Двете улици во штипската населба Баби во ново руво
Да ги изградиме ул. 6 и 7 во Баби 6 со комплетна инфраструктура
[Извор: Изборна програма на Благој Бочварски за локални избори 2017 година, „Живот во Штип за сите“ (стр. 26), датум: октомври 2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, за локалните избори (октомври 2017 г.), како кандидат на СДСМ за челната функција во Општината, вети дека во населбата Баби ќе бидат изградени улиците „6“ и „7“. Ова ветување на Бочварски дадено во неговата изборна програма: „Живот во Штип за сите “, во делот „МЕСНИ ПРОЕКТИ“ – Урбани заедници „Баби“ и „Дузлак“ (стр.26), како и за време на неговите настапи во изборната кампања, е исполнето .
На 12 мај 2018 година градоначалникот на Општина Штип Благој Бочварски, изврши увид во асфалтирањето на улицата „6“во населба Баби. Како што информираа медиумите, асфалтирањето на оваа улица следува по поставувањето водоводна и канализациска линија на истата, како и по асфалтирањето на соседната улица „7“ . Инаку, станува збор за улици кои требало да бидат асфалтирани уште пред неколку години (во мандатот на претходниот градоначалник), бидејќи сопствениците на индивидуалните куќи во станбената зона „Баби 6“ одамна ги имаат платено комуналиите. Во истата информација има и изјава од градоначалникот Бочварски во која тој соопшти дека:
Асфалтирањето на оваа улица број шест ќе чини 1.667.000 денари без вклучено ДДВ, односно 1.967.060 денари со вклучен ДДВ. За асфалтирање на улица број седум беа вложени 3.340.000 денари без ДДВ, односно 3.941.200 денари со вклучен ДДВ. Ова е уште едно ветување за кое се зафативме од самиот почеток на мандатот и е потреба на граѓаните од населба Баби.
Во оваа прилика Бочварски кажа и дека од почетокот на декември 2017 година кога почнаа градежните активности за двете улици, па досега – мај 2018 година, во овие инфраструктурни проекти од буџетот на Општина Штип се инвестирани речиси 7,5 милиони денари.
Со изведбата на водовод и канализација на улиците 6 и 7, како и со нивното тампонирање и асфалтирање, во населбата Баби во изминативе шест и пол месеци, колку што сум градоначалник, се вложени речиси седум и пол милиони денари. И во иднина продолжуваме со остварување на клучните проекти и ветувања. (Бочварски)
Вести и фотографии поврзани со изградбата на споменатите две улици се објавени и на веб-страницата на Општина Штип.
Имајќи ги предвид информациите објавени во медиумите и на официјалната интернет-страница на Општината, кои говорат дека на двете улици е поставена инфрструктура (водоводна и канализациска мрежа), дека улицата „7 “е целосно готова , а улицата улицата „6“ е при крај со асфалтирање, може да се каже дека ова изборно ветување на Бочварски е исполнето.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Благој Бочварски за локаните избори 2017 година – „Живот во Штип за сите“(стр.26) [Пристапено на 17.05.2018]
- Тајм.мк (19.10.2017): Бочварски вети низа на проекти за штипските населби Баби и Дузлак [Пристапено на 17.05.2018]
- Телевиззија Стар (12.05.2018): Се асфалтира улица 6 во штипската населба Баби 6 [Пристапено на 17.05.2018]
- Телевизија Стар (19.04.2018): Започна асфалтирање на улици во населбата Баби [Пристапено на 17.05.2018]
- Веб-страница на Општина Штип (19.04.2018): Градежни активности во Баби 6, на улица бр. 7 [Пристапено на 17.05.2018]
- Веб-страница на Општина Штип (12.05.2018): Асфалтирана улица бр. 6 во населба Баби (12.05.2018):[Пристапено на 17.05.2018]
- Веб-страница на Општина Штип (23.01.2018): Градежни активности во населба Баби [Пристапено на 17.05.2018]
- Сител (12.05.2018):Во штипската населба „Баби“ инвестирани 7,5 милиони денари [Пристапено на 17.05.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар