Чакаровски вели дека транспарентноста не била за јавноста!?

Аманет има уште да го види јавноста. Фото: скриншот

Чакаровски сосема контрадикторно и недоследно во низа од две-три последователни реченици најавува дека ќе бидат (тој и Министерството) транспаретни кон проблемот со недостиг на лекови за ретки болести во РМ, кои се на списокот на лекови и прифатени од министерството, но додава дека за тоа (во емисијата) не бил ни место ни време, дека во друга прилика ќе го кажел и дека тоа не било за јавноста!?

 

Заменик министерот за здравство на Република Македонија д-р Гоце Чакаровски, во ТВ дебата ја даде следнава недоследна изјава:

Од кога дојдов си дадов аманет дека овој проблем со недостаток на лекови на пациентите со ретки болести транспарентно ќе го кажуваме, дали навистина ги нема тие лекови во Република Македонија или тоа вештачки се прави? Не е ни место ни време да го кажам зошто, во некои други прилики ќе го кажам. На сите нам ни е познато, овде што седиме на масата, меѓутоа тоа не е за јавноста…

[Извор: ТВ ТелмаТоп тема на ваша страна (29-30 мин) , Датум: 11.12.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Чакаровски сосема контрадикторно и недоследно во низа од две-три последователни реченици најавува дека ќе бидат (тој и Министерството) транспаретни кон проблемот со недостиг на лекови за ретки болести во РМ, кои се на списокот на лекови и прифатени од министерството, но додава дека за тоа (во емисијата) не бил ни место ни време, дека во друга прилика ќе го кажел и дека тоа не било за јавноста!?

Заменик министерот, предлог на СДСМ, кој и претходно во партијата ја водеше комисијата за здравство, упатно е да ги погледне сите изјави на премиерот Зоран Заев, да ја препрочита уште еднаш програмата на партијата и програмата на Владата за периодот 2017-2020 година, а на крај, да ја препрочита и својата изјава.

Чакаровски уште еднаш или два пати во емисијата, која траеше 90-тина минути и во која се дискутираше за главните аспекти од проблемот, се извлекуваше со изјави дека не било за пред јавноста, што е целосна недоследност во однос на „аманетот“ за транспарентност што си го поставил тој самиот.

Ако се погледне целиот контекст на изјавите на Чакаровски во оваа дебатна емисија ќе се разбере дека тој сугерира дека вештачкиот недостиг на лекови во земјава наменет за ретки болести, всушност се должи на коруптивни игри од страна на веледрогериите – како еден од двата главни проблеми. Вториот проблем била лошата комуникација и административни решенија за функционирање на целата програма за ретки болести при Министерството за здравство, а третиот проблем парите, но тој не го споменуваме подетално зашто заменик министерот најави зголемување на буџетот за ретки болести при следен ребаланс кој го најави за март 2018 година.

И откако сугестијата дека станува збор за вештачки (коруптивни) игри е прилично јасно посочена во емисијата од негова страна, тој вели „не е ни место, ни време“ и оти тоа „не било за пред јавноста“. Или станува збор за неразбирање на заменик министерот што е јавност и што е транспарентност и борба пртив корупција или, пак, Чакаровски има други мотиви да не говори прецизно туку само да навестува нешто, кои самиот си ги знае.

Чакаровски дури не мора ни да си ги препрочита Програмата на Владата (стр.20 – Одговорна власт…), ниту Програмата на сопствената партија (стр. 17 – Првиот Столб…), доволно е да ја прочита вчера потишаната Декларација за борба против корупцијата од страна премиерот Зоран Заев и да ги слушне неговите зборови:

Институциите се тука да истражуваат, да прашуваат, да расчистуваат, а ние како граѓани и носители на јавни функции сме должни да одговараме.

Оваа реченица не ги подразбира само формалните институции, туку и неформалните – јавноста и медиумите, како претставници и посредници на јавноста и како секаде во демократијата призната четврта власт.

Поради погоре посочените аргументи, цениме дека Чакаровски, заменик министер за здравство, искажа контрадикторна изјава, настапувајќи во јавноста и оттука истата ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

  • ТВ Телма – Топ тема на ваша страна – [Проверено на 12.12.2017]
  • Влада на РМ – Програма на Владата за периодот 2017-2020 – [Проверено на 12.12.2017]
  • Влада на РМ – Премирот Заев: Нула толеранција…- [Проверено на 12.12.2017]
  • СДСМ – За Живот во Македонија 2016 година – [Проверено на 12.12.2017]

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција