Демантот на Стефановски за случајот Тамара е невистинит

Сашо Стефановски - директор на ФЗОМ негира нешто што не се негира. Фото: скриншот

 

Од Фондот негирaат дека ваква наредба постои (писмо од ФЗО до директори на ЈЗУ за негативно мислење за лекување во странство н.з. ). За разлика од пред два дена кога оттаму не сакаа да коментиираат денеска директорот одговори на прашањето за писмото кое во 2014 та година Фондот го испратил до повеќе клиники.

[Извор: Телма ТВДатум: 09.03.2010]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за парафразирана, но прецизна изјава на директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефановски, со која тој го негира постоењето на спорното писмо од ФЗО во врска со починатата Тамара Димовска, а која цениме дека е невистинита.

Министерот Тодоров пред два дена изјави дека не бил запознат со вакво писмо. Од ФЗОМ, пак, пред два дена на прашање од медиумите не сакаа ниту да потврдат, ниту да негираат постоење на таков допис, правдајќи се дека сè уште е отвоорена истрагата на Јавното обвинителство. Но, вчера, директорот на ФЗО тоа го негира.

Ставот за недоследноста на изјавата се заснова врз четири елементи. Првиот, самата мајка на Тамара, Жаклина Димовска, изјавува дека верува во точноста на писмото и смета дека постојат и други пациенти кои биле „жртва“ на ваквиот однос на ФЗО. Да потсетиме во јавноста излезе документ – писмо од ФЗО, со став наменет за дел од јавните здравствени установи, нивните комисии да не препорачуваат лекување во странство зашто наскоро во Македонија ќе бил отворен т.н. Спинален центар. Писмото носи датум  од почетокот на октомври, а одбивањето за лекување на Тамара во странство е во почетокот на ноември.

Вториот многу цврст аргумент кој оди во прилог на невистинитоста на изјавата на директорот на ФЗОМ е даден пред повеќе од една година, во изјава на д-р Аспазија Софијанова за медиумите по смртта на Тамара:

По донесената негативна одлука од првостепената комисија при ФЗОМ, одлучуваше второстепената комисија чиј член сум јас. Мислењето кое го добивме од ФЗО беше во насока на тоа дека ќе се отвори спинален центар каде што Тамара би била оперирана. Не сум експерт од областа на ортопедија, и девојчето никогаш не беше пациент на Детската клиника. Решението го потпишав како претседавач, а не како претседател на комисијата, која во мое отсуство едногласно одлучила според насоките дадени од ФЗО, а според кои ќе се чека отворањето на спиналниот центар. Ставив потпис на веќе донесеното решение, бидејќи сметав дека така ќе се забрза целата постапка, оти без правосилно решение, не може да се преземат останатите правни мерки, рече проф.д-р Софијанова.

Софијанова и во друга изјава го потврдува тогашниот став на Фондот, дека не треба да се даваат позитивни мислења за лекување во странство на лицата заболени од сколиоза, кифоза и други дегенеративни промени кои настануваат како последица на промени на р’бетниот столб.:

Бев во странство кога одлучувале за случајот на Тамара. Техничко лице од Фондот ми се јави на телефон и ми ја соопшти одлуката.„Решивме негативно, ќе се почека, случајот може да почека до отварање на спиналниот центар, изјави денеска Аспазија Софијанова директорка на Клиниката за детски болести.

Во прилог на тврдењето дека такво писмо од ФЗО постои, зборува и изјавата на еден од двајцата директори на ФЗО во времето кога Тамара беше одбиена за лекување во странство, Џемаил Мехази. Имено, во првата половина на ноември 2014 година, кога јавноста почна да поставува прашања зошто Тамара била одбиена од двете лекарски комисии, одговор даде Мехази:

Ова е одбиено само поради тоа што при разгледување од страна на Комисијата за лекување во странство, образложението е тоа дека наскоро треба да се отвори Спинален центар, согласно упатствотото.., информацијата од Министерството (за здравство – н.з.) ќе можат да дојдат и ангажирани лекари од странство…( Џемаил Мехази – директор на ФЗО, изјава дадена на 15.11.2015)

Информацијата ја пренесоа и други медиуми:

Девојчето со искривен рбет ќе мора да чека да се отвори спинален центар за лекување сколиози во земјава па дури тогаш да и се изврши сложената операција. Ова го потврди директорот на Фондот за здравство Џемали Мехази, кој не сакаше да ги коментира неофицијалните информации дека Министерството за здравство испратило допис до сите здраствени институции за стопирање на лекувањата во странство на болните од сколиоза, објави Телма.

Конечно, Хелсиншкиот комитет за човекови права кој многу темелно се посвети на случајот со Тамара и по чија постапка Обвинителството отвори случај во кој има осмничени лица, потврди дека верува во вистинитоста на писмото за кое се тврди дека било испратено од страна на ФЗОМ до директори на неколку здравствени установи. Претседателката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска во врска со овој документ изјави:

Дека ја чувале Тамара за промоција на новиот спинален центар, ние тоа го кажавме уште на почетокот. Ја истакнавме претпоставката дека ја чувале за промоција наместо да се грижат за здравјето на детето. А новиот документ тоа и го докажува. Се потврди дека наместо да мислат на интересот на Тамара, се мислело на лични интереси на владејачката структура за промоција на свои проекти за политички поени. За случајот на Тамара мораше итно да се реагира затоа што се работеше за болно дете. Тие луѓе се виновни и треба да одговараат. Се надевам дека обвинителството сериозно ќе почне да работи по овој случај. Обвинителството ја одби кривичната пријава што ние, заедно со семејството на Тамара, ја поднесовме, па по поднесената жалба до вишо јавно обвинителство случајот беше вратен во основното јавно обвинителство на постапување – вели Пировска.

 Врз основа на јавно достапнитте факти изнесени во медиумите, како и фактот дека писмото од ФЗО што беше објавено има датум од 10. октомври 2014, а дека копија е доставена и до двете лекарски комисии, кои на почетокот на ноември 2014 го одбиле барањето за лекување во странство на Тамара, сметаме дека изјавата на директорот на ФЗОМ, Сашо Стефановски дека не постои вакво писмо, е невистина.

ИЗВОРИ:

Оценето од: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција