Бизнисмени во градоначалничка трка на локалните избори

Градоначалници бизнисмени. Фото: партиски, општински сајтови, Мета

На претстојните локални избори ќе учествуваат и значителен број бизнисмени, или, пак, лица чии потесни семејства делуваат во одреден бизнис-сектор, при што некои од нив и досега биле дел од политичкиот живот и јавната сфера, додека за други, пак, ова е прво, условно кажано, политичко искуство и обид да преземат јавна функција.

 

 

На претстојните локални избори ќе учествуваат и значителен број бизнисмени, или, пак, лица чии потесни семејства делуваат во одреден бизнис-сектор, при што некои од нив и досега биле дел од политичкиот живот и јавната сфера, додека за други, пак, ова е прво, условно кажано, политичко искуство и обид да преземат јавна функција

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Вклучувањето на бизнисмени во партискиот и политичкиот живот има повеќе аспекти. Од една страна, ако станува збор за успешни бизнисмени, нивната кандидатурата е и политички профитабилна, особено на локални избори кога мал број на гласови прават голема разлика. Освен што нивните вработени се и нивни потенцијални гласачи, фактот што се успешни работодавци праќа добра порака и кон сите останати граѓани, во чии приоритети, според сите релевантни испитувања на јавното мислење, влегува и локалниот економски развој.

lOK-IZB

Меѓутоа, релацијата политика/власт, од една страна, и бизнис/компанија, од друга страна, има и една друг агол на перцепција. Имено, бизнисмените кога ќе дојдат на јавна функција може да ја (зло)употребат позицијата во корист на својата или своите компании, или, пак, на компаниите на блиски роднини. Тие не мора тоа да го направат на груб и директен начин, туку постојат безброј креативни начини како, со помош на функцијата што ја вршат и моќта што извира од неа, евентуално да го поддржат или барем заштитат бизнисот, без притоа да го прекршат законот.

Компании на неколку актуелни градоначалници и кандидати за градоначалници добивале тендери од државни органи и институции, раководени од нивни сопартијци, што претставува судир на интереси во поширока смисла на зборот. Потоа, некои од нив добивале и државни концесии во време кога партијата од која доаѓаат била централна власт, односно имале пристап до ресурс за развивање на бизнисот.

Секогаш кога едно лице поседува компании и врши јавна функција, се поставува прашањето за можен судир меѓу јавниот и приватниот интерес. Дали приватниот интерес на некој функционер може да влијае врз вршењето на неговите јавни овластувања и должности, или со други зборови – да го загрози јавниот интерес? Дали функционерот може на одредени начини да ја искористи функцијата за да му овозможи поповолна позиција на својот бизнис на пазарот?

 

ГРАДОНАЧАЛНИК ДОБИВА ТЕНДЕРИ ОД ОПШТИНИ НА НЕГОВИ СОПАРТИЈЦИ

На овие избори, Кочани можеби ќе биде единствената општина каде на локалните избори ќе се судрат двајца успешни бизнисмени. Едниот е актуелниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Димитровски, кој го завршува вториот и го бара третиот градоначалнички мандат во Кочани. Тој е сопственик на печатницата „Европа 92“, основана далечната 1990 година, чиј управител моментално е Влатко Димитровски.

Во неговиот анкетен лист, доставен до Антикорупциската комисија, Димитровски наведува дека поседува сопственички удел од 22 милиони денари или нецели 358 илјади евра, стекнат во 1990 година, кога впрочем е основана „Европа 92“. Меѓутоа, тој пријавил дека во 2008 година, кога го привршува првиот градоначалнички мандат, стекнал сопственички удел од 300 илјади денари (под 5 илјади евра) во друга фирма.

Од податоците од Бирото за јавни набавки произлегува дека „Европа 92“ само во периодот од 2013 до 2017 година, за време на вториот вториот мандат на Димитровски, неговата компанија склучила договори за јавна набавка во вредност од над 700.000 евра. Патем, компанијата соработувала со многу државни институции и општини, раководени од сопартијци на градоначалникот на Кочани, меѓу кои Охрид, Аеродром, Град Скопје… Дури, компанијата склучила договор за јавна набавка и со Заедницата на единиците за локална самоуправа, каде Димитровски членува по сила на функцијата.

Негов противкандидат е сопственикот на кочанската текстилна компанија „ИНТ Трејд“, Николчо Илиев, предложен од СДСМ како натпартиски кандидат. За разлика од „Европа 92“, „ИНТ Трејд“, која неодамна влезе меѓу 200-те најуспешни компании, не добила ниту еден тендер.

 

КАНДИДАТ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК И КОНЦЕСИОНЕР НА ДРЖАВАТА

Димитровски не е единствен моќен бизнисмен кој веќе два мандати бил градоначалник, а ја бара довербата и за трет последователен мандат како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Таков е и случајот со градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, чиј зет (сопруг на неговата сестра) е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид, Митко Тилев. Алексовски е сопственик на шпедитерската компанија „Траншпед Трејд“, а, како што покажува неговиот анкетен лист, заедно со неговото семејство поседуваат удели и во други компании.

Сепак, во пресрет на овие локални избори можеби најголемо внимание предизвика кандидатурата на Митко Јанчев за градоначалник на Кавадарци исто од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е косопственик (друг косопственик е Јанинка Чупаркоска) и воедно управител на компанијата за производство на минералната вода и пијалоци „Кожувчанка“, основана во 1995 година во Кавадарци.

Според податоците од Централниот регистар, компанијата има и неколку подружници чија дејност е производство на пиво, трговија со храна, па дури и угостителство, со оглед на тоа што компанијата неодамна ја отвори пивницата „Центар бар“ во Скопје, на истото место каде порано беше ресторан на „Мекдоналдс“. Како што најавија од „Кожувчанка“, ќе нудат свежо пиво произведено со технологија од германски „Синалко“, чии сокови „Кожувчанка“ долги години ги дистрибуира во земјава.

Покрај тоа што добивала тендери од многу државни институции, „Кожувчанка“ од државата добила и три концесии. Според регистарот на доделени концесии, изготвен од Министерството за економија, едната се однесува на експлоатација на минерална вода од 2007 година, втората за подземна вода во 2010 година и третата за термоминерална вода во 2012 година. Значи, сите три концесии „Кожувчанка“ ги добила во време кога премиер е Никола Груевски, лидер на партијата која на овие избори го кандидира за градоначалник на Кавадарци.

 

БИЗНИС НА БЛИСКОТО СЕМЕЈСТВОТО

Ако за сите веќе споменати лица е познато дека се занимавале или дека се занимаваат со бизнис, тогаш за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кисела Вода, Јохан Тарчуловски, малкумина знаат дека паралелно со политиката делувал и во бизнис-секторот. Во таа насока, тој е сопственик на компанијата „Мел-Ком Транс“, чиј управител е неговата сопруга Соња Тарчуловска. Компанијата е основана во 2008 година, кога Тарчуловски одлежуваше затворска казна во затворот во Шевенинген.

Како што пишуваа медиумите, компанијата се занимава со товарен транспорт, при што соработува со рудникот Саса, лоциран во Македонска Каменица. Иако рудникот е во приватна сопственост, сепак, овде треба да се напомене дека Тарчуловски е добар пријател со градоначалникот на овој град од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Митевски, кој е кандидат за градоначалник на општината и на претстојните избори.

Противкандидат на Тарчуловски во Кисела Вода од СДСМ ќе биде Филип Темелковски, кој е син на познатиот бизнисмен и стопанственик Зоре Темелковски, поранешен републички пратеник од редовите на социјалдемократите. Исто така, Темелковски е актуелен претседател на македонско-бугарската стопанска комора и е сопственик на компанијата за производство на овошни сирупи и чаеви „Ино Спектар“, основана во далечната 1990 година.

Покрај тоа, СДСМ има уште неколку кандидати за градоначалници, чии семејства се занимаваат со бизнис. Еден од нив е и Благој Бочварски, кандидат за градоначалник на Штип, чие семејство ја поседува градежната компанија „Пелагонија – Штип“. Токму затоа, од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат Бочварски дека сака да стане градоначалник од лукративни мотиви, за да создаде бизнис-империја од компанијата на неговото семејство.

 

ГРАДОНАЧАЛНИК И ПАРТИСКИ БЛАГАЈНИК

И меѓу кандидатите за градоначалници на ДУИ може да се сретнат многу сегашни и поранешни бизнисмени. Така, браќата на градоначалникот на Гостивар, Невзат БејтаЏевад и Ѓилѓиз Бејта, поседуваат компанија и трговски центар во Гостивар „Де Јуре“. Откако ВМРО-ДПМНЕ го обвини Бејта дека практично ја користел функцијата за бизнис интереси, Бејта појасни се занимавал и со бизнис пред да влезе во политики, кои ги ставил во мирување откако станал политичар.

Градоначалникот на Желино и кандидат за нов мандат, Фатмир Изаири, пак, има приватна здравствена ординација. Тој е сопственик на поликлиниката „Флоренс“, додека неговата сопруга поседува аптека. Изаири беше шеф на одделот за финансии на изборниот штаб на ДУИ претходните избори, кога две компании („Голец-Транс“ и „Беша Транс“) доделија незаконска донација од вкупно 40.000 евра, бидејќи во моментот на донацијата вршеле јавни услуги по пат на тендер, па затоа партијата мораше да им ги врати парите назад.

Со бизнис се занимава и градоначалникот од ДУИ на Пласница, Исмаил Јахоски, кој  своевремено беше сопственик нафтената компанија „Пуцко Петрол“, која моментално е во сопственост на неговиот син Асмир Јахоски. Оваа компанија неодамна изби меѓу првите 10 компании според бројот на склучени договори за јавни набавки со државни органи, меѓу кои имаше институции и општини раководени од негови сопартијци од ДУИ. Па, ДПА пред изборите во 2014 година најави дека ќе поднесе кривична пријава против Јахоски до Јавното обвинителство.

И многу други актуелни градоначалници и кандидати за градоначалници се бизнисмени, или, пак, нивните потесни семејства поседуваат компании. Според Законот за спречување на судир на интереси, по стапувањето на јавната функција тие мора да го препуштат управувањето на компанијата на други лица (од доверба). Сепак, тие немаат обврска да се откажат од сопствеништвото, што значи дека ја задржуваат контролата врз компанијата, без разлика дали таа врши дејност посредно или непосредно поврзана со надлежности што извираат од нивната функција.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција