Децата во Старо Нагоричане добија градинка, најавена уште една

Фото: kumanovo.gov.mk

 

Ветување: Отворање на детски градинки во рамки на основните училишта и опремување на детски парк.

[Извор: Изборна програма на градоначалничката на Старо Нагоричане Жаклина Јовановска, за локалните избори во 2017 година „Живот во Старо Нагоричане за сите“ ( стр. 12), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалничката на Општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска за време на локалните избори во 2017 година на своите сограѓани им вети дека ќе отвори детски градинки во рамки на основните училишта (Програма „Живот за Старо Нагоричане, живот за сите“– Општина за сите: за децата, стр. 12). Ова нејзино изборно ветување досега (23.05.2018) е делумно остварено.

На крајот на март годинава (2018) во Општина Старо Нагоричане е отворена првата градинка, клон на ЈОГД „Ангел Шајче“ од Куманово. За таа цел е адаптиран простор во рамки на подрачното училиште во Младо Нагоричане, со површина од 91,7м2 и посебен влез. Градинката е предвидена за 20 деца, а ќе биде комбинирана и за целодневен престој. Моментално во неа се згрижени 10 деца. За функционирање на градинката се вработени по еден воспитувач, неговател и хигиеничар.

За градежно-занаетчиските работи и опремувањето Министерството за труд и социјална политика обезбеди средства во износ од три милиони денари. Отворањето на оваа градинка е резултат на меѓуопштинската соработка на локалните самоуправи на Куманово и Старо Нагоричане и таа ќе функционира во рамки на ЈОГД „Ангел Шајче’’- Куманово.

Градоначалничката Јовановска најави дека ќе биде отворен уште еден објект во Општината со што ќе се овозможи да се формира јавна установа за згрижување на децата во оваа Општина. Инаку, во Општина Старо Нагоричане има три основни училишта и неколку подрачни.

Во моментот градинката ќе работи како дел од Детската градинка „Ангел Шајче“ од Куманово, а планираме наскоро да отвориме уште еден клон, со што ќе се овозможи и ние како Општина да отвориме градинка, која самите ќе ја стопанисуваме. (Јовановска)

За Владата, осебно за Министерството за труд и социјална политика, како што изјави министерката Мила Царовска:

Отворањето на градинки во средини во кои никогаш немало, особено во руралните подрачја е од големо значење, бидејќи се овозможува подобар раст и развој на децата, а се поддржуваат и родителите, особено жените од овие средини, кои многу често се спречени да се вклучат на пазарот на трудот, токму поради немање поддршка во грижата за децата. 

Според изложеното може да се заклучи дека ветувањето на градоначалничката на Општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска за „отоворање на детски градинки во рамки на основните училишта во Општината“,  е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска