Бојкотот на Груевски на Апелација не е соодветен со неговото барање правда

Никола Груевски. Фото: скриншот

Ако се бојкотира судски процес поради наводни политички притисоци, тогаш нема причина адвокати, кои наводно од истата причина бојкотираат, да поставуваат процесни барања на истата седница и да даваат други оправдувња зошто не можеле да дојдат

 

Ако се бојкотира судски процес поради наводни политички притисоци, тогаш нема причина адвокати, кои наводно од истата причина бојкотираат, да поставуваат процесни барања на истата седница и да даваат други оправдувња зошто не можеле да дојдат

 

Пишува:Теофил Блажевски

Пратеникот и поранешен премиер, Никола Груевски, даде изјава на прес-конференција во чии делови има извртена вистина односно спин:

…Заради сето ова јас одлучив, ниту јас, ниту моите адвокати да не се појавуваме во Апелациониот суд на јавната седница. Ако судиите се толку исплашени и притиснати, ако в.д. претседателката подлегнала на барање за пресуда која е политичка нарачка и ако толку не можат да издржат политички притисок – ете им можност, да не се мачат, да не им пречиме, па и без мене таму и без моите адвокати, нека донесат каква пресуда прифатиле да ја донесат… Почитувани, ова се политички процеси. И тие треба да знаат дека ова лудо време ќе помине брзо. Ќе дојде време кога народот во Македонија ќе си ја врати власта во свои раце. И сè ова ќе се преиспита, вклучувјќи и целокупното нивно работење и одлуки. Очигледно е дека моето и присуството на моите адвокати веќе не може ништо да промени. Бидејќи правните аргументи не можат да ја победат политичката одлука и нарачка…

[Извор: A1 On – прес на Груевски 9 (од 12.44 до 14.20 минута)датум: 05.09.2018]

 

 

Контраспин: Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен претседател на Владата на РМ и актуелен пратеник, Никола Груевски, смета дека во сите предмети во кои е обвинет, како и во делото за кое е веќе неправосилно и осуден во предметот „Тенк“, не постојат докази и дека се е предмет на политичка нарачка.

Тој на прес конференција, што ја свика за да соопшти сознанија кои се однесуваат на неговата жалба во Апелацискиот суд Скопје, а кои потврдуваат дека наводно станува збор за политичка нарачка да му се одбие жалбата на првостепената одлука за затворска казна, рече дека поради тие негови сознанија решил на денешната (05.09.2018 г) јавна седница да го бојкотира судот, заедно со неговите адвокати.

Сознанијата што ги наведе Груевски, повикувајќи се на сигурни извори, се однесуваат на наводен притисок што минатата недела го извршила в.д. претседателката на Апелација врз Советот што одлучува по жалбата на Груевски, да донесат осудителна судска одлука и тоа што побрзо и дека тоа, всушност, било по барање на некој фактор од многу повиско. Притоа, на прес-конференција на која не беа дозволени прашања, Груевски изнесуваше детали за судијки кои се или предмет на можна уцена или се во блиски односи со СДСМ, партијата на власт и дека и покрај тоа не биле удоволени барањата за иземање на тие судијки. Освен тоа, наводно, неговите адвокати намерно биле повикувани на други процеси против него и против други лица и со тоа не му била овозможена квалитетна одбрана. Поради сето ова Груевски е убеден дека станува збор за политички судења притив него и дека политиката е над правните аргументи, па поради тоа решил, заедно со адвокатите, да го бојкотира денешното второ продолжение од јавната расправа.

Овој дел од изјавата на Груевски е извртена вистина и спин. Ако се видат денешните извештаи на медиумите може да се заклучи дека адвокатите, сепак, поднеле објаснување зошто се отсутни:

На денешната јавна седница на Апелациониот суд не дојде ни Груевски, ни неговите адвокати, зашто биле на судења. Но, апелационата судијка рече дека советот се обратил до Кривичниот суд и оти оттаму добиле одговор дека на двајца од адвокатите на Груевски им биле одложени судењата, а третиот е во издвоената постапка за „Тенк“, кај што има еден обвинет (Гордана Јанкулоска) и уште еден адвокат. Но, и овој адвокат не дојде во Апелација и седницата си продолжи, како што налага Законот за кривична постапка во вакви случаи на игнорирање на судот од подносителите на жалбите. (Извор: СДК.мк)

Покрај ова, во дописот со образложенијата адвокатите на одбраната уште поднеле и барање за процесно дејство – иземање на Специјалната обвинителка Катица Јанева од процесот.

Ова покажува дека иако пред јавноста Груевски на 04.09.2018 година рече дека „одлучил“ тој и адвокатите да не се појавуваат пред судот, бидејќи политичките аргументи биле посилни од правните, сепак неговите адвокати не само што навеле писмени оправдувања од друга природа, туку побарале и дополнително процесно дејство од второстепениот суд.

Никола Груевски, како и секој граѓанин на оваа земја има право да се брани на начин каков што му е дозволен со законот и тоа е негово уставно право. Исто така, има право да се произнесе за пресудата или за обвиненијата против него во други предмети. Но, сето ова, вклучувајќи ги и неговите сознанија од сигурни извори за наводна политичка нарачка за пресудата на втооростепниот суд, па и за нарушени процесни дејства во постапката, има обврска да го каже, пред сè, во судот во процес што сам го побарал, не исклучувајќи го притоа и неговото право за прес во јавноста.

Впрочем, седницата на второстепениот суд е закажана по жалбата на Груевски. Таа, исто така, по негово барање е јавна седница. Сите правни и други аргументи и забелешки може и треба да се кажат во судот, пред присуство на јавноста. Дури и да не се донесе судска одлука од која што Груевски ќе биде задоволен, тој може да ја продолжи постапката и (или) пред Врховен суд на РМ, пред првостепените судови ако пресудата биде вратена на повторно одлучување, а потоа и пред Судот за заштита на човековите права во Стразбур, кога сите правни лекови во Македонија ќе бидат исцрпени.

Причините што ги наведува Груевски за бојкотирање на седницата на Апелација не се соодветни со неговата желба, увереноста и енергичноста да ги победи наводите на обвинителството.

Апелација, исто така, излезе и со свое соопштение во кое се негираат наводите од прес конференцијата и се објаснуваат сите постапки преземени за да се обезбедат услови во кои обвинетиот и неговите адвокати би можеле да ги изнесат своите аргументи.

Покрај првичниот спин, второ спинување во пресот на Груевски беше неговото тврдење дека нема никаде вина ни во другите неколку предмети за кои сè уште се водат судски расправи во првостепениот суд по основа на наводна злоупотреба на службена должност и овластување и каде допрва треба да бидат донесени судечки одлуки.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција