Битола сè уште чека на централното греење ветено пред пет години

Уште една изборна најава за централното греење за Битола. Фото: Принтскрин Викимедија

ПРОЕКТ: ИЗГРАДБА НА СИСТЕМ ЗА ТОПЛИФИКАЦИЈА НА БИТОЛА, МОГИЛА И НОВАЦИ

Со користење на топлинска енергија од РЕК Битола, со реконструкција на топлинските системи, изградба на магистрален топлински вод од РЕК Битола до градот Битола во должина од 12,83 км, како и модернизирање на постојната примарна и секундарна топлинска мрежа, ќе се овозможи дел од енергијата што се произведува во РЕК Битола да се користи за греење на домаќинствата, јавните објекти и индустриските капацитети. Дел од оваа топлинска енергија може да се користи и за затоплување на земјоделски површини за оранжериско производство во еден од најземјоделските краеви во Македонија – Пелагонија, со што ќе се создадат можности за нови инвестиции и вработувања, особено во Општините Могила и Новаци.

Со воведувањето на топлинската енергија во дел од Пелагонискиот Регион, значително ќе се намали употребата на нафта и огревно дрво во домаќинствата, јавните објекти и индустријата, со што дополнително ќе се намали емисијата на штетни гасови кои се резултат на процесот на согорување, а со тоа во голема мера ќе се подобри квалитетот на воздухот во Пелагонискиот Регион. Дополнително, значително ќе се подобри квалитетот на живот на сите граѓани што ќе се приклучат на топлификациската мрежа со оглед на помалите трошоци за затоплување на домовите со топлинска енергија.

За потребите на овој проект изработена е студија во 2013 година. Во периодот од 2014 до 2015 година е изработена проектната документација и во 2015 година е потпишан договорот за заем со германската развојна банка КФВ. Наскоро се очекува да започне постапка за избор на изведувач на проектот. Во грејната сезона 2018/2019 година очекуваме да ги добиеме првите корисници на топлинска енергија. (Буџет: 47.000.000 евра, РОК: 2017-2019 ГОДИНА)

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во изборната програма со која настапи на последните парламентарни избори одржани на 11 декември годинава, на 111. страница, ВМРО-ДПМНЕ го повтори своето ветување давано претходно во два изборни циклуса (2011 и 2014), за топлификациски систем за Битола, Могила и Новаци. Поточно станува збор за централно греење за населените места во општините Новаци и Могила, но пред сè во градот Битола, преку приклучување на постоечката мрежа од поранешната битолска Топлификација, како и греење за оранжериите. Топлинската енергија треба да се преземе од РЕК Битола, од каде би тргнувале главните топловоди. Како главна придобивка од ваквото доискористување на капацитетите на термоелектраната, се наведува во ветувањето, ќе се смали загадувањето на воздухот во Пелагонија, односно би отпаднало загревањето на домаќинствата и институциите и индустријата преку сопствени капацитети, а главно дрва и мазут, со што би се намалило количеството на испуштени загадувачки материи во воздухот. Но, на тој план досега е преземено многу малку и тоа во подготвителна фаза, односно работата сè уште не е стасана ни до конкурс за избор на изведувач. Самото подготвување на проектна документација,  односно потпишување на договор за заем без воопшто да се преземат активности за избор на изведувач, е минимален чекор во правец на реализирање на овој обемен проект. Така што, ветувањето за топлификација на Битола( со општините Могила и Новаци)  го сметаме за неисполнето.

Првпат ветувањето во обем и форма речиси еднакви како во најновата изборна програма, го среќаваме на  122 страница од изборната програма Манифест за реформи и развој, со која ВМРО-ДПМНЕ настапи на предвремените парламентарни избори во 2011 година.

ТОПЛИФИКАЦИЈА НА ГРАДОТ БИТОЛА

Владата на ВМРО-ДПМНЕ во следниот четиригодишен период ќе го реализира долгоочекуваниот проект за изградба на топлификациски систем за централно греење во градот Битола и во соседните општини Новаци и Могила. Преку користење на отпадната неискористена топлинска енергија од РЕК Битола, со реконструкција на топлинските системи, изградба на магистрален топлински вод во должина од околу 12.5 км од РЕК Битола до градот Битола, како и модернизирање на постојната примарна и секундарна топлинска мрежа, ќе се овозможи дел од енергијата која се произведува во РЕК Битола да се користи за греење на домаќинствата и индустриските капацитети.

Според изработената студија, на овој начин би се обезбедила топлинска енергија за греење на околу 55.000 потрошувачи во општината Битола (колективни станбени згради, индивидуални куќи, училишта, болници, административни згради, индустриски капацитети). Дел од оваа топлинска енергија може да се користи и за греење на земјоделски површини и оранжериско производство во еден од најземјоделските краеви во Македонија – Пелагонија. Тоа дополнително би отворило можности за нови инвестиции и вработувања, посебно во општините Могила и Новаци.

Инвестицијата би била во висина од 35-40 милиони евра, со рок на изградба од 24 месеци. Средствата ќе се обезбедат од ЕЛЕМ и од учеството на општините Битола, Новаци и Могила, а доколку има можност ќе се користат и европски фондови наменети за зголемување на енергетската ефикасност. За определени сегменти од проектот ќе се разгледа и моделот на јавно-приватно партнерство. (Рок за почеток на изградба: јуни 2012.)

Според ова ветување, системот требаше да биде функционален уште во јуни 2014 година, односно 24 месеци од наведениот термин за почеток на изградбата.

Потоа ветувањето е повторено (исто така на 122 страница) во изборната програма на партијата со која се бараше довербата на гласачите за парламентарните избори во 2014 година, според кое, веќе во 2017 требаше да функционира системот за затоплување за голем дел од населените места во јужна Пелагонија.

  1. ПРОЕКТ: ТОПЛИФИКАЦИЈА НА БИТОЛА, МОГИЛА И НОВАЦИ

Преку користење на отпадната неискористена топлинска енергија од РЕК Битола, со реконструкција на топлинските системи, изградба на магистрален топлински вод во должина од околу 12,5 km од РЕК Битола до градот Битола, како и модернизирање на постојната примарна и секундарна топлинска мрежа, ќе се овозможи дел од енергијата што се произведува во РЕК Битола да се користи за греење на домаќинствата и индустриските капацитети. Дел од оваа топлинска енергија може да се користи и за затоплување на земјоделски површини за оранжериско производство во еден од најземјоделските краеви во Македонија – Пелагонија, со што ќе се создадат можности за нови инвестиции и вработувања, особено во општините Могила и Новаци.

За потребите на овој проект изработена е Студија за изводливост во 2013 година, а во текот на 2012 и 2013 година извршена е адаптација на производните капацитети во ТЕЦ Битола преку реконструкција на турбините во вредност од 4 милиони евра.

Во фаза на изработка е основен и инфраструктурен проект по што ќе започнеме со изградба на вреловодната станица во РЕК Битола и изградба на топловод и топловодна мрежа. Очекуваме првите количини на топлинска енергија да бидат испорачани во 2017 година. Проектот ќе се реализира со поддршка на KfW.

При реализација на овој проект ЕЛЕМ ќе ја разгледа и можноста за јавно приватно партнерство или концесија, при што на приватниот партнер ќе му биде понудена можност да ја изгради и стопанисува само дистрибутивната мрежа, во рок не подолг од 30 години. По истекот на овој период мрежата ќе се врати во државна или општинска сопственост. Во случај за периодот на концесионирање да биде загрозен јавниот интерес, државата ќе има можности и пред истекот на овој период да ја преземе дистрибутивната мрежа. Во случај да не се пројави интерес од приватен инвеститор, тогаш и дистрибутивната мрежа ќе биде изградена од државата. (Буџет: 67.000.000 евра, РОК: 2015 ДО 2017 ГОДИНА (ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОЕКТОТ СЕ ПОТРЕБНИ 2 ГОДИНИ)

Колку од ветеното е реализирано се гледа во најновото ветување што ВМРО-ДПМНЕ го даде, кое е цитирано на почетокот на текстот. Односно, ветувањето давано двапати досега е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција