Чие политикантство околу цената на водата е поголемо?

Шилегов и цената на водата во главниот град. Фото: Град Скопје

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за само неколку дена даде три различни изјави за ист проблем, а се однесуваат на одлуката која треба да ја донесе Градот за зголемување на цената на водата за пиење и за справување со отпадните води, кои ги сметаме за недоследни

 

 

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за само неколку дена даде три различни изјави за ист проблем, а се однесуваат на одлуката која треба да ја донесе Градот за зголемување на цената на водата за пиење и за справување со отпадните води, кои ги сметаме за недоследни:

Изјава 1: Знаете дека РКЕ ја зголеми цената на водата и, согласно законските прописи, Градот Скопје е должен да ја примени таа одлука на РКЕ. Од трите понудени цени, кои што Регулаторна ги препорачува, Градот Скопје го одбра најниското покачување, така што очекуваме дека истото ќе биде, на просечна цена од 500 денари, граѓаните во иднина да треба да плаќаат 522 денара… Од овие 22 денара поскапување граѓаните ќе добијат многу поздрава животна средина.

[Извор: Канал 5 – Шилегов: повисоките сметки ќе…(56 секунда), датум: 26.01.2018]

 

Изјава 2: Се е поведение на РКЕ во која најголем дел од членовите се од сегашната опозиција. Ако ги анализираме одлуките, никој не може да каже дали се по некоја нарачка. Инаку, се бара зголемување на цената по три основи. Јас како градоначалник не сум побарал зголемување на цената. Ако влегуваме во тој циркус, тогаш тоа ќе го направиме минимално. Дали ќе ја донесеме таа одлука на утрешниот Совет ќе одлучам во текот на денот, зашто имам право како предлагач и да ја повлечам таа точка.

[Извор: Телма ТВ – Ноќно Студио –датум: 30.01.2018]

 

Изјава 3: По извршената длабинска анализа за финансиската состојба и работењето на ЈП „Водовод и канализација“, имајќи предвид дека се политикантски мотивите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), имајќи предвид дека РКЕ не ја заснова својата одлука на фактите и реалните потреби на граѓаните, предлагам точките 25, 26 и 27 да се симнат од дневниот ред. Додека јас сум градоначалник на Скопје, граѓаните на Град Скопје, поради политикантски одлуки на партизирани органи од минатото, нема потреба да плаќаат поскапа вода. Водата ќе остане со истата цена, а ние со домаќинско работење ќе ги сервисираме сите потреби на јавното претпријатие.

[Извор: META – Шилегов ја повлече одлуката…., датум: 31.01.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Недоследноста на изјавите е очигледна. Во рок од само неколу дена, од изјава во која се потсетува дека станува збор за законска обврска на Град Скопје да го разгледа предлогот на УО на ЈП „Водовод и канализација“ за новите цени и тоа по три основи, градоначалникот сега работата ја врти во политички води и сугерира дека новите цени биле пресметани по партиска основа, бидејќи во РКЕ имало делегирани луѓе од сегашната опозиција, порано власт.

Во изјавата на Шилегов точни се две работи. Тој или Грaд Скопје не побарале нова цена на водата. Таа доаѓа како резултат на Закон донесен уште во 2016 година, а самиот закон не е измислица на тогашната власт, зашто така ѝ текнало, туку е резултат на директиви на Европската унија за тоа како треба да се третираат водите, екслоатацијата и цените.

Ова значи дека водата, исто како и другите ресурси – енергијата на пример, се на регулиран пазар со цел најрационално користење и избегнување злоупотреби од страна на приватни компании или, пак, на јавни претпријатија, кои или ја потценуваат цената поради социјални мотиви, па прават загуби, или можеби ја преценуваат за да покријат загуби или да остварат нереален профит.

Впрочем, во Член 2 од Законот се наведувa која е целта за неговото донесување:

Општата цел на овој закон е да се обезбеди воспоставување на финансиски самоодржлив систем на водни услуги, кој обезбедува висок стандард на дадените услуги со пристапна цена во согласност со целите на Националната стратегија за води на Република Македонија и плановите за управување со подрачје на речен слив.

Во истиот член се наведуваат и посебните цели на Законот од кoи ги издвојуваме следните:

– да се обезбеди одржливо користење на инфраструктурата за вршење на водните услуги, со крајна цел постигнување на целосен поврат на трошоците,

– да се подобри квалитетот на водните услуги со цел да се обезбеди непречено давање на услуги согласно со најдобрите достапни практики,

– да се озбезбеди постепена, а како крајна цел целосна, примена на начелото на загадувачот плаќа, корисникот плаќа и начелото на трошоци на ресурсот согласно Законот за водите и

– да се подобри ефикасноста на водните услуги, преку обезбедување на најдобри по квалитет водни услуги со најмалку трошоци.

Тука нема ништо спорно, ни страшно. По донесувањето на законот, РКЕ изготвила методологија, по што јавните претпријатија кои управуваат со водите им пратиле нивни пресметки и трошоци, по што по математички формули РКЕ ги известила за варијантите за цените – една, втора, трета, односно за тарифите. Потоа, јавните претпријатија односно нивните управни одбори ги усвојуваат пресметките од РКЕ и, бидејќи по законот за локална самоуправа основачи им се општините, ги доставуваат до органите за одоборување.

Зошто и како се случи првичното објаснување на Шилегов дека станува збор за минимално поскапување, од кое ќе се покрива и трошокот од 100 милиони денари годишно за покривање на работата на две пречистителни станици во Скопје, да прерасне во обвинување по партиска основа не е баш најјасно, но во моментов имаме ситуација на избегнување на ново минимално поскапување од 1,3 денари за Скопје со фрлање „дрва и камења“ врз регулаторно тело, кое, според поставеноста на системот во државата, е независен орган.

Оттука и самата оценка дека тоа тело е партиско е на некој начин недоследна, зашто тоа тело во минатото и денес одлучува и за цените на горивата и за цените на електричната енергија, а јавноста не виде дека во минатото сегашната опозиција, а денешна власт имала некои посебни забелешки на методологиите за утврдување на цените, ниту, пак, за самите утврдени цени.

Реакцијата на Шилегов и неговите изјави се поврзани и со вчерашната одлука или препорака на Владата да не се прифаќаат новите цени што треба да ги спроведе јавнотo претпријатие, кое управува со регионалниот водовод Студенчица, зашто крајниот товар ќе паднел на потрошувачите. Па, на кого друг да падне ако не на потрошувачите? Врз кого паѓа товарот кога се носат цените на горивата или на струјата?

Недоследноста не е дискутабилна во принципиелна смисла, но и од законска гледна точка, зашто во споменатиот Закон има обврски за давателите на водните услуги, што се регулирани во неколку члена во Глава V од законот, насловена како Надзор. Сепак, од целата работа заслужува внимание уште еден дел од изјавата на Шилегов. Товарот од поскапувањето од 1,32 денари по кубик вода наместо да падне на граѓаните тој заедно со раководствотo ќе се обиде да го анулира со подобрување на ефикасноста на јавното прептријатие што управува со водите во Скопје.

Дали во тоа ќе (се) успее или одлуката да не се прифатат новите цени ќе биде дополнителна јамка околу ликвдноста на ЈП „Водовод и канализација“, јавноста допрва ќе сведочи. Но, во секој случај одлуката и изјавите на Шилегов околу овој проблем се недоследни и се косат со основните и посебните цели на соодветниот закон. Вистиномер во друг текст веќе објави дека споредено со регионот и Македонија генерално, но посебно и Град Скопје, дури и да стапеше во сила зголемувањето на цената на водата, во поглед на домаќинствата, имаме и ќе имавме најниска цена за потрошен кубен метар вода.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција