Детали за договор на мнозинство не се бараат на конститутивна седница

Илија Димовски. Фото: веб страна на ВМРО-ДПМНЕ

Процедурата во секоја парламентарна демократија, па и во Македонија, која има извесни специфики поради мултиетничкиот карактер на земјата, е сосема јасна. Оној кој освојува мнозинство гласови на избори или онаа лидер на онаа коалиција која тоа ќе го стори, добива мандат за состав на Влада

 

 

Шеесет и еден пратеник, ако една партија освои, од сега натака ќе значи дека ќе може што сака да прави. Ама тоа не е одраз на респектирање на граѓаните. Заради тоа што може двајца лидери, може тројца, може четворица да се затворат во просторија и да направат парламентарен договор, за функционирање на параламентарно мнозинство. Ние не бараме ништо недемократски. Ние бараме тој парламентарен договор да биде презентиран.

[Извор: Нова ТВ/youtube –од 2.12-3.06 мин.датум: 30.03.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на пратеникoт Илија Димовски што е цитирана погоре, а е извадена од четвртиот ден од расправата на конститутивнaта седница на Собранието на РМ, е невистина и манипулација со јавноста.

При образложувањето зошто не можела една партија да прави што сака ако освои 61 пратеници, односно мнозинство во Собранието, Димовски сосема точно наведува дека „ако таа партија прави што сака“, тоа нема да значи респектирање на граѓаните. И додава, дека и четворица лидери ако се соберат и направат парламентарен договор, тие, значи во тој случај опозицијата во Собранието, не барале ништо недемократски, односно барале само тој договор да биде презентиран. Во овој момент од тврдењето, изјавата на Димовски станува невистина.

Имено, процедурата во секоја парламентарна демократија, па и во Македонија, која има извесни специфики поради мултиетничкиот карактер на земјата, е сосема јасна. Оној кој освојува мнозинство гласови на избори или онаа лидер на онаа коалиција која тоа ќе го стори, добива мандат за состав на Влада. (чл.90 од Устав на РМ)

Наспроти ова, мандатот му беше даден на лидерот на партија од која ја претставува Илија Димовски. Неговиот лидер и по дваесет дена не успеа да договори коалициона Влада со ДУИ, затоа што еден од најголемите проблеми во договорот, ако не и единствен според досегашните искажувања во јавностa на преговарачите од страна на ДУИ, било прашањето за СЈО.

Веднаш потоа, претседателот Ѓорге Иванов беше известен од лидерот на СДСМ дека заедно со уште три партии, ДУИ, Алијансата за Албанците и БЕСА, има обезбедено 67 потписи кои претставуваат јасно парламентарно мнозинство. Но, Иванов неуставно (според повеќето уставни експерти), проблематизира и бара уште два услова – Собранието да го извести за мноизнството, т.е. да биде избран Претседател на Собранието (формален аспект кој можел да се надмине), и поважно, според него, да добиел цврсти гаранции дека немало да биде загрозена унитарноста, односно мноизнството, со други зборови, да се откажело од т.н. тиранска платформа.

Но, еве, да претпоставиме дека конститутивната седница наскоро ќе заврши, новиот претседател на Собранието ќе го извести официјално Иванов дека постои парламентарно мнозинство и дека овој ќе го даде мандатот на лидерот на групата партии што имаат мнозинство.

По ова следуваат преговори за составување на влада меѓу групата партии, т.е. во нашиот случај СДСМ и трите партии што ги дадоа потписите за мнозинството. Откако ќе завршат, по максимум 20 дена, мандатарот (Зоран Заев) ќе соопшти дека имаат или немаат договор за влада. Ако имаат договор, следува седница на Собрание за избор на нова Влада.

Дури на оваа седница, и процедурално гледано и демократски гледано, е местото и времето каде што покрај расправата за програмата и кадровскиот состав на новата влада, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Илија Димовски може да побараат, сосема легално и легитимно, да се презентира договорот за коалиција и дали има нешто плус од тоа што ќе го пишува во програмата, која, патем речено СДСМ веќе ја објави.

Во крајна линија, Димовски, ако е тоа демократски, можеше за јавноста да посочи еден единствен пример кога во современата историја на Македонија на конститутивна седница се правел т.н. filibustering (процедурална опструкција на расправа во Собранието), или пак, кога на конститутивна седница, неговата партија ВМРО-ДПМНЕ ја образлагала програмата за работа на коалицијата, на пример, по изборите, баш на пример, еве ќе ја земеме, 2008 година, кога коалицираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

А, оваа година е важна, зашто во мандатот до 2011 година се случуваа политики на извршната власт, значи на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, какви што се експлицитна примена на „непосотоечкиот“ Мајски договор, носење на закон за употреба на јазиците, па утужување и судско одземање на парите на дел од припадниците на МВР и на АРМ кои ги добија како отштета за ранување и здравствените последици од конфликтот од 2001 г., па амнестија на т.н. Хашки случаи, па проширување на законот за употреба на јазиците, итн. Во Програмата на Владата, изгласана во Собранието за тој мандатен период, такво нешто не пишува. Ниту, пак, тогашниот премиер Никола Груевски, го најавил после победата, ниту, пак, било најавено при изборот на влада – напротив, стратегијата била кон НАТО, кон ЕУ.

Оттука, поради погоре изложените аргументи за процедурата и правилата во парламентарната демократија според искуствата во светот и според праксата и уставните и законските процедури во РМ, оценуваме дека изјавата на Димовски, оти не бараат ништо посебно, туку само да се презентирал договорот за коалицирање меѓу СДСМ, ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците е невистина. Тоа е посебно и несвојствено барање во оваа фаза на постапка, уште повеќе што нема договор за коалициона влада, туку има потписи за парламентарно мнозинство.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оценил: Tеофил Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција