Базенот во Пробиштип е реконструиран
Проект: Основање пливачка школа и ставање во функција на затворениот базен во ООУ ,,Никола Карев“ преку текот на целата година
Опис на проектот: Бесплатни часови по пливање од професори ангажирани од страна на Општината за деца до 14 години. Значајно е тоа што, покрај развивањето на телото и на спортскиот дух, децата ќе ги совладуваат техниките на пливање на правилен начин од најрана возраст, а тоа ќе овозможи и откривање и промовирање пливачки таленти. (Извор на финансирање: Буџет на Општината; Рoк: 2013)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, во својата изборна програма од 2013 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Пробиштип“, меѓу другото, најави ставање во функција на постојниот затворен базен во основното училиште Никола Карев во Пробиштип, а со тоа создавање на услови да профункционира пливачка школа за деца до 14 годишна возраст. Во текот на овој месец (јули 2017) медиумите информираа дека завршиле градежните работи и базенот е пуштен во употреба, така што ова ветување на Тоневски го оценуваме како исполнето, со забелешка дека тоа е сторено со задоцнување од четири години. Треба да се напомене дека според рокот наведен во неговата изборна програма, реконструкцијата на споменатиот затворен базен во Пробиштип требаше да биде направена уште во 2013 година.
На 13 јули 2017 година во медиумите имаше информација за свеченото отворање на базенот, при што беше пренесена и изјава од Тоневски во која вели:
Затворениот базен кој е во близина на училишната сала на ООУ „Никола Карев“ го ставаме во функција, а кој треба да биде пред се за тренирање на децата по часовите по физичко. Меѓутоа во овој период од летото ќе го искористиме за пливачката школа која што секоја година Општина Пробиштип традиционално ја организира за најмладите категории,
Во оваа пригода Тоневски, исто така, додал дека:
Во рамките на пливачката школа која почнува од утре се опфатени деца од пет до десет години, кои ќе тренираат три месеци со помош на тренер по пливање.
На веб-страницата на Општина Пробиштип може да се најде Распоредот на групи за пливачката школа 2017 на покриениот базен во О.О.У. „Никола Карев”, каде се гледа дека веќе се направени четри групи по 20 деца кои почнуваат со тренинзи од 20 и 21 јули 2017 година.
Па, може да се заклучи дека е реализиран и вториот дел од ветувањето, односно основањето на пливачка школа за најмладите на овој базен. Целиот зафат, инаку, според Тоневски, чинел 2.500.000 денари, со овие средства биле сменети сите прозорци, плочки во базенот и околу него како и соблекувалните и санитарните јазли.
Поради сево ова, ветувањето за „основање на пливачката школа и ставањето во функција на затворениот базен во Пробиштип“ го сметаме за исполнето.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма Тони Тоневски, „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Пробиштип“2013-2017 [Пристапено на 19.07.2017]
- А1 он (13.07.2017), : Пробиштип во функција го става затворениот базен [Пристапено на 19.07.2017]
- Дејли.мк (13.07.2017): Пробиштип во функција го става затворениот базен [Пристапено на 19.07.2017]
- Веб-страница на Општина Пробиштип: Распоред за пливачка школа 2017 [Пристапено на 19.07.2017]
- Веб-страница на Општина Пробиштип: Распоред на групи за пливачка школа 2017 [Пристапено на 19.07.2017]
Оцени: Југослава Дуковска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар