Аудио – ленти, шушљупаковци и милионски провизии!

Партиската говорница на СДСМ, Зоран Заев и неговите соработници - веќе познат мизансцен кој служи Македонија да ја осознае криминалната позадина во однесувањето на власта и уште многу повеќе. Фото: СДСМ, видео клип скриншот

 

Исцрпна и систематизирана хронологија на досегашните 14 објавени „бомби“ од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во која се поместени цитати и клучни информации за секоја од нив – и со цел да послужат како потсетник, но и како документ за брзо запознавање со настани, кои претставуваат досега најголема политичка криза во земјава, кои сочинуваат најголем број криминални дејства извршени од една единствена група луѓе опиена од моќ и кои се директен доказ за механиката на криминалните политики спроведени со цел да ѝ се зададе безмалку смртоносен удар на демократијата и нејзините институции во кусата историја на самостојната македонска држава. Покрај ова, поставена  е сцената на која треба да се одигра разрешницата на политичката криза, ако разрешница воопшто и се случи.

 

Партиската говорница на СДСМ, Зоран Заев и неговите соработници - веќе познат мизансцен кој служи Македонија да ја осознае криминалната позадина во однесувањето  на власта и уште многу повеќе. Фото: СДСМ, видео клип скриншот
Партиската говорница на СДСМ, Зоран Заев и неговите соработници – веќе познат мизансцен кој служи Македонија да ја осознае криминалната позадина во однесувањето на власта и уште многу повеќе. Фото: СДСМ, видео клип скриншот

 

Пишува: Оливера Војновска

 

„Шефот се шета со комбе и бара атрактивни плацеви за „џабарлак“,  кои неговиот верен помошник  треба да им ги подметне на разно-разни „шушљупаковци“. Тие пак,  ништо не треба да прашуваат, туку само да замижат кога ќе се прекројуваат урбанистичките планови за да се откорне парче од планината , на кое непречено ќе се релаксира вождот по напорната патриотска мисија. Ова задоволство ќе му го овозможат оф-шор компании од Белизе, кои ќе му изградат три велелепни вили и хацииенди, а дополнително ќе подигнат и потпорни ѕидови високи 6 – 7 метри за да може лидерот во моментите на релаксација да биде далеку од очите на обичните смртници….“

Ова не е сцена од некоја лесна комедија, туку само еден мал фрагмент од македонскиот политички трилер , во кој масовно се прислушуваат над 20.000 граѓани, министерот за полиција има тефтер за судии, обвинители, новинари, фирмите добиваат „рекет“, а непослушните – „удар со чекан по глава“ или закани дека „заедно со семејствата ќе завршат во ендек“! И додека публиката останува фрапирана од  скандалозните постапки на врвот на владејачката партија, во далечина одѕвонува: „Ало началниче“  и прави лош микс со рефренот на изборниот „ хит“ на министерката за полиција:  „Некое ливче нека снема“.

 

ХРОНОЛОГИЈА

Оваа мегаафера која досега (30.03.2015) имаше 14 продолженија и се заканува да остави длабоки лузни во кревкото македонско општество, „пукна“ на девети февруари (2015), десет дена по избивањето на случајот „Пуч“ (31.01.2014), во кој лидерот на СДСМ е четвртоосомничен. Сепак, кривичната пријава не го спречи Заев да ја детонира долгонајавуваната „бомба“. Првите детали ги обелодени на прес-конференција во партиското седиште во Скопје (09.02.2015), потенцирајќи дека по налог на „Никола Груевски и Сашо Мијалков“, била прислушувана комплетната политичка, судска, медиумска и бизнис елита во Македонија, како и странски дипломати. На списокот на прислушувани разговори ги нема единствено телефонските муабети меѓу двајцата братучеди!  Лидерот на опозицијата, пак, бил непрекинато прислушуван четири години .

Заев тогаш објави единаесет аудио-снимки, меѓу кои и прислушуван телефонски разговор, за кој тврди, дека е  на министерот за финансии, Зоран Ставрески и министерката за внатершни работи, Гордана Јанкулоска. Во него можеа да се слушнат лични дисквалификации за координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева (2,1 минута од видеото). За неа, Јанкуловска вели дека „ништо не разбира и дека ѝ е шуплива главата“, а Ставрески ја нарекува „шупак“ и  „тешка лудача која треба да се гази секогаш кога може“, па заклучува дека „не ѝ и иде памет  бидејќи е во климакс“!

Во изиминатиот период се редеа „бомби, по еднаш -двапати неделно и секоја наредна пострашна од претходната. Објавените снимки од втората „бомба“ (15.02.2015), според СДСМ , говорат за директниот линк меѓу власта и судството. Презентираните тонски записи, наводно, покажуваат како се договарале постапки во обвинителството, судски одлуки и унапредување на судии послушни кон власта. 

 

АЛО НАЧАЛНИЧЕ“!

„Бомбата“ број три  (20.02.2015), според Заев, сведочи за тоа: „ како власта го „средува“ Љубе Бошкоски.“ Во партиското седиште тој презентираше повеќе  аудио снимки, кои наводно, укажуваат дека апсењето на Бошкоски е политички монтиран процес и дека Мијалков однапред знаел дека Бошкоски ќе биде осуден осум години. Медиумското покривање на настанот Мијалков го договара со уредникот на Сител телевизијата,  Драган Павловиќ-Латас („Ало началниче“: Му е… мајката (Љубе), што да ти речам сега), како и со сопственикот на Канал 5, Емил Стојменов, кои, пак, со задоволство слушаат на какво омаловажување бил изложен Бошкоски. 

Во четвртата бомба (25.02.2015) лидерот на СДСМ соопшти дека власта прислушувала над сто новинари од повеќе медиуми, а за некои новинари се правени и досиеја. Заев објави шест аудио-снимки, кои, како што рече, ја разобличуваат спрегата премиер-УБК-медиуми. На една од снимките, според Заев, шефот на тајната полиција, незадоволен од тајмингот на вестите на Сител, му вели на  Латас:

 Јас ви ја вршам валканата работа, ви го средувам Велија на мој начин, и сега некој ќе пушта во  девет часот (навечер) забавна програма.

Во четвртата бомба  јавноста премиерно во аферата „Прислушување“ го слушна и гласот на Груевски, кој, наводно, бара од министерот за транспорт и врски, АЕК да плати 500 илјади евра за документарни филмови.

Дека местенките биле омилен метод на Груевски за пресметка со непослушните, според Заев, покажува и петтата бомба ( 27.02.2015)Од овие телефонски  разговори може да се слушне како, наводно, премиерот го диригирал уривањето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски, му кажувал на министерот Јанакиески како да се „срамни објектот со земја“.

 

ЦИРКУС „МЕДРАНО“ ВО ЦЕНТАР

Телефонските разговори (11), кои наводно се водат меѓу министерот за финансии и министерката за внатрешни работи, обелоденети  во шестата политичка бомба (02.03.2015), според  Заев,  откриваат како расипнички се трошеле буџетските пари за реклами и споменици. Двајцата министри во доверливите меѓусебни разговори  признаваат дека водат забегана политика:

Ние сме лудаци! Трошиме на чоколада, а дома немаме леб! (Ставрески)

За Ставрески, Груевски е човек „што изгубил контакт со реалноста“. Во еден од разговорите тој ѝ се жали на Јанкулоска дека премиерот му се јавувал среде ноќ со барање да ја заврши работата за кредит од 700 милиони евра:

Ми се смачи, ми идеше да грабнам телефон и да му ја скршам главата!

Со седмата „бомба“ (06.03.2015), Заев го отвори прашањето за регуларноста на последните изборни циклуси. На аудио–лентите, како што рече Заев, може да се слушне „како Јанкулоска признава дека во станови од по 40 квадрати се сместени по 50 луѓе од Пустец , на кои МВР им има издадено лични карти“ .  Во телефонскиот разговор , за кој лидерот на СДСМ посочи дека е помеѓу неа и Мартин Протуѓер, таа  дури се потсмева со луѓето од Пустец:

Гласањето во Центар е циркус Медрано, лудница. Човечињава за рака се држат, гласаат и патент на уста.

Од овие  разговори се дознава и дека МВР било претворено во изборен шатб на ВМРО-ДПМНЕ.

На работа сме си сите ние, кај нас штаб имаме…Ние во МВР, во ВМРО-МВРО… за разлика од другиве институции не се ни устручаваме, ни ништо, му вели Јанкулоска на Кирил Божиновски.

Заев објави и телефонски разговор, во кој, наводно, Протогер се заканува на претседателот на Фудбалската федерација, бидејќи не сакал да пушти гратис карти за некој натпревар:.

Мајмунов од Фудбалската федерација намерно не пушта карти. Жена му, децата во ендек ќе се најдат. Мајката нивна комунистичка.  (Протоѓер)

Осмата бомба која СДСМ  ја објави на 10.03.2015 во Универзална сала предизвика огромно интересирање. СДСМ обвини за кражба на изборниот материјал, наводно, во организација на министерот Јанакиески и на првиот човек на УБК. 

Во еден од прислушуваните разговори, Јанакиески, наводно, му вели на минитерот за здравство Никола  Тодоров дека ќе ги исклучат лифтовите во Центар .

Опозицијата на 12.03. 2015 обелодени нова  – деветта по ред бомба која ја презентираше градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски. На една од снимките се слуша (од 12,43 до 14,56 минута од видеото)  како Јанкулоска договара местење на споменици во 6 часот наутро и како масовно да се бришат хард дискови во Општината.

На друга снимка, премиерот Груевски, во врска со загубата на ВМРО-ДПМНЕ во Центар,  наводно, констатира :

Прв круг да ни беа преспанците, ќе завршевме работа! (8,38 до 8,42 минута од видеото)

Во третиот сет разговори се слуша како Груевски, наводно, му вели на Јанакиески да ги пушти нивните да прават што повеќе неважечки ливчиења (10.18 до 11,35 минута од видеото) и дава насоки да се поднесуваат бројни приговори ( 11, 47 минута од видеото) „за да се купат денови  да се расчистат работите во Центар“.

 

ФАМОЗНОТО КОМБЕ

Тајмингот кога Заев ја објави десетата бомба  ( 15.03.2015) се совпадна со одржувањето на собирот на ВМРО-ДПМНЕ во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.  Шестте аудио – снимки, според  Заев,  потврдуваат дека премиерот  Груевски бил „нечесен и користољубив“

Се возел со фамозно комбе со неколку соработници од извршната власт и зборувал со шифри за да ги задоволи своите мегаломански апетити. (Заев)

Овие тонски записи покажуваат зошто по секоја цена се менувале деталните урбанистички планови во Општина Центар,  како и кој стои зад оф-шор компаниите, кои ги купуваат парцелите. Груевски му вели на Јанакиески дека ги начекал плацевите за „џабарлак“ и дека треба тој да ја истурка работата до крај, бидејќи има секакви шушљупаковци!  

Наредниот ден (17.03.2015) Груевски  се огласи со демант, негирајќи дека располага со имот на Водно.

Единаесеттата бомба СДСМ ја објави на 18.03.2015 во Струмица, презентирајќи аудио снимки  во кои владини функционери отворено говорат за рекет, казнување на фирми, нарушување на изборниот процес … Во разговорот меѓу министерката Јанкулоска и пратеникот Славе Гошев, тој предлага да „направат инцидент“ на избирачко место во Струмица  за да се поништат изборите, а министерката  го советува: „некое ливче нека снема“.

 

УДАР СО ЧЕКАН

Дванаесетата бомба Заев ја објави на 19.03.2015 година, а снимките, според него, сведочат дека тројца луѓе – премиерот, директорот на УБК и министерката за внатрешни работи „го контролирале целосниот правосуден систем преку местење на свои партиски кадри за судии и јавни обвинители“. Снимката меѓу министерката Јанкулоска и Мијалков говори за тоа како судиите се запишани под бројче во тефтер кај Јанкулоска. Заев објави и телефонски разговори  на директорот на ДБК со кандидатки за судии во тоа време.

Лидерот на СДСМ обелодени и разговор за кој посочи дека е помеѓу Јанкулоска и Ставрески, во кој министерот сака да му „го загорчи животот“ на негов вработен, затоа што бил непокорен.

Добар работник е, и чесен човек е, ама штом сака сила да покажува ќе добие удар со чекан, да види на кого сила покажува.

 

ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО И ПРОВИЗИИ

За сетот телефонски разговори од  тринаесетата  „бомба“ (23.03.2015), Заев тврди дека откриваат како Груевски го демантира Груевски.  Наводно, на нив се слуша:

како Груевски прецизно договарал со Јанакиески каде и колкава да биде парцелата на Водно, на име на фирмата од Белизе, каде што управител бил неговиот кум (снимка 1Груевски лажел за неговите парцели на Водно – 4,26 минута од видеото)

Заев тврди и дека, „Груевски му признава на Јанакиески дека го лажел Фијат Цаноски дека му нашле грешки во градбата“, додека Јанакиески  предлага “да му најдат маана“ за целиот товар да падне на грбот Цаноски: (снимка 2 : Груевски го демантира Груевски – 12,47 –  23,10 минута од видеото)

На 26.03.3025 Заев ја објави 14 бомба прислушувани телефонски разговори, кои наводно, докажуваат како премиерот местел тендери и земал милионски провизии. Според него, Груевски е инволвиран во корупциски скандал со кинеска инвестиција за автопатите Штип -Миладиновци и Кичево-Охрид. Тој вели дека од снимките  може да се слушне договарање провизија повисока од 25 милиони евра за двата автопати. На една од снимките (разговор 11 меѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски), премиерот му вели на министерот

Ќе ти прифатат толку?Да не е многу бе, а? Да не се претера… Мхм. Пробај со 15 да видиме како ќе ти реагираат, па ајде, јави се. (Груевски)

Во друг разговор презентиран од СДСМ,  Груевски, наводно, го притискал министерот Јанакиески  да потпише за барокна фасада на ЕВН и „Сити Галери“, убедувајќи го дека не може законски да одговара ако даде мислење како министер, туку  ќе настрада некоја службеничка од Општина Центар.

Мислам дека не може некој во затвор да иде за мислење. (Груевски)

 

МАКЕДОНСКИ ПОЛИТИЧКИ ЈАЗОЛ

Македонската политичка сага доби драматични димензии, откако пред повеќе од еден месец лидерот на најголемата опозициска партија го обелодени скандалот со масовно прислушување на илјадници граѓани. А, јазот меѓу власта и опозицијата станува сѐ подлабок по сериозните обвинувања за криминал и корупција. Какви се шансите за излез од политичкиот ќорсокак и дали може тоа да се направи со помали последици за државата? Доминатната перцепција е дека разрешницата нема да се случи ниту брзо, ниту, пак, лесно. Власта е „поткопана“ со кривични дела за кои е неопхдна независна судска истрага. Што од друга страна, е незамисливо, особено, по товарот кој надвисна над судството со објавувањето на  бомбите од прислушувањето.

Лидерот на СДСМ, од Универзална сала (09.03.2015) побара оставка од Владата, од Јавниот обвинител и од раководството на МРТ. А, во следната етапа  да се формира преодна влада која ќе организира фер и демократски избори.

Дека Владата и Зврлески треба да дадат оставки смета и екс-евроамбасадорот Ерван Фуере, кој тоа го кажа во интервју за 24Вести. Меѓутоа, премиерот не само што не дава оставка, туку тој ги отфрла разговорите како  монтирани, лепени.  Од партиската трибина во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (16.03.2015)  Груевски  порача дека формирање преодна влада е можно, ама без ВМРО-ДПМНЕ. А, на собраниската седница (26.03.2015) посветена на пратеничко прашање, тој одговори дека излезот од сегашната криза го гледа во судска разврска. И настапот на Груевски на собирот во Штип (29.03.2015) не остава простор за верување дека набрзо ќе се случат радикални промени на политичката сцена. Премиерот и тогаш јасно кажа дека тој не планира да ги прифати барањата на опозицијата.

Во меѓувреме се појавија и некои струи во владејачката партија – Форумот на слободните патриоти, предводен од професорот Јове Кекеновски и „амстердамската тројка во која се поранешните функционери во владите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Димитров, Владимир Лазаревиќ и Перо Димшоски. Тие имаат заедничка цел – реформи во партијата и нејзино враќање на темелните вредности. Само, рано е да се каже дали оваа „ тројка“ и Форумот имаат капацитет да направат сериозни промени и да ја демократизираат ВМРО-ДПМНЕ.

Тешко е да се прогнозира како и кога ќе се случи расплетот на  македонскиот политички јазол. Брисел, преку пратениците во Европскиот парламент Иво Вајлг, Едвард Кукан и Ричард Ховит, ја започна  (30.03.2015) посредничката мисија за решавање на кризата во Македонија.  Овој прв обид за преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, организиран во зградата на Европарламентот, заврши без успех. Следната рунда разговори е најавена кон средината на април, по Велигденските празници, исто така, во Брисел. Во политичките кругови и воопшто во пошироката македонска јавност немаше големи очекувања од разговорите. Знаејќи ги дијаметрално спротивставените позиции на двете партии, беше јасно дека шансите да се случи некакаков прогрес и да се постигне договор се речиси исклучени. Македонската политичка елита, несомнено, ќе  треба да вложи значителен и искрен напор, но и мудрост за излегување од кризата. Расчистувањето на аферата можеби ќе отвори нови рани, но, нејзината разрешница ќе одигра значајна улога во демократизацијата на државата.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција