Андреј Жерновски: Законот е јасен дека секогаш мора да се постави државно знаме

И  покрај тоа што законот е многу јасен и дециден дека, покрај албанското знаме на јавните места секогаш мора да се постави државното знаме и тоа со поголеми димензии, досега, како што кажав, нема реакција од ниту една државна институција. [Датум: 26.11.2012 | Извор: А1он]

Образложение:

Во член 6 од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија објавен во Службен весник на Р.Македонија бр.58 /05 на ден 19.07.2005, стои дека:

(1) Во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата и се мнозинство во таа единица на локалната самоуправа, согласно со членот 2 од овој закон, доколку се истакне знамето на таа заедница, се истакнува и знамето на Република Македонија:

– при меѓународни средби, натпревари и други собири (политички, научни, културно-уметнички, спортски и други) на кои единицата на локалнатасамоуправа е организатор, учествува или е презентирана, во согласност со правилата и практиката на одржувањето на тие собири и

– при прослави, свечености и други политички, културни, спортски и сличниманифестации кои се од значење за единицата на локалната самоуправа.

(1) Во случаите од ставот, 1 на овој член, знамињата се истакнуваат

истовремено пред и во објектите во кои се одржуваат средби, натпревари, собири, прослави, свечености и манифестации.

Подоцна во 2011 година, во Измените и дополнувањата на законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, објавен во Службен весник на Р.Македонија бр. 100, на ден 25.07.2011 година, во член 8-а :

Знамето на Република Македонија се истакнува со други знамиња согласно со закон и е со поголема димензија од една третина од другите знамиња.

Прославата која што се одржа во салата Борис Трајковски на ден 24.11.2012 година, по повод 100 годишнината од албанското знаме и независноста на Албанија, беше организирана од страна на Националниот совет составен од Државниот универзитет во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа, Институтот за албанологија, Музејот на азбуката, Музејот на слободата, Културно информативен центар, Сојуз на албански наставници, Здружение на албански историчари, Албанска катедра на Скопскиот универзитет и други. Со националниот совет раководи македонскиот вицепремиер Муса Џафери. На централната прослава, според членот 6 од Законот за употреба на знамињата на заедниците, покрај албанското знаме мора да биде поставено и знамето на Р. Македонија, што не беше случај.

Што се однесува до другите настани кои претходеа, меѓу кои истакнувањето на албанското знаме во Општина Чаир, Кичево и Тетово, без притоа да биде поставено и државното знаме на Р. Македонија или да се почитува начинот на поставување, како што е истакнато во Законот за употреба на знамињата, исто така претставува непочитување и кршење на законот.

Доколку се разгледува користењето на албанските знамиња од индивидуите присутни на прославите, тие според член 7 од законот, кој го дефинира употребувањето на знамињата на заедниците во приватниот живот, имаат право да го користат знамето кое го изразува нивниот идентитет:

Припадниците на заедниците во Република Македонија знамето преку кое го изразуваат својот идентитет и особеностите имаат право да го употребуваат во приватниот живот и при одржувањето на културни, спортски и други приредби што ги организираат припадниците на заедниците во Република Македонија.

Прославата за 100 години од Албанското знаме е дел од владината програма за одбележување годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2012 година, со што не се прославува како државен празник, но прославата е со државни пари – 5.000 евра.

Во однос на реакции од државните институции, не беше пронајдена информација при извршеното истражување.

Според погоре изнесеното, изјавата на претседателот на ЛДП Андреј Жерновски е вистина.

Линкови:

Оценето од: Марија Теговска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција