Болницата во Струмица ќе ја реконструира фирма која се поврзува со експремиерот Георгиевски

ЈЗУ Општа болница во Струмица Фото: Скриншот

Предвидено е изведување на градежно-занаетчиски работи (изведба на потребни инсталации, лифтови, централна климатизација и вентилација), како и партерно уредување во постојниот недовршен објект во рамки на Општата болница – Струмица. Објектот се наоѓа во фаза на затворена карабина и се состои од приземје и 3 ката, со бруто-површина од околу 6000 м2. На приземјето и трите ката ќе се сместат ургентниот центар, амбуланти,централна стерилизација, гинекологија и акушерство и хируршки одделенија, а исто така ќе се оформи оперативен блок со 4 операциони сали и интензивна нега. (носител: Министерство за здравство, буџет: 135.000.000 денари, рок: 2017-2019)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Реконструкција на Општа болница Струмица”, е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 година во делот – Здравје за секој дом, здравје за секој граѓанин (стр.289), со рок на имплементација 2017 година – 2019. Ова ветување е недоследно бидејќи временскиот период за имплементација на проектот го надминува редовниот мандат на Владата кој е до 2018 година. Но, бидејќи се започнати извесни подготовки за имплементација на проектот (завршена е тендерската постапка за избор на најповолен понудувач и потпишан е договор), истиот се оценува дека е во тек.

Иако предвидениот рок за овој проект кој го дадовме пред граѓаните во Програмата на Владата беше вториот квартал од 2017 – 2019 година, сепак Владата донесе одлука за повеќегодишна набавка, односно вложи заложби за ова исклучително значајно ветување за граѓаните од Струмица и струмичкиот регион да го реализираме, како што сме ветиле, па дури и пред предвидениот рок. (Изјава на Министерот за здравство Никола Тодоров, пренесена 26.12.2015 од Здравство 24) 

Со проектот ќе се изврши дооформување и адаптација на постојниот објект, таканаречениот „Хируршки блок“, кој се состои од два блока А и Б со вкупна површина од околу 6.500 м2. Објектот ќе опфати ургентен центар, приемен дел за стационирани пациенти, стационари за хируршки болести, ортопедија и трауматологија, уролошки болести, пластична хирургија, гинекологија и акушерство со неонатологија, одделение за очни болести и одделениеза болести на уво, нос и грло.

Според податоците достапни на веб – страната на Бирото за јавни набавки, тендерот за избор на градежна компанија што ќе ја реконструира градската Општа болница во Струмица од страна на Министерство за здравство е објавен на 22.12.2015 година со рок за достава на понудите до 05.02.2015 година. На 13.04.2016 година, Бирото за јавни набавки го објави известувањето за склучен Договор. Според известувањето, Договорот за изведување на градежни работи на Општата болница во Струмица во износ од приближно 4,5 милиони евра за период од 36 месеци е потпишан со фирмата Друштво за градежништво трговија и услуги АМГ ЕДИЛХА ДОО Скопје со седиште во Струмица. Притоа,  се забележува дупло зголемување на износот на проектот во Договорот, споредено со најавената сума во изборната програма. Имено, во изборната програма на ВМРО – ДПМНЕ, проектот се проценува на 135.000.000 денари (приближно 2,2 милиони евра), а Договорот со изведувачот е потпишан на износ од 276.269.142 денари (приближно 4,5 милиони евра).

Во врска со спроведувањето на оваа тендерска постапка,  на 14.04.2016 година, Капитал го објави следново:

Фирмата АМГ ЕДИЛХА постои уште од 2007 година, а според податоците од Централниот регистар, нејзини сопственици се физичкото лице Ѓорѓи Мицевски и градежната фирма Вип Проект. Сопственик, пак, на фирмата Вип Проект, е поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски, кој е актуелен претседател на ВМРО Народна Партија. (Капитал, 14.04.2016)

Фирмата АМГ ЕДИЛХА станува актуелна во 2014 година кога заедно со фирмата ГМ Инвест Груп се јавува како инвеститор на барокен хотел под Кале, на парцела купена за 44 евра квадрат на аукција спроведена од Министерство за транспорт и врски. Тогаш ТВ Алсат врши истражување пренесувано од повеќе медиуми околу поврзаноста на фирмата со поранешниот премиер и лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски. Според истражувањето, фирмата АМГ АМГ ЕДИЛХА има содружник, фирмата ВИП Проект која поседува две третини од вкупниот влог во Едилха.  Според истражувањето, сопственик на ВИП Порект е физичкото лице Љубчо Георгиевски, чиј матичен соодветствува со денот, месецот, годината и местото на раѓање на поранешниот премиер Георгиевски.

На веб – страната на фирмата ВИП проект е достапна информацијата дека АМГ Едилха работи како ќерка фирма на ВИП Проект.

ИЗВОРИ:

 

Oценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција