Асаф Адеми: Министерот – жртва на партиски инженеринг

Фото: vlada.mk

 

Нема сомнение дека министерот за култура е вонредно образовен човек, со големо искуство кај менаџирањето со човечките ресурси и градежништвото. Но, во Владата се составува листа на министри според партиски инженеринг и тоа за многу квалитетни кадри може да значи дека само си го губат времето на погрешно место

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Oставката на министерот за култура Асаф Адеми, кој таму дојде од редовите на Алтернатива на Африм Гаши, секако е значаен настан во нашето бурно политичко секојдневие. Најнапред тоа е најава на „играта на метлата“, своевидното кадровско чистење за кое говори премиерот и тоа на многу нивоа, вклучувајќи го и владиниот тим. Факт е дека Адеми оставката ја најави со месеци претходно, но самиот чин го одложи заради изборниот период, објаснувајќи ја постапката со она „поради здравствени причини“. Сепак факт е дека по распределбата на средствата за финансирање на културни проекти за годинава и по предизвикувањето на силно незадоволство, министерот имаше средба со премиерот во средината на февруари, по што беше ветено дека ќе има нова распределба на тие средства, но реално, за такво нешто немаше време. А ниту пари. Оттаму, јавноста оставката ја врзува за тие денови

Невообичаено е дека тој е втор министер за култура што се збогува со оваа позиција во Владата на Зоран Заев, експресно како и неговиот претходник Роберт Алаѓозовски. Ако може да се симплифицира, Алаѓозовски ги налути молителите по средства со неговиот принцип „за сите по малку“. Адеми пак ги иритираше дел од молителите со принцiпот „некои баратели мора да отпаднат од списокот на желби“, при што имаше и реакции дека парите се делени по „национален клуч“. Практично неговиот рок на траење беше одвај седум месеци (на таа функција дојде лани на 4 јуни), но чинот има сериозна политичка тежина, бидејќи, беше прв член од Движењето Беса кој стана министер во Владата на премиерот Зоран Заев, заменувајќи го веќе споменатиот Алаѓозовски, очевиден миленик на премиерот, по негова, струмичка линија. Таа тежина тој самиот ја омекна со изјавата дека одлуката ја донел во консултација со својот пријател, претседателот Африм Гаши и дека тоа го сторил на 22 април, кога побарал од Претседателството на матичната партија да му дозволат од здравствени причини да се повлече од функцијата министер за култура

Сакам да истакнам дека со ова политичко искуство научив уште една работа – во животот пред сè важен е образот. Денес сум овде пред вас и пред сите граѓани исто како што бев и пред да станам министер. Немам потреба ниту да се кријам од некого, ниту да се жалам од некого. Си заминувам чист од Министерството за култура. Зборувавме за правда и јас владеев праведно. Зборувавме за транспарентност и јас владеев транспарентно. Зборувавме за морал и јас владеев со нула корупција, потенцираше Адеми. 

Мора да се истакне дека Адеми е несомнена жртва на кадровскиот инженеринг кој не ги бира министрите, со мали исклучоци, во Владата, како лица кои имаат своја програма за менаџирање на сегменти од општеството, туку преку министерските фотелји ја движи „Рубиковата коцка“ на партиските апетити.

Адеми е образовен Албанец и со добро искуство во менаџерингот, но во друга област, каде секако би можел да биде многу продуктивен! Неодамна наврши 39 години и дипломирал на ниту малку лесниот Градежен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На истиот факултет ги привршува магистерските студии по градежништво. Има одлично CV. Бил директор на канцеларијата на INSCALE Global’s во Скопје, компанија која нуди услуги за развој на offshore на технолошките компании во Северна Европа.

Во периодот 2009-2013 година беше амбасадор на Република Македонија во Кралството Данска и активно работеше на градење силни билатерални односи меѓу Кралството Данска и Република Македонија, како и на поддршка на интеграцијата на Република Македонија кон Европската заедница.

Во периодот од 2003 до 2009 година извршувал функции во Општина Гостивар како раководител на сектор за урбанизам и заштита на животната средина, раководител на одделение за локален економски развој, и како консултант во Одделението за имплементација на проекти.

Учествувал во голем број проекти на УНДП, УСАИД, ГТЗ и други меѓународни организации во земјата и во странство.

За него во официјалната биографија се вели дека има повеќе од 15 години професионално искуство во човечки ресурси, стратешко планирање, комуникација и управување со конфликти и искуство во водењето и растот на големи организации.

До назначувањето на нов министер за култура, Асаф Адеми ќе остане да ги извршува своите работни задачи во овој ресор, а прашан дали ќе остане достапен за Државната комисија за спречување на корупција која до крајот на мај треба да излезе со резултатите од Годишниот конкурс за програми од национален интерес истакнува дека нема намера „да бега“ никаде.

Јас сум тука. Не одам нигде. Немам намера ниту да се кријам, ниту се плашам од некого. Моето владеење беше чесно, транспарентно и секогаш бев достапен за сите органи, смета сега веќе екс-министерот.

Прашан за тоа дали местото министер за култура во меѓупартиските пазарења на власта и натаму останува за Алтернатива, Асаф Адеми со изјава дека од информациите што ги има оваа позиција ќе остане повторно за нив, но дека остава простор времето да покаже на каква солуција ќе се реши премиерот. Како министер во заминување, тој и со порака дека секој нареден министер ќе ја има неговата потполна соработка како да се справи со проблемите во овој ресор.

Во меѓувреме порталот Тетова сот го обвини дека неговата сестра ја вработил во ЕЛЕМ а дека неговата сопруга добила средства од Фондот за иновации.

Во овој момент во околината на Министерството за култура, во квартот наречен Круг во Дебар маало „врие“ – сите можни лоби групи како пред изборот на Алаѓозовски, потоа пак пред изборот да падне на Адеми, така и сега притискаат со своите интереси, реплицирајќи ги во една или друга личност. Јавниот интерес секако дека претпоставува дека некаде постои иден министер кој во џебот навистина има програма која ќе ги средува работите во културата.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција