот на буџетските средства е бедни 0,6% во споредба со 2017 година. За разлика од буџетските средства за интеграција во НАТО кои експлодираа за неверојатни 956% во однос на 2017 година. Тоа многу кажува за приоритетите на сегашната власт – вели Савески и додава:

 

Општо, значително порасна буџетот на Министерството за одбрана, а се намалени буџетите на Министерството за здравство и Министерството за култура. Намалени се и средствата за финансирање на дејностите од областа на културата и средствата за наука. Можеби единственото за поздравување е порастот на буџетските средства за надоместоците во социјалната област во буџетот на Министерството за труд и социјална политика. Но, со оглед на тоа што паралелно планираат да удрат по најсиромашните, спречувајќи ги пензионерите, социјалците и хонорарците преку продавање на пазар да врзуваат крај со крај во месецот, сериозно се поставува прашањето дали промените во даночната политика имаат за цел подобрување на животниот стандард на најсиромашните или прибирање на дополнителни буџетски средства, кои, да, ќе се користат за фрлање трошки и подобрување на имиџот, но и ќе завршуваат во приватни џебови.

Додека аналитичарите предупредуваат на ризици, власта оптимистички најавува успешна економска 2019 година. Дел од економистите се уверени дека сепак и 2019-та ќе биде условена од политички разрешеници.

Ризици ќе има и во 2019 година. Доколку не се успее во реализација на уставните промени, тогаш најверојатно ќе влеземе во една непосакувана состојба на можна изолација, без помош од западниот свет од една страна и  без доволно сопствен економски капацитет и финансиски средства за поттикнување на економскиот раст и развој, од друга страна. Не би сакал оваа опција да биде нашата реалност – вели професорот Бислими.

Македонија очекува дека во оваа 2019 година ќе го исполни клучниот политички критериум кој ќе ги деблокира евроатланските интеграции – примена на Договорот од Преспа преку промена на уставното име на земјата.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.