Борис Георгиевски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Гази Баба: „Главна причина за поплавата во август 2016 е човечкиот фактор“

sdsm-logo

 

 

ВМРО-ДПМНЕ веќе 21 година владее со Општина Гази Баба. СДСМ досега ниту еднаш немала свој кандидат за градоначалник во оваа „вмровска“ општина, туку секогаш бил поддржуван кандидат од друга партија, како дел од коалиција. На овие локални избори владејачката партија одлучи да истрча со свој кандидат, специјалистот по клиничка лабораторија и дијагностика Борис Георгиевски, кој бил советник во општината во два наврати. Тој вели дека, доколку победи, ќе ја врати општината на вистинскиот колосек и дека во својата изборна програма има бројни мерки кои гарантираат подобри услови за живот на жителите на оваа општина

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Гази Баба последните 21 година ја водеше ВМРО-ДПМНЕ, а последните 8 години вашиот актуелен противкандидат од оваа партија, Тони Трајковски. Според Вас, каква општина остави ВМРО-ДПМНЕ зад себе, односно како би ја опишале Гази Баба?

ВМРО-ДПМНЕ ја врати Гази Баба назад во времето. Денес граѓаните на Гази Баба сè уште имаат проблеми со водоснабдување, немаат фекална и атмосферска канализација, немаат основни елементарни услови за живот. Да не зборуваме за разубавување на општината, од тоа нема ништо. Погледнете го само левиот кеј на реката Вардар на страната на Гази Баба, споредете го со другата страна од кејот и ќе Ви стане јасно за што зборувам. Не знам дали знаат граѓаните, но во Гази Баба родителите на учениците донираат парични средства за купување на тоалетна хартија и сапун, а такво нешто нема во ниту една друга општина на територијата на Град Скопје. Ова е само еден пример дека граѓаните на Гази Баба станаа граѓани од втор ред во Скопје.

lOK-IZB

Имајќи предвид дека досега СДСМ немала свој градоначалник во Гази Баба, што ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на оваа општина?

Гази Баба е мој дом. Овде сум роден, овде израснав и овде работам. Тоа што го гледам денес е ужас. Како граѓани на Гази Баба не смееме да дозволиме овој ужас да продолжи, но не смееме ниту немо да следиме што се случува со општината. Мораме да реагираме. Токму затоа се одлучив да се кандидирам за градоначалник на општина Гази Баба, за граѓаните да ги земат работите во свои раце. Заедно со граѓаните да ја вратиме општина Гази Баба на прав колосек и да ја претвориме во современа, модерна и развиена општина.

Кои се основите на вашата изборна програма, односно кои се главните проекти на кои ќе се фокусирате доколку станете градоначалник во следните 4 години?

Изградба на секундарна и планирање на терциерна гасоводна мрежа. Процесот на гасификација на Гази Баба е заборавен од страна на досегашната локална власт, иако користењето на гасот како енергенс има најмалку две придобивки, а тоа се – намалување на трошоците за секое домаќинство и намалување на загаденоста. Покрај тоа што ќе го изградиме училиштето „Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром, кое ќе биде современо училиште со капацитет за 550 ученици, планираме да ги реновираме сите училишта и градинки на територијата на oпштина Гази Баба. Планирана е изградба на две нови градинки во с. Стајковци и с. Синѓелиќ, како и реновирање на сите градинки и по потреба зголемување на капацитетот на некои од нив.
Планирана е изградба на Поликлиника во населба Автокоманда на местото на постојната амбуланта на улица Бапчор, која е стара и руинирана и не е безбедна за давање на услуги на здравствена заштита.
Автобуската станица позната како последна 45-ка ќе биде преместена и со тоа на местото на постојната постројка ќе биде партерно уредена и ќе добиеме мал плоштад, а последната 45-ка ќе биде преместена во с. Синѓелиќ така што ќе го покриеме каналот и не само што граѓаните ќе добијат автобус поблиску до своите домови, туку овој простор ќе биде искористен за мал плоштад кој ќе биде место за средби и дружење на граѓаните. Во програмата се опфатени и изградба на велосипедска и пешачка патека на левата страна на реката Вардар на потегот од мостот „Близнаци“ до с. Идризово, нови спортски терени, игралишта и нова спортска сала во Автокоманда, како и изградба на базен во СРЦ Хиподром. Генерално, во мојот мандат ќе сторам се за да ги подобрам условите за живот на граѓаните на oпштина Гази Баба, а овде изнесов само дел од проектите кои ќе доведат до тоа.

Во август 2016 година, се случи големата поплава во Скопје, во која особено настрадаа населени места од Гази Баба. Според проценките, за тоа во голем дел придонесе и неодржувањето на каналите за наводнување од страна на Општината? Што ќе преземете во врска со овој проблем?

Со жалење можам да констатирам дека главна причина за поплавата во месец август 2016 година, која најмногу ја погоди oпштина Гази Баба и населените места кои гравитираат во близина на Северната обиколница, е човечки фактор, односно негрижата за каналскиот систем за одводнување. Во буџетот на Општината се предвидени средства за чистење и одржување на каналскиот систем и, што е најтрагично, Општината ги плаќа тие средства на фирма избрана на тендер, која е задолжена за чистење и одржување на каналскиот систем. Избраната фирма, освен што се грижи да ги наплати парите од Општината, не се грижи за ништо друго. Од друга страна, Општината не води никаква грижа дали за платените пари каналскиот систем е исчистен и во функција за одводнување. Јас, како иден градоначалник на Гази Баба, пред граѓаните се обврзав дека каналскиот систем, не само што ќе биде редовно одржуван, туку ќе направиме и нова студија за негово проширување и истиот ќе го изградиме со цел да не ни се случи поплава слична на таа од минатата година.

Што со загадениот воздух во Гази Баба? Кои конкретни мерки ќе ги преземете за намалување на загаденоста во општината?

Проблемот со загаденоста не е проблем само на Гази Баба, тоа е проблем на Град Скопје и истиот генерално е предизвикан од неодговорното градење и уништување на зелените површини. Заедно со идниот градоначалник на Град Скопје, г-дин Петре Шилегов, пред граѓаните се обврзавме за преземање на повеќе мерки, краткорочни и долгорочни. Како Општина во склоп на Градот Скопје имаме надлежност за зголемување и одржување на зелените површини. Така, во нашата програма е предвидено двојно зголемување на парковите и зелените површини. Граѓаните ќе ги субвенционираме до 80 проценти во поставување на термоизолациони фасади и замена на постојните прозорци со нови термоизолациони ПВЦ прозорци и на тој начин ќе ја намалиме потрошувачката на дрва за огрев, кои се, исто така, значаен извор на загаденоста. Ќе ја развиеме топловодната инсталација и ќе овозможиме секој дом да може да добие парно греење, а ние како Општина ќе субвенционираме и дел од внатрешната инсталација. Секако, ќе го поддржуваме и Градот Скопје во мерките и активностите од нивен домен.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *