Четврт извештај на СЈО – поднесени нови 18 обвиненија, опструкциите се намалени

 

Нови 18 обвиненија во 19 предмети, со што вкупниoт број предмети кои се водат во ова обвинителство изнесува 24, со кои се опфатени 165 лица. Бројот на предистражните предмети до средината на септември достигнал 99, процентот на материјали во обработка од прислушуваните разговори и други материјали изнесува 70 отсто…Соработката е подобрена со другите институции, а опструкциите биле намалени…

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Четвртиот редовен извештај на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (во натамошен текст Специјално јавно обвинителство или СЈО), во редовнот рок до средината на септември 2017 година беше доставен до Собранието на РМ и до Советот на јавни обвинители на РМ.

Во воведот специјалната обвинителка Катица Јанева нагласува дека овој извештаен период, од март до септември 2017 година, посебно се одвојува од другите досегашни по бројот на поднесени обвиненија за голем дел од истражните предмети што ги имаше ова обвинителство.

Поднесени се вкупно 18 обвиненија за 19 предмети против 120 лица за 168 кривични дела. Во текот на извештајниот период отворени се вкупно 7 нови истражни постапки против вкупно 25 физички и преземени се истражни дејствија спрема 4 правни лица.

Обвинителката нагласува дека од за нив нејасни причини, иако сметале дека се исполнети законските услови за одредување на мерките притвор за дел од лицата против кои е подигнато обвинение, тоа барање најчесто е отфрлано од судовите, а само против две лица е прифатено и тоа со преиначување на одлука на надлежниот Апелациски суд од Врховниот суд.

Со поднесените обвиненија за определени лица за кои сметавме дека се исполнети соодветните законски основи беше побарано определување на мерки притвор и определување на мерки на претпазливост. Во првостепената постапка не беа определени мерки притвор од кои причини од наша страна беа изјавени жалби, за што дури со одлуки на Врховниот суд на Република Македонија беа определени мерки притвор против 2 лица.

Како втора каркатеристика, што ја издвојува Јанева, е една одлука на Апелацискиот суд за прифаќање на снимките од нелегалното прислушување со кои располга СЈО, да можат да бидат употребени како доказ во судска постапка. Досега во повеќе наврати Основниот суд ја одбиваше можноста овие снимки да бидат дел од доказната постапка, со образложение дека ЗКП, Уставот и други закони, пропишуваат дека аудио или видео записи можат да бидат употребени во судската постапка, но само ако се прибавени со одлука на суд. За прв пат, Апелациски суд во предмет на СЈО, што се однесува на процесот во кој се обвинети екс премиерот Никола Груевски и други лица за случувањата во Општина Центар во 2013 година, дозволува користење на аудио записите со кои располага Обвинителството.

Одлуката на Апелациониот суд Скопје го потврдува фактот дека со самото донесување на Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите аудио записите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија и врз основа на Законот ова Јавно обвинителство има надлежност, но и обврска да истражува кривични дела и да гони сторители на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. На ова се надоврзува и обврската која Република Македонија ја има согласно Европската конвенција за човекови права и голем број други меѓународни инструменти кои Република Македонија ги има ратификувано, а тоа е да ги обезбеди неопходните предуслови за остварување на правата на нејзините граѓани предвидени во овие меѓународни инструменти, но и да обезбеди заштита на овие права, меѓу другото и преку ефективно истражување на сериозните повреди и прекршувањата и санкционирање на сторителите.  

 

ЈАНЕВА – ЗА НАС ДАТУМОТ 1-ВИ ЈУЛИ НЕ ЗНАЧИ НИШТО

Специјалното јавно обвинителство без оглед на разни експертски или опозициски ставови дека требало да прекине со своите дејства по 31.06.2017 година, продолжи со својата обвинителска активност, пред сѐ, во отворање нови и работа врз старите предистражни постапки. Обвинителството во моментов води околу 100 такви постапки:

Во текот на Извештајниот период заведени се 142 нови предистражни предмети. Од нив 49 предмети се формирани по сопствена иницијатива, а 93 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители. Вклучувајќи ги претходно отворените 50 активни предистражни постапки во ова Јавно обвинителство во моментот се во работа вкупно 99 активни предистражни постапки. Во текот на Извештајниот период преземени се голем број на дејствија во рамки на отворените предистражни постапки кои се однесуваат на незаконското следење на комуникациите, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреба на средствата за финансирање на изборна кампања, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања и финансиски истраги, имајќи предвид дека дел од нив се отворени и пред овој извештаен период, а дел од нив во овој период преминаа во фаза на истраги.

Во извештајниот период има(ло) и нови истражни постапки. Јанева наведува дека бројот на истрагите е за 7 предмети со кои биле опфатени 31 лице. Од овие 7, пет прераснале во обвинение, а од лицата, 7 подоцна биле тргнати од списокот на лица под истрага:

Во периодот од 15 март 2017 до 15 септември 2017 година ова Јавно обвинителство отвори 7 нови истражни постапки, против вкупно 25 физички лица во рамките на кои се превземени истражни дејствија и спрема 4 правни лица. Од отворените 7 нови истражни постапки, во извештајниот период се поднесени обвиненија за 5 истражни предмети. Во овој период истрагата беше проширена за 6 физички лица и беа превземени истражни дејствија спрема 3 правни лица. Покрај наведеното, во овој период поведени се истражни постапки против вкупно 31 физичко лице и преземени се истражни дејствија спрема 7 правни лица. Донесени се и наредби за запирање на истражната постапка за 7 лица.

Обвинителката Јанева во Извештајот објаснува дека имајќи ја предвид целта на постоењето на СЈО и зошто тоа беше формирано, за Обвинителството датумот 1. јули 2017 г. не значи и прекин на работата.

Во оваа насока морам да истакнам дека 1-ви јули не менува ништо во фактот што ова Јавно обвинителство како професионална и независна институција има капацитет и ќе продолжи преку независни и темелни истраги за кривичните дела за кои е надлежно, во соодветни законски постапки да обезбеди остварување на кривичната правда и да создаде гаранции дека сторителите на кривичните дела нема да останат неказнети.

На крајот од приказот за основната работа на СЈО, во Извештајот се дадени и сумарни податоци за обвиненијата:

Во извештајниот период поднесени се 18 обвиненија за 19 предмети против вкупно 120 лица. Од нив, поднесени се обвинителни акти против 102 лица и обвинителни предлози против 18 лица, од кои 11 физички и 7 правни лица. Со поднесените обвиненија поднесени беа предлози за определување на мерка притвор за 18 лица и предлози за определување на мерки на претпазливост за 48 лица. Имајќи ги предвид сите 24 предмети кои се во работа во ова Јавно обвинителство од неговото формирање заклучно со четвртиот извештаен период пред ова Јавно обвинителство се водат постапки против вкупно 165 лица.

 

ПРЕСЛУШАНИ СЕ 70 ОТСТО ОД ПРИСЛУШУВАНИТЕ ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВОРИ

Во однос на преслушаните материјали, Oбвинителството соопшти дека во обработка се 70 отсто од севкупните снимки што ги поседуваат.

Како што веќе беше наведено во третиот извештаен период, ова Јавно обвинителство поседува вкупно 606.555 аудио фајлови. Заклучно со датумот на поднесување на овој Извештај се анализираше содржината на 424.589 аудио фајлови односно во обработка се 70% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство при што изработени се 1.039 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори има индикација дека е сторено кривично дело. Утврдената динамика на анализа и обработка на материјалите ќе продолжи и во претстојниот период.

 Конечно, СЈО за прв пат освен надеж, истакнува дека има и прогрес во однос на соработката со други институции и дека дел од пречките и опструкциите се надминати:

Во рамки на четвртиот извештаен период во одредена мера се надминати дел од опструкциите на кои во претходните извештаи посочив. Во оваа смисла, кон крајот на овој извештаен период беше видливо дека поголем дел од институциите почнаа да покажуваат подготвеност за соработка со ова Јавно обвинителство, како и нивна подготвеност за постапување во рамки на законски пропишаните обврски. Вака подобрената соработка очекувам да продолжи, имајќи предвид дека во претстојниот период е предвидено преземање на голем број на процесни дејствија во рамки на отворените предистражни постапки. Воедно, сметам дека е потребно да го истакнам напредокот, но и напорите кои беа преземени кон крајот на Извештајниот период во насока на имплементирање на препораките на Венецијанската комисија во Законот за заштита на укажувачи и Законот за заштита на приватноста, како и донесување на измените на Законот за заштита на сведоци од аспект на вклучување на ова јавно обвинителство во работата на работните групи кои се формирани од страна на Министерството за правда задолжени за изготвување на Предлог текстови на наведените закони“.

Целиот извештај за работата на СЈО во периодот од март до септември 2017 година можете да го прочитате на следниот линк

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *