АНАЛИЗА: Регулаторната комисија за енергетика под лупа на ревизорите!

 

Проблеми со дозвола за употреба на објект во кој е сместена РКЕ, забелешки во однос на исплатата на трошоци за потрошено гориво, тужби од поранешни вработени – финансиските извештаи и работењето на Регулаторната комисија за енергетика под лупа на државната ревизија, пренесува анализата на Portalb.mk.

 

ИСПЛАТА НА ПЛАТИ, НАДОМЕСТОЦИ …

Отсуство на внатрешна финансиска контрола и недоволна кадровска екипираност регистрирале  државните ревизори во Регулаторната комисија за енергетика.

Не е воспоставена внатрешна финансиска контрола односно не е воведен систем на политики, процедури и активности на одговорното лице. Секторот за административни, финансиски и општи работи не е екипиран, нема назначено раководител и помошник раководител на секторот – пишуваат ревизорите и констатираат:

Поради необезбеден соодветен систем на финансиско управување и контрола постои ризик од погрешно прикажување на податоците во трговските книги и финансиските извештаи како и ризик од неправилности и недоследности во примена на законските прописи.

Во РКЕ во 2017 година се вршела исплата на плати на претседателот и членовите на комисијата врз основа на Колективен договор на РКЕ, што не било во согласност со законските прописи (Закон за енергетика) и за што немало донесено акт од Собранието на РМ, кое го бира претседателот и членовите на комисијата.

Со новиот Закон за енергетика донесен во мај 2018 година уредено е дека нето платата на претседателот и на членовите на комисијата на РКЕ не може да биде повисока од збирот на пет просечни месечни нето плати исплатени во земјава – наведува ревизорот.

Во деловните книги на крајот од 2017 година евидентирани се 2,6 милиони евра врз основа на исплатени средства за купување деловен простор во административниот објект „Јавна администрација – државни институции“.  Во овој објект во кој се сместени 6 институции, РКЕ на инвеститорот исплатил  2,5 милиони евра а околу 155.000 евра биле наменети за изработка на проектот.

По завршување на изградбата на објектот не е извршена квалитативен и квантитативен прием на објектот, изведувачот не доставил писмено известување до инвеститорите -координаторот дека работите по договорот се завршени, изведувачот не изготвил конечна пресметка за изведените работи пред поднесување на барањето за одобрение за употреба, но најдоцна во рок од 10 дена по завршување на работите, Заклучно со 30.09.2017 година примена е гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите со напомена дека истата е последна гаранција од изведувачот и доколку не се изврши технички прием на објектот, изведувачот нема да доставува банкарски гаранциинаведува ревизорот и посочува дека иако работите биле завршени во април 2017 година за објектот сѐ уште не бил направен технички преглед на градбата од страна на Комисијата формирана од надлежен орган – МТВ, не е издадено одобрение за употреба и не е извршено примопредавање.

До денот на ревизијата во објектот се сместени само 4 институции ( РКЕ, М-НАВ, АСО и КХВ), сѐ уште не се користат деловните простории на приземје, прв и втор кат, односно не се сместени останатите институции иако било наведено дека објектот е целосно во функција  – се наведува во ревизорскиот извештај.

Од сметката на Регулаторната комисија за енергетика во периодот од 2012 до 2017 година вкупно се потрошени средства за купување на деловни простории во вредност од 2,6 милиони евра, а со споредба на планираните средства на годишно ниво, ревизорите констатирале разлика од 2,2 милиони евра за непланирани – потрошени средства.

 

СУДСКИ СПОРОВИ …

По извршената ревизија утврдено е дека Регулаторната комисија за енергетика е дел од 4 судски спорови, два трговски и два граѓански спора со вкупна вредност од скоро 20 милиони евра.

Во тек се два трговски спорови поведени против РКЕ од поранешен носител на лиценца за производство, дистрибуција и снабдување  на топлинска енергија за надомест на штета во износ од 19,6 милиони евра. Во текот на ревизијата од страна на првостепениот суд за тужителот во двата трговски спора донесено е Решение за стечајна постапка – наведува ревизијата и посочува дека споровите се покренати во 2012 година.

Во однос на граѓанските тужби, во ревизорскиот извештај се посочува следново:

Во тек се два граѓански спорови поведени од двајца поранешни членови на регулаторната комисија против РКЕ за надомест на штета во износ од 187.000 евра поради разрешување од страна на Собранието на РМ.

За исплата на плати и надоместоци на вработените во РКЕ во 2017 година биле потрошени повеќе од половина милион евра. Ревизијата констатира дека се извршени исплати на патни трошоци на членови на комисијата по основ на надоместок во висина од 20% од цената на литар гориво за секој изминат километар на сопствен автомобил и надомест за патарини за кои нема донесено акт од страна на надлежното тело.

 

ЗАБЕЛЕШКИ ОД СТРАНА НА РКЕ ВО ОДНОС НА РЕВИЗОРСКИТЕ НАОДИ ..

Финансиските извештаи кои се под лупа на ревизорскиот извештај се одговорност на Димитар Петров, директор на РКЕ до 26 јуни 2018 година и Марко Бислимовски, директор на РКЕ  од 26 јуни 2018 година.

По одржаниот состанок со раководството на РКЕ примен е одговор во однос на Нацрт-ревизорскиот извештај. Во забелешките адресирани до ревизорите, од РКЕ, меѓу другото посочуваат дека  од 1 ви февруари 2019 година вработен бил помошник на раководителот во секторот за административни, финансиски и општи работи, а постапката за вработување на раководител била во тек, односно се одложила поради изборите. Регулаторите информирале дека извршиле усогласување на Статутот и актот за организација и систематизација со законските прописи. Во однос на новиот објект во кој е сместена РКЕ, од комисијата информирале дека имало повеќе обиди постапката за добивање на одобрение за употреба да се реализира, но таа сѐ уште не е завршена, а барањето, според информациите од комисијата било доставено до Министерството за транспорт.  По ревизорските наоди за исплата на надоместоци од РКЕ информирале дека трошоците биле исплаќани врз основа на Одлука донесена од Регулаторната комисија од 2010 година.  Дел од забелешките биле делумно прифатени, дел се сметаат за информација, а дел биле отфрлени од страна ревизорите.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција