Дајте лупа за да се види напредокот во реформата кај медиумите

Врти, сучи, никако до објективни и непристрасни медиуми. Фото: honestreporting.org,2014

Со исклучок на фактот дека во дебатните емисии на МРТ се внимава да има различност на ставовите на политичките и други фактори, никаде нема промени во приодот кон известувањето на нашата стварност и начинот како таа се интерпретира. Дури и начинот како се известува за реформата во медиумската област е доказ дека навиката за селективност е прежилава. Синтагмата „има мал напредок кај медиумите“ не би можеле веројатно да ја објаснат и протагонистите на нејзиното користење

 

 

Со исклучок на фактот дека во дебатните емисии на МРТ се внимава да има различност на ставовите на политичките и други фактори, никаде нема промени во приодот кон известувањето на нашата стварност и начинот како таа се интерпретира. Дури и начинот како се известува за реформата во медиумската област е доказ дека навиката за селективност е прежилава. Синтагмата „има мал напредок кај медиумите“ не би можеле веројатно да ја објаснат и протагонистите на нејзиното користење

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Дали ако сме биле на работ на амбисот минатото лето, а сега сме едно метро подалеку од таа точка (Мендух Тачи) значи дека е постигнат некаков напредок во спроведувањето на Пржинскиот договор? Вредеше ли одложувањето на изборите од 24 април, која се случи на 23 февруари, да се потсетиме, под притисок на меѓународната јавност и со фактичко елиминирање на прашањето на медиумите како важен столб за успешно изведување на фер избори? Тој факт бил наводно како услов „предаден“ на актуелната власт, како нивна „фикс“ победа, како што ја опиша Никола Груевски. Таа промена беше видлива и кај меѓународниот фактор, кој отпрвин, од крајот на февруари не говореше за таа тема, а потоа ја користеше синтагмата „има мал напредок кај медиумите“ (Орав во „360 степени“)?

На последната трибина, организирана од МИМ, МРТ, Институтот за комуникациски студии и Британската амбасада на 6 април, толку важен датум за современите Македонци, требаше секако да се согледа дали навистина има некаков напредок во сферата на медиумите, кој е тој, како се согледува и дали прострујувањето на духот на плурализмот и еднаквите шанси на сите политички субјекти во овој миг се реалност, наспроти навестените, скорешни парламентарни избори.

 

ПОДГОТВЕНИ КАКО НИКОГАШ ПОРАНО

Според еден од претставниците на организаторите на собирот, МРТ – Диме Ратајкоски, како главен и одговорен уредник на Првиот програмски сервис, неговата куќа „никогаш како претходно не била подготвена“ да одговори на своите задачи:

Доказ за тоа се усвоениот правилник – Етички и професионални принципи на МРТ за медиумско покривање на изборните процеси. Не треба да се има илузија дека овој документ ќе ни ги реши сите дилеми со кои се соочува уредувачкиот тим на Македонската радио телевизија и, се разбира, новинарите во информативната програма. Но, како одговорен уредник морам да истакнам дека овој Правилник е еден вид на добра отскочна штица за натаму и до добро и професионално известување… Зголемени се  платите на вработените, во сите програмски појаси се забележани резултати (јавниот сервис нема само информативна програма, туку и други области како документарна програма, детски емисии, документарци и друго – потсети тој). Во подготовките на новинарите за следење на изборните процеси се работи со помош на Би-Би-Си. За нас тој изборен период е од часот кога изборите ќе бидат официјално распишани се до мигот до затворањето на изборите со окончување на пребројувањето на гласовите.

Во текот на дебатата, а и во разговорите меѓу сесиите, обично се истакнуваше дека овој процес не може да се согледува само низ бројки. Така, неопходни за согледување за квалитативните сегменти на тој процес, ако го има.

Игор Мицевски од МОДЕМ се согласува дека едно е кога се прават споредби низ броеви на посветени минути за некој настан или личност, покриеност опозиција-власт и друго, а различно е кога се прават квалитативни рамки! Тој посебно ги издвојува случаите кога Заев и Шеќеринска како функционери на СДСМ гостувале на Сител и Канал 5, ама додава дека тие не биле во функција да го надоместат нивното отсуство од малите екрани претходните години  и претставување на нивната изборна програма, туку во насока на нивно потенцијално демонизирање!

Така, иако може да се забележи дека во провладините медиуми е присутна квантитативно опозицијата, сепак, таа е врамена на демонизирачки начин, односно таа сè уште се демонизира на истиот начин како што се правеше пред месец и половина. Ова создава лажна слика за постоење на политички плурализам во вестите што е еден од нашиот главен фокус – вели Мицевски. Телевизиските вести се претворени во политички маркетинг на власта и на Никола Груевски, во вестите се презентира само позитивна слика за власта, активностите на Груевски се презентираат како тој сè уште да е премиер и со ова можеме да заклучиме дека новинарството ја нема фукнцијата на чувар на јавниот интерес – рече Игор Мицевски, истражувач од Институтот за комуникациски студии, додавајќи дека постои зголемен број прилози за опозицијата, но и голем обем на пристрасни и демонизирани информации за неа.

 

ОРКЕСТРИРАНИ МЕДИУМСКИ НАПАДИ ВРЗ НЕИСТОМИСЛЕНИЦИТЕ

Според Институтот за комуникациски студии, постои оркестриран медиумски напад врз неистомислениците, идентичните прилози кај провладините медиуми сугерира координирано објавување со цел да се нападнат и дискредитираат политички субјекти, институции и поединци. Според извештајот за набљудување на поважните телевизии кај нас во месеците февруари и март, ИКС забележува дека во вториот месец од годинава посебно се засилени прилозите во корист на власта. И обратно, дека активностите на опозицијата ги немало на малите екрани и дека нивната присутност била намалена и кај телевизиите кои вообичаени ѝ биле понаклонети како „Телма“, „Алсат-М“, „24Вести“ и други!

Кај јавниот сервис е забележано извесно подобрување. Каде тоа се констатира? Пред сè, во дебатните и контактни емисии, каде се присутни и гости од сите политички опции има извесно неутрално позиционирање на водителите.

Провладините приватни телевизии („Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“), се вели во извештајот за периодот февруари–март, не обезбедиле политички плурализам во вестите. Во дебатните емисии постои само демонизирање на политичкиот противник на власта, а одново – како и порано – се издвојуваат емисиите „Јади бурек“ на „Сител 3“ и „Миленко лејт најт шоу“ на „Канал 5“.

Овие две емисии („Јади бурек“ и Миленко лајт шоу“) се мошне индикативни и во правец на неизбалансираноста н политилчките ставови што се застапуваат во нив и во поглед на начинот на кој се третираат политичките субјекти како од страна на водителите, така и од страна на гостите. Во нив првенствено гостуваат јавни личности блиски до владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ“ – се опишува во Извештајот за месеците февруари–март.

 

ЕФЕКТОТ НА „ПРЕПАКУВАЊЕТО“

Она што анализата на политичките програми го констатира, е постоењето на ефектот на применливост (applicability effect), кога од еден центар се прават вестите. Или поинаку, според Институтот, постои шема на препакување на нови настани во веќе видени форми и рамки на интерпретација. Целта е луѓето да ги вклопат своите новите настани во веќе претходно создадена ментална слика за „непријателите на државата“, за „Македонците како жртви на странски заговор“ и слично.

Посебен сегмент во извештајот се оркестрираните напади врз СЈО и главната обвинетелка Катица Јанева, потоа негативниот тон кон меѓународната заедница и атакот кон посредникот Ванхауте.

И да се вратиме на почетното прашање – каде има тука таков напредок за да се релативизира прашањето на медиумите во контекст на оценката дали има услови за праведни, фер, демократски избори?

Истражувањето во кое влегува екипа која порано работела за Сервисот на Би-Би-Си, носи заклучок дека „МТВ во континуитет ги прекршува стандардите и начелата на програмите утврдени во член 111, а посебно обврската од член 110 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои бараат од овој јавен сервис да не застапува ставови или интереси на една политичка партија. Експремиерот се промовира себе си во „фактички премиер“, односно тој промовира проекти како да е и натаму шеф на Владата.

Трите приватни телевизии го прекршуваат членот 61 од споменатиот закон, односно „објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мислењето на публиката за одредени проблеми и прашања“. Притоа, секоја од трите телевизии е навивачки настроена кон одредена политичка партија и го крши и Кодексот на новинарите. Појасно здравје.

Патем, извештајот на МТВ како организатор се сведе на две вести – на едната беше дел од говорот на главниот уредник, на втората прилогот имаше сегменти од неколку говори, ама не и споменатата погоре анализа, иако таа беше презентација на истражување! Во централните вести се презентираше онаа групната со комплетно селектирање на било што негативно како констатација за некој од постојните медиуми.

Имаме ли некаков напредок? Со која лупа тоа може да се види?

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција