Базенот во Кочани остана непокриен

Според Димитровски, базенот можеби и во иднина ќе биде непокриен. Фото: Скриншот од ТВ прилог на Канал 8.

 

Проект: Покривање на олимпискиот базен во Кочани

Опис на проектот: Реализацијата на овој проект ќе обезбеди поголема искористеност на градскиот базен во Кочани и ќе го направи достапен за граѓаните во текот на целата година. Дополнително, овој проект ќе придонесе за ефикасна реализација на проектот „Научи да пливаш“ што го финансира локалната самоуправа, а со кој се поддржуваат воннаставните активности во општина Кочани. Исто така, со овој проект ќе се создадат услови за отворање центар за ватерполо. Проектот е планирано да обезбеди искористување на геотермалната топлинска вода, со што би се создале услови за искористување на базенот и во зимскиот период. (Средства: 73.800.000 денари; Извори на финансирање: ЈПП; Рок: 2014-2016 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Покривање на градскиот базен во Кочани, инаку изграден во 1980-тите години, вети Ратко Димитровски, тогашниот градоначалник на општина Кочани на 26. страница од својата изборна програма, со која како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ја бараше довербата на граѓаните за втор градоначалнички мандат на локалните избори во 2013 година. Тој вети и загревање на покриениот базен со геотермална вода, а целиот зафат да се реализира преку јавно-приватно партнерство (ЈПП). Според тоа што го утврдивме истражувајќи, ветувањето досега е неисполнето, со мали шанси нешто да се преземе во тој поглед до крајот на мандатот на Димитровски, од кој остануваат три месеца.

Покривањето на градскиот базен и користењето геотермални води за негово затоплување првпат ги сретнавме како планиран зафат уште во текот на првиот мандат на Ратко Димитровски. На 1 ноември 2010 година тој при посета на полскиот град Мишчунов обелоденува дека со проект на Мишчунов се планирапокривање на кочанскиот градски базен и во иднина во него да се користи геотермална вода од изворите кај Подлог“.

Покрај ветувањето на Димитровски во изборната програма за локалните избори во 2013 година, ветување дава и директорот на Агенцијата за спорт и млади на Република Македонија Лазар Поповски, на 20 март 2013 година во Кочани.

Базенот во Кочани ќе добие ново руво. Ќе биде покриен и ќе се користи во текот на целата година. Ќе формираме ватерполо екипа, а ќе се заложиме и за развој на останатите спортски активности. Вкупната вредност за покривање на базенот ќе изнесува од 2  до 4 милиони евра кои ќе ги обезбедат Владата, Агенцијата и Општината и по пат на приватно јавно партнерство, истакна Поповски.

Во Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ даден на 20 март 2016 година не се споменува дека е нешто преземено или се доделени средства за овој проект.

Како што можевме да се увериме истражувајќи по сајтовите на локалните медиуми, до април 2016 нема ни трага ни глас од покривање на базенот и доведување геотермална вода. Телевизијата 8 на 1 април годинава емитува прилог за ветувањето на Димитровски, напоменувајќи дека дотогаш не е преземено ништо. Се пренесува одговор на кочанскиот градоначалник на советничко прашање, во кое тој напоменува дека е можно проектот да остане нереализиран.

Инвестицијата што беше прикажана како капитална за развој на спортот и рекреацијата во градот, како да остана подзаборавена, а првиот човек на Општината на едно советничко прашање и не даде премногу оптимистички одговор.

– Не предвидуваме општински средства за покривање на градскиот базен, тоа стриктно стои и во програмата. Можно е и да остане нереализиран, доколку не се најде инвеститор кој ќе пројави интерес, рече Ратко Димитровски, градоначалник на Општина Кочани.

Телевизија 8 и понатаму се задржува на ова прашање, па на 2 ноември годинава емитува прилог за втората сесија на Буџетскиот форум, на која граѓаните даваат свои приоритетни предлози за реализација, па се споменува „и како приоритет да биде затворен базен, со искористување нели, на топлата, геотермална вода“. Од тука гледаме дотогаш не се преземени чекори за реализација на ова ветување на Димитровски.

Беглото прелистување на веб-сајтот на општина Кочани не нè доведе до информација дека од 2 ноември годинава досега е нешто преземено за исполнување на ветувањето на Димитровски за покривање на градскиот базен и за доведување геотермална вода за негово затоплување. Дополнително, да потсетиме и Димитровски на 1 април годинава потенцира дека е можно да не се изврши покривање на базенот. Затоа ова ветување на Димитровски дадено пред локалните избори во 2013 година го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција