Дали НАТО ги „вовлекува“ земјите во Алијансата?

Германија- Бранденбуршката порта видена преку ограда од бодликава жица во јуни 1968 година. Берлинскиот ѕид бил изграден од владата на Источна Германија со цел да се одвои Источен Берлин од делот од градот окупиран од трите главни западни сили

 

 

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи

Може ли НАТО воопшто да зближи некого? Немаме вакви примери во минатото. Она што можам да го согледам е дека НАТО прима нови членки, кои сега се привлекуваат преку различни методи.

Извор: Russian Foreign Ministry Press Briefing, April 4, 2019

ПОГРЕШНО

Стекнувањето на членство во НАТО е долг и комплициран процес

За време на брифингот за новинарите одржан на 4 април, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова се соочи со прашање за НАТО Алијансата, која во моментот ја одбележува својата 70-годишнина.

Кога ѝ беше поставено прашањето дали НАТО „зближува“ одредени земји во Европа и Русија, Захарова одговори:

Може ли НАТО воопшто да зближи некого? Немаме вакви примери во минатото. Она што можам да го согледам е дека НАТО прима нови членки, кои сега се привлекуваат преку различни методи. Кон што води ова? Јасно е дека кога се консолидираат сѐ поголем број земји, може да се создаде илузија дека тие имаат некаква обединувачка агенда. Но, доколку ја погледнете светската карта и картата на Европа, но не само на Европа, ќе забележите дека таму не постои ништо што обединува.

Историјата е полна со примери за воени сојузи кои ги зближиле земјите, како и со примери за земји кои се зближиле како реакција на ваквите алијанси, за добро или лошо. Првата и Втората светска војна се одлични примери.

Меѓутоа, Захарова се повика на честата тема во руската државна реторика за НАТО – конкретно, дека земјите се „вовлечени“ во НАТО преку „различни методи“. Ова значи дека на некој начин НАТО се проширува против волјата на новите земји-членки. Но, реално дебати за проширувањето на НАТО помеѓу лидерите на земјите членки се одржувале уште на крајот на Студената војна.

НАТО има таканаречен пристап на „отворена врата“ кон членството. Како што е објаснето во делот „Често поставувани прашања“ на веб-страницата на Алијансата:

Секоја европска земја што е во состојба да ги продолжи принципите на Вашингтонскиот договор и да придонесе за безбедноста на евроатлантската област може да стане член на Алијансата по покана од страна на Северноатлантскиот совет.

Но, оваа покана содржи и барања за земјата аспирант.

Од земјите кои се стремат кон членство во НАТО, исто така, се очекува да исполнат одредени политички, економски и воени цели со цел да се осигури дека тие ќе придонесуваат за безбедноста на Алијансата, но и дека ќе имаат корист од неа, е наведено во делот „Често поставувани прашања“.

Всушност, процесот на пристапување кон НАТО е многу поспецифичен и посложен од она што е истакнато на официјалната страна на Алијансата. НАТО изготвува посебен Акционен план за членство на секоја земја аспирант, а функционерите и аналитичарите во Алијансата признаваат дека критериумите за влез се сложени.

Секој Акционен план за членство содржи пет поглавја: политички и економски прашања, одбранбени и воени прашања, прашања поврзани со ресурсите и правни прашања. Првото поглавје – политички и економски прашања – бара од кандидатите да имаат стабилни демократски системи, да спроведат мирно решавање на територијалните и етничките спорови, да имаат добри односи со соседите, да покажат посветеност за владеењето на правото и човековите права, да воспостават демократска и граѓанска контрола над своите вооружени сили и да имаат пазарна економија.

Во поглавјето за одбрана се предвидува кандидатите да извршат реформа на своите вооружени сили и воено да учествуваат во колективната одбрана, додека пак, поглавјето за ресурси главно се занимава со распределба на доволно средства за одбрана.

Последните две поглавја, безбедносни и правни прашања, предвидуваат земјите аспиранти да обезбедат соодветна безбедност на чувствителните информации во согласност со стандардите на НАТО и да го усогласат националното законодавство со она на Алијансата.

САД – Јан Каван, Министерот за надворешни работи на Република Чешка (седи) го потпишува документот за влез со кој Република Чешка станува дел од НАТО во библиотеката Хари Труман, во градот Индепенденс, 12 март, 1999 година

 

Иако Варшавскиот пакт се растури во 1991 година, истата година кога се случи и распадот на Советскиот Сојуз, НАТО не примаше нови членки сѐ до 1999 година, со дополнителни рунди на проширување во 2004, 2009 и 2017 година, што претставува стабилно темпо кое е во спротивност со дадената квалификација. На пример, најновата членка на НАТО, Црна Гора, стана независна земја преку референдум во 2006 година, а неколку месеци подоцна доби и ја прифати понудата за членство во програмата на НАТО – Партнерство за мир (кон кое Русија се приклучи во 1994 година). Земјата конечно беше повикана на преговори за членство во 2015 година и стана земја членка на НАТО во јуни 2017 година.

Со други зборови, држава која постигна независност преку демократски референдум во 2006 година, брзо се приклучи на патот кон членство во НАТО, но членството го постигна дури една деценија подоцна. Доколку целта на НАТО е едноставно да „повлече“ колку што е можно повеќе држави во своите редови, тогаш можеше да ѝ понуди членство на Црна Гора многу порано.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столенберг (десно) се среќава со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ во Брисел, 4 јуни 2018 година

 

Проширувањето на НАТО започна неколку години по распадот на СССР, доколку не се земе предвид случајот со обединувањето на Германија, која секако ги прошири границите на алијансата со цел и територијата на поранешна Германска Демократска Република да стане дел од Алијансата. Првите држави од поранешниот Варшавски пакт кои станаа дел од алијансата беа Полска, Унгарија и Република Чешка, кои станаа членки во 1999 година. Бугарија, Словачка, Романија и Словенија се приклучија во 2004 година, истовремено со Литванија, Латвија и Естонија, кои  беа првите поранешни советски републики кои и се приклучија на Алијансата.  Во 2009 година, Хрватска и Албанија беа последните земји кои станаа членки на НАТО, сѐ до пристапувањето на Црна Гора во 2017 година.

Во април 2008 година, НАТО ги отфрли барањата на Украина и Грузија за Акционен план за членство. Германија и Франција се спротивставија на овие барања токму поради тоа што Русија изрази загриженост во однос на проширувањето на НАТО. Бидејќи НАТО донесува одлуки врз основа на консензус помеѓу земјите членки, ниту Украина ниту Грузија не добија Акционен план за членство.

Во август 2008 година, Русија и Грузија водеа петдневна војна за време на која руските трупи се приближија кон главниот град на Грузија, Тбилиси. Во февруари 2014 година, руските трупи започнаа со окупација на Крим, кој беше анектиран кон Русија непосредно пред руските и промосковските сили во источна Украина да започнат нов конфликт со тоа што прогласија две „републики“ во регионот. Дури и  додека беснееше војната во Украина во јуни 2014 година, НАТО одби на Грузија да ѝ додели Акционен план за членство.

ГРУЗИЈА – Руски војници се возат на оклопно возило низ улица во Цхинвали, главниот град на грузиската отцепена енклава Јужна Осетија, 12 август 2008 година

 

УКРАИНА – Локални граѓани држат знамиња на самопрогласената Народна Република Доњецк (ДНР) и Русија, стоејќи на разурнатиот меморијал Савур-Могила, недалеку од прорускиот град Доњецк кој е под контрола на бунтовниците. Украина, септември, 2017 година

 

Според ваквото минато, идејата дека НАТО активно се обидува да „вовлече“ или, со друг термин често употребуван од руските службени лица и државните медиуми, да „завлече“ земји во НАТО е погрешна. Всушност, вистината е токму спротивното. Русија има посветено многу време и енергија на мешање во политиките на неколку нации со цел да го блокира нивното членство, па дури и нивното потенцијално членство во НАТО. Во Македонија, Русија предизвика негативни размислувања во однос на официјална промена на името за која Грција се согласи дека ќе биде доволно за да се откаже од своето децениско противење за пристапот на поранешната југословенска република кон НАТО. Се верува дека во Црна Гора, Русија презела попрактичен пристап и преку употреба на своите разузнавачки служби помогнала во организирањето на државен удар во 2016 година против владата која се залагала за НАТО.

 

(Напомена: написот е преземен од амерканскиот портал за проверка на факти „Полиграф“, заеднички проект на Гласот на Америка и Радио Слободна Европа со дозвола од редакцијата и во склад со условите за преземање. Оригиналниот напис на англиски јазик можете да го најдете овде.)

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција