Божиновска со проѕирна невистина дека Заев и Села сами си го барале!

Ваквиот обид на Божиновска да го минимизира значењето на насилството, е невистина и спин кој се пласира за да се оправда она што цела домашна и меѓународна јавност го осудува – насилство врз избрани пратеници за кое постојат премногу индиции дека е организирано, а дека главните директни изведувачи се лица со криминално минато, пратеници и полицајци

 

Ваквиот обид на Божиновска да го минимизира значењето на насилството, е невистина и спин кој се пласира за да се оправда она што цела домашна и меѓународна јавност го осудува – насилство врз избрани пратеници за кое постојат премногу индиции дека е организирано, а дека главните директни изведувачи се лица со криминално минато, пратеници и полицајци

 

Валентина Божиновска, директор на Комисијата за односи со верските заедници и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во разговор за ТВ НОВА, меѓу другото, го изјави и следното што го сметаме за невистина:

Најмалку што можев, кога неколку пати бев, е да видам е луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Значи тоа беа многу интересна структура на граѓани, 50, 60, 70, 80, 86 години….Имаше и многумина млади луѓе, но повторно велам, тоа не беше терористичка акција, не беа терористи, не беа насилници не беа стоки…(објаснува дека не биле партиски организирани)…Има една поговорка кај Цепенков – „Кога ќе ви тргне раката откако некој ќе ви се качи на главата, раката ви трга“ – значи толку (многу-н.з.) беше разјарена масата на она совршено подготвувано режисерско сценарио од страна на СДСМ, на господинот Заев, на Села, на ДУИ, итн…

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Валентина Божиновска, слично како нејзиниот (најнов) партиски шеф, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како и други изјави на партиски функционери во последните денови по насилства во Собранието од 27.05.2017 година, впрочем слично како и нејзина изјава после настаните пред Општина Центар во 2013 г., се обидува со полувистини и невистини да ги релативизира настаните, тепачите да ги претстави како „разјарена маса“ на која Заев и Албанците им се качиле врз глава, па „раката, ете, сама им тргнала“ кон нив и ги повредиле.

Иако Божиновска во тоа студио истиот ден и претходно изјави дека и е жал за повредените пратеници, но, додаде дека жали и сочувствува и со повредениот народ што бил во Собранието (од полицијата повреден, но од страв можеби не пријавил – нејзини зборови), со што само ја засилува својата теза и невистина дека тепачите биле обичен, додуша „разјарен“ народ, а тепаните сами си го барале.

Колку повеќе денови одминуваат од настанот и колку што повеќе излегуваат факти за истиот, и во медиумите и при истражната и кривично-правната постапка, станува сосема јасно дека таму имало сценарио за насилства, и дека дел од главните ликови што крвнички удираа врз пратениците, пред сè, на СДСМ, се ликови со криминално минато или сегашност, процесуирани и осудувани и за најтешки криминални дела какви што се убиства, насилства, недозволена трговија со дрога и оружје, а сите тие, пак,  беа командувани и насочувани. Пред сè, од луѓе со тетоважи или без нив, но со качулки на главите, т.н. фантомки, кои сосема јасно издаваат наредби кој да биде удрен, а кој да биде поштеден.

Постојат и факти кои укажуваат и на тоа дека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги отвориле вратите на Собранието и дека ја насочувале насилничката толпа да се упати точно кон првиот кат на Собранието, односно кон прес центарот, каде што беа лоцирани повеќето од жртвите, вклучувајќи ги и новинарите.

Сето ова укажува, индицира со многу силни аргументи, дека постоело сценарио за насилствата, кое вклучува и ненавремена реакција на полицијата, дека делата, како што тврдат и пратениците – жртви, но и професорот Гордан Калајџиев, се далеку поопасни од учество во толпа, туку се „дела против државата“, при што дел од насилниците се со „историја“ од полициските и судските органи.

Затоа, ваквиот обид на Божиновска да го минимизира значењето на насилството и притоа грубо злоупотребувајќи го Цепенков, е невистина и спин кој се пласира за да се оправда она што цела домашна и меѓународна јавност го осудува. Таа, впрочем, започна уште порадикално со спинот – но, за жал, новинарката ѝ ја прекина мислата. Божиновска веднаш на почетокот вели – а, што треба да очекуваме кога Заев испукал куршум и вперил пиштол кон својот народ, мислејќи буквално на испуканите два куршума во Собранието од страна на обезбедувањето, професионален полицаец, за што добро објаснува и самиот Заев (од 18-та мин.)! За да, метафорично, цитирајќи го Цепенков, јасно продолжи во насока дека Заев, Села и другите практино „му се качиле врз глава на народот, па раката(на народот) сама тргнала кон нив“, т.е. де факто сами си се виновни.

Уште еднаш, посочениот дел од изјавата на Божиновска е невистина!

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција