Да веруваше ВМРО-ДПМНЕ во мудроста на граѓаните, ќе ги повикаше да гласаат на референдумот

Нема поголема вистинска партиципативна демократија од тоа граѓаните да решаваат директно, со изјаснување со нивниот глас за или против. ВМРО-ДПМНЕ со пасивната подршка на бојкотот го покажува своето (не)разбирање на демократијата и својот однос кон граѓаните

 

Нема поголема вистинска партиципативна демократија од тоа граѓаните да решаваат директно, со изјаснување со нивниот глас за или против. ВМРО-ДПМНЕ со пасивната подршка на бојкотот го покажува своето (не)разбирање на демократијата и својот однос кон граѓаните

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

ВМРО-ДПМНЕ упати соопштение во јавноста пред референдумот, кое го оценуваме како спин:

Спин: Власта мора да ги остави граѓаните по свое слободно мислење и убедување да одлучат самите дали ќе излезат или нема да излезат на референдумот. Тоа е нивно законско право и секој мора да го почитува.

Никој не му дал право на Заев да се коцка со се што е Македонско и да го става како влог Македонскиот народ.

Ние веруваме во мудроста и достоинството на Македонскиот народ и апелираме граѓаните да не потпаѓаат под манипулациите на власта, туку да постапат онака како што мислат дека е најчесно кон нив, кон нивните предци и нивните потомци.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб странадатум: 27.09.2018]

 

 

Контраспин: Главната опозициска парламентарна партија ВМРО-ДПМНЕ објави соопштение кое божем е посветено на новите задолжувања на државата за 30 милиони евра (и навистина во првиот дел е посветено на темата), а всушност се поддржува ставот на граѓаните да го бојкотираат претстојниот референдум закажан за в недела на 30-ти септември. Но темата на овој контраспин не е самата манипулација со соопштението, туку спинот, извртената вистина во последните неколку пасуси.

Имено целта на тие пасуси е активна подршка на бојкотот, која е замаскирана преку законско право и најважно, преку мудроста на граѓаните.

Ние веруваме во мудроста и достоинството на Македонскиот народ и апелираме граѓаните да не потпаѓаат под манипулациите на власта…

Вака срочената реченица покажува најмалку две работи:

Првата е дека партијата со постојано извртување на речениците, зборовите како што се апстинирам, наместо бојкотирам и потенцирањето дека голем број се за бојкот/апстиненција, всушност и затскриено ги охрабрува граѓаните да бојкотираат.

ВМРО-ДПМНЕ не може да се скрие дека по петте круга на консултации, како што објаснува нивниот лидер околу ова прашање, решиле да заземат став, кој вулгаризирано гласи: ние не сме надлежни, ама Договорт е капитулантски и тие што ќе бојкотираат имаат такво законско право и мудрост.

ВМРО-ДПМНЕ прво бега од сопствените програмски заложби за референдум за каков било договор со Грција. Потоа, со ставот каков што го зазедоа, всушност, партијата покажува дека воопшто не ѝ е блиска најдемократската алатка, во философско-социолошка и политичка смисла, плебисцитарно, односно директно изјаснување на граѓаните за одредена политика, закон, пропис, договор…

Доколку ВМРО-ДПМНЕ веруваше во мудроста на граѓаните немаше да поддржува пасивно, а по тврдењата на министерот Никола Димитров кажано во ТВ дебата и активно бојкот, туку ќе заземеше став за Договорот со Грција и тој став ќе го појаснуваше на своето членство, на своите симпатизери и на сите граѓани во јавноста, а потоа ќе повикаше на нивната мудрост својот став да го искажат на гласање.

Политичките науки и демократската историја покажуваат дека нема поголема вистинска партиципативна демократија од тоа грѓаните да решаваат директно, со изјаснување преку нивниот глас за или против. Со сите слабости што може да ги донесат референдумските изјаснувања, кои, всушност, не се слабости на граѓаните, туку на кампањите што ги водат политичките елити со цел да ги поттикнат или да им го објаснат својот став на граѓаните. Ако успеат, граѓаните секогаш носат исправен став и излегуваат во потребното мнозинство.

Втората работа што се забележува од така срочената реченица во ставот на партијата е дека тие се обраќаат на достинството на македонскиот народ, т.е. на Македонците. Со тоа партијата покажува дека е тотално глува и неинклузивна за граѓаните кои не се Македонци. Прашањето на референдумот колку и некому да му звучи дека е „македонска работа“, прашање само за Македонците, де факто е прашање за судбината и иднината на целата држава и за сите граѓани што живеат во неа.

Затоа, делот од соопштението што го објави ВМРО-ДПМНЕ го оценуваме како извртена вистина, т.е. спин. Се повикува власта да ги оставела граѓаните сами да одлучат дали ќе излезат, заборавајќи дека секоја политичка елита има и право и должност да го повикува граѓанството на изјаснување, се спинува дека Заев се коцкал со сè што е македонско без ниту еден аргумент зад ова тврдење и се спинува дека партијата верува во мудроста на македонскиот народ, а, всушност, со својот став искажан во ова соопштение го поддржува бојкотот.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција