АНАЛИЗА: Референдум, ставови – ќе се постигне ли потребниот цензус? 

Фото: СДСМ, вебсајт

 

Во услови кога доминира кампањата на подржувачите на референдумот, а најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ одлуката како да постапат им ја препушти на граѓаните, според аналитичарите, можно е сценариото на успешен референдумски исход, и во однос на цензусот и во однос на бројот на граѓани што го подржуваат референдумот.

 

Пишува Анета Додевска

Аналитичарите за неделната економска анализа на Portalb.mk оценуваат дека во референдумската „математика“ значајни ќе бидат гласовите на албанскиот електорат. Исто така наведуваат дека дури и да не биде постигнат цензусот, огромниот број ЗА од тие што ќе иизлезат ќе наметнат морална поддршка за пратениците да гласаат за Уставните измени

 

ПОЗИЦИЈАТА НА ОПОЗИЦИЈАТА

 Партиите треба да критикуваат, но и да нудат решенија. Тоа што водечката опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ остави на граѓаните сами да оценат како ќе постапат на 30 ти септември е политичка неодговорност која ќе повлече и одговорност, смета аналитичарот Марко Трошановски од Инстиутот за демократија „Соцеатас цивилис“.

„Отсуството на став, кај ВМРО-ДПМНЕ можеби е практично решение на краток рок, гледано низ призма на партиските интереси, бидејќи со оглед на поделеноста во партијата секој конкретен избор е губитнички во одредена мера. Така што, немањето став, ако не друго, барем ќе ги амортизира притисоците од внатрешните фракции. Сепак, отсуството на став, гледано низ призма на улогата која би требало да ја има една политичка, но и опозициска партија во демократски систем,  е неодговорно стојалиште. Партиите треба да критикуваат, но и да даваат решенија, да ги насочат граѓаните и да им понудат решенија за нивните проблеми. Впрочем затоа и постојат“ – вели Трошановски за „Порталб“.

Во пик на рефрендумската кампања, странските претставници, паралено со средбите со државниот врв, се среќаваат и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, при што од партијата, по сите средби го реафирмираат ставот дека ВМРО-ДПМНЕ ги подржува евроатланските интеграции на Македонија, но и дека партијата не го прифаќа  Договорот со Грција, оценувајќи го како штетен и капитулантски. Позицијата на “тивок бојкот“ што ја демонстрира лидерството на ВМРО-ДПМНЕ е очекувана во ситуација кога партијата се соочува со фракционизам, а дел од членството ќе покаже дека е позрело од водачите на денот на рефрендумот, вели Сулејман Рушити, поранешен политичар.

Најголемата опозициска партија е без конкретен став, пред се во однос на своето членство. Дали ВМРО-ДПМНЕ покажа конструктивност во целиот процес? Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ се најде во ситуација во која членството и гласачите се посвесни од лидерството и затоа немаат храброст да излезат против поради дневнополитички пи-ар. Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе сноси последици во однос на гласачкото тело ако не покаже конструктивност“ – вели Рушити.

Сличен став има и ПР експертот Гоце Пачемски.

„Од комуникацски аспект, однесувањето на најголемата опозициска партија токму за прашањето на Референдумот се насетуваше уште веднаш по потпишувањето на Договорт со Грција. Тие, по моја оценка, многу брзо го оценија Договорот како штетен, со што се ставија себе си во позиција да го критикуваат и Референдумот. Тоа создаде збунетост кај голем дел од граѓаните, со оглед на фактот што токму ВМРО-ДПМНЕ во минатото инсистираше граѓаните да бидат тие што ќе го имаат последниот збор. Се доби и впечаток во јавноста дека и во самата партија постојат две крајно спротиставени стуктури кои имаат различни стратегии како партијата би требало да се однесува и да комуницира со јавноста во врска со Референдумот. Се разбира, во целиот овој период, партијата беше под голем „притисок“ од меѓународниот фактор кој и јавно ја повикуваше најголемата опозициска партија да не го поврзува Референдумот со политичката битка за освојување на власта. Се чини, таквиот „притисок“ имаше значително влијание врз актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, па оттаму не треба да биде изненадување нивното одолговлекување со соопштувањето на ставот околу Референдумот, кој многумина го толкуваат и како извесна конструктивност во целиот процес, особено заради очекувањата на некои групи во партијата дека таа треба да се приклучи кон оние кои повикуваат на бојкот на Референдумот“ – вели Пачемски.

Отсуството на конкретен став, според аналитичарот Џенис Сулимани е показател дека партиските интереси се ставаат во пред план, пред интересите на граѓаните.

„И немањето став е став. И овој акт дава огледало за позицинираност за определено прашање. Значи и ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ е пример за тоа дека кај партиите, никогаш граѓанинот не е во преден план, иако партискиот лидер му се обраи на народот сам да одлучи како ќе постапи на референдумот. Би вреднувал сличен став, ако ВМРО-ДПМНЕ во изборен процес би излегла и би рекла, граѓани, гласајте според личен став не ви треба кампања“ – објаснува Сулимани за „Порталб“.

РЕФЕРЕНДУМСКИ ИСХОД – МАКЕДОНИЈА НА ИСТОРИСКА КРСТОСНИЦА

 Во референдумската „математика“, и за остварување на цензус и за обезбедување на подршка, значајни ќе бидат гласовите од албанскиот кампус – сметаат аналитичарите.

„Албанскиот електрорат е значан за сите процеси во нашата земја, па оттаму и за овој, јас би рекол историски момент за нашата земја. Ако се суди според досегашните објавени анкети на јавното мислење, токму гласачите Албанци во Македонија, во голем дел, најверојатно ќе бидат и пресудни за достигнување на високиот цензус неопходен за успех на рефередумот. Ваквото расположение кај албанскиот електорат во земјава се разбира ќе го искористат партиите, особено од опозицијата, со цел да ги унапредат своите позиции во наредните изборни циклуси“ – вели Пачемски.

Македонија несомнено е на историски крстопат, успешниот рефрендум ќе покаже дека сме созреана демократија, земја која е подготвена да се реформира и да чекори напред, вели Сулимани:

„Очекувам победа на демократијата. Успешен референдум, Успешен референдум ќе значи дека Македонија е модерна држава, спремна за големи политички сојузи, спремна за договори што асоцираат на мир, спремна за билатерални и мултилатерални односи, како во регионот така и пошироко“.

Во услови кога доминира кампањата за поддршка на референдумот а најголемата опозициска партија ги советува граѓаните сами да одлучат како ќе постапат на референдумскиот ден,  можно е сценариото за успешност на рефрендумот и со цензус и со поддршка – анализираа познавачите.

„Нашите истражувања покажуваат моментално расположение за излезност помеѓу 43-49% од гласачкото тело. Сето ова ја прави ситуацијата многу непредвидлива во контекст на остварување на референдумскиот праг, како критериум за успешноста на рефрендумот.  Сепак, со вака небалансирана кампања, т.е доминантно присуство на пораки за гласање, ценсузот е можно да се оствари. Тоа е најдобриот начин за да се зачекори понатаму, каков и да е исходот. Во спротивно, продолжување на процесот без остварен праг ќе биде основа за нови оспорување на волјата, етнички антагонизми, нови национализми итн. Вредно е да се укаже и дека договорот не ја гарантира Европската иднина на Македонија, но ја прави поизгледна од било која друга алтернатива и што е многу значајно и обезбедува на ЕУ конкретни механизми за менторирање на реформските процеси во Македонија за кои сами како општество не покажавме доволно интегритет во минатото, но и сега“ – вели Трошановски од Инстиутот за демократија “Соцеатас цивилис“.

За ралика од него, аналитичарот Сулејмани смета дека цензусот е тешко остварлив во сегашниот политичко-социјален контекст во кој се наоѓа земјата .

„Сметам дека референдумот нема да го постигне потребното мнозинство гласови, поради енормно големиот број на гласачи во однос на граѓани, но и поради иселеноста на луѓето последните пет години, но од тоталниот број на излезени ке има огромно мнозинство, со што пратениците ќе имаат морална поддршка да гласаат за усвојување на договорот“ – вели Сулејмани.

Референдумот треба да се одржи на 30 ти септември.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.