Четврта среќа за набавка на радари за Охридското Езеро

Радарите за следење на пловилата на Охридско Езеро досега не се купени. Фото: Сашо Спасоски (преобјавувањето е забрането)

ПРОЕКТ: МОНИТОРИНГ НАД УЧЕСНИЦИТЕ ВО ПЛОВИДБАТА

Поради релативно долгиот брег на Охридското Езеро и постоењето на многу точки од кои е можен пристап за спуштање во вода на пловни објекти, намалена е можноста за контрола на Капетанијата над сите учесници во водениот сообраќај, а воедно и евентуални илегални преминувања на странски пловни објекти во македонски територијални води.

Во таа насока, предвидено е инсталирање на 2 радара на две експонирани точки над езерото со цел снимање на целата негова површина и увид врз учесниците во пловидбата, нивната концентрација и правец на пловидба. Едниот радар ќе биде поставен на полуостровот Горица, а другиот на полуостровот кај Градиште, додека мониторите ќе се постават во специјализирана просторија на Капетанија – Охрид. (Буџет: проценета вредност 1.200.000 денари, РОК: 2015–2016 ГОДИНА)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

На 81. страница од изборната програма „Проверено – Проекти кои што докажано се остваруваат“, со којашто ВМРО-ДПМНЕ ја побара довербата на граѓаните на предвремените парламентарни избори во 2014 година, владејачката партија вети дека ќе се создаде систем за мониторинг на пловидбата на Охридско Езеро со два радара. Според утврденото, ова ветување е делумно исполнето.

Интерено е тоа што првата најава за поставување радари за следење на пловидбата на Охридско Езеро до која дојдовме, датира уште од претходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата. Имено, на 10 јануари 2014 година, Ванчо Каргов, тогашниот директор на Царинската управа на Република Македонија,  при потпишувањето Меморандум за соработка помеѓу Царинската управа и Капетанијата на пристаништата – Охрид, најавува набавка на радари и камери за снимање на далечина до 10 километри, за следење на граничните линии на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, велејќи оти е можно тие да бидат купени во таа година (2014).

Но, од сето тоа ништо. Следната работа, хронолошки гледано, е ветувањето од програмата Проверено на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кое е цитирано најгоре.

На 10 март 2015 година Горан Устијаноски, раководител на Капетанија на пристаништа на РМ, во прилог на телевизијата Канал 5, најавува дека на Охридското Езеро за летната сезона капетанијата ќе постави и пловидбени знаци и  сигнални направи на брегот на  езерото. Дополнително, вели тој, ќе бидат поставени и два радара – еден на Самоиловата тврдина, а другата кај Градиште.

 Тие ќе служат за набљудување односно маркирање на цели  кога ќе се врши  трагање по некои не дај боже исчезнати лица или други одредени дејствија интересни за инспекторите на капетанија (Устијаноски)

Во јули (2015), ветеното веќе се реализира во поглед на пловидбените знаци и сигналните направи, но нема абер за поставување радари.

На почетокот на октомври минатата година гледаме дека Министерството за транспорт и врски распишува јавен оглас за радарска опрема за Охридското Езеро, кој трае до 14 октомври.  Тоа е првото споменување на радарите како предмет на набавка. Огласот, инаку, е распишан на 23 септември 2015 година, за проценета вредност од 1.516.949 денари. На 15 октомври таа година, пак, постапката за набавка е поништена, оти не се јавил ниту еден заинтересиран добавувач.

На 18 ноември минатата година е распишан нов оглас, повторно со иста проценета вредност како на претходниот. Но на 12 декември таа година, тој е поништен, оти не била доставена ниту една прифатлива понуда.

На 24 февруари годинава, Министерството за транспорт и врски повторно распишува оглас за набавка на радарите, но со пониска проценета вредност отколку на претходните два огласа, односно овојпат таа е проценета на 1.312.712 денари. На 7 јули 2016 е поништена постапката, оти не е поднесена ниту една соодветна понуда.

На 11 јули, повторно оглас за набавка на радари, со рок за конкурирање до 3 август годинава, а според него, повторно главен критериум за избор на набавувач е најниската цена. Во овој оглас, инаку, е предвидено работите да почнат на 15 септември, а да завршат на 15 септември следната година, што, пак, би значело надминување на рокот наведен во програмата „Проверено“ на ВМРО-ДПМНЕ, односно најмногу до крајот на 2016 година.

Со оглед на тоа што тече најновиот, четврти оглас за набавка на радарите,  според методологијата на Вистиномер, ова ветување се смета за делумно исполнето, оти се преземени одредени активности за негова реализација.

 

ИЗВОРИ

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција