Џафери има легитимитет, активностите за нова влада се уставни

Петров - Уставот го прекршиле и Иванов и пратениците. Фото: скриншот

 

Претседателот на Светскиот македонски конгрес и поранешен пратеник Тодор Петров, зборувајќи за неговата поднесена инцијатива за укинување на одредби од Законот локална самоуправа, но и за ново поднесената иницијатива за поништување на изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на РМ, даде две изјави во еден контекст, кои ги оценуваме како невистина:

Точно е дека одлуката е објавена, меѓутоа како што е објавена така може да биде и повлечена (за изборот на Талат Џафери). Денеска поднесов иницијатива до Уставниот суд и сметам дека сè додека не се произнесе за поништување на одлуката за избор на претседател на Собранието, Талат Џафери нема никаков легитимитет лажно да се претставува како претседател на Собранието…Верувам дека изборите (локалните) ќе се извршат во договор со политичките партии до крајот на годинава. Меѓутоа, според мое лично убедување и читајќи го Уставот, сè после 29 јануари (2017-г.), е злоупотреба на службената должност и самовластие и на претседателот на Републиката и на пратениците, затоа што постапката за избор на влада заврши со 29 јануари о.г. Сè што е во врска со владата после тој датум е флагрантно кршење на уставот…

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Петров во разговор за ТВ НОВА емитуван на 09.05.2017 во врска со негови иницијативи до Уставен суд на РМ, даде две суштински изјави во еден ист контекст што ги сметаме за невистини.

Имено, Петров кој поднесе иницијатива за укинување на одредени делови од законите што ја регулираат материјата за избор на органите на локалната самоуправа, вели дека Уставниот суд има право да решава за ова прашање, зашто пратениците извршиле кривично дело со тоа што не овозможиле навремено распишување на изборите и со тоа им ги ускратиле на граѓаните нивните уставни права за избор на локална самоуправа.

Тој натаму смета дека станува збор за кривично дело и дека за тоа треба да одговараат пратениците, затоа што сè што било во врска со активности за избор на нова влада по 29 јануари годинава било протиуставно. Петров мисли на датумот кога ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека не успеале да договарат коалиција со ДУИ и да формираат ново парламентарно мнозинство. Според оваа изјава на Петров, кривично, бидејќи е кршен Уставот, треба да одговараат и претседателот Ѓоге Иванов и сите пратеници, вклучувајќи ги и оние на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, тоа не одговара на вистината. Откако беше даден мандатот за состав на влада на Никола Груевски, а тој не успеа, Иванов се повика на уставната пракса и  рече дека има намера да го предаде мандатот на лидерот на онаа партија или онаа коалиција од партии што ќе му донесат писмени гаранции дека имаат мнозинство во Собранието.

По остварените консултации, сакам да ве известам дека мандат за состав на новата Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието. Со други зборови – прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на Влада, во согласност со Член 90 од Уставот на Република Македонија. – Ѓорге Ивнов на 02.02.2017

Дотука нема ништо неуставно и нелегално и тоа е потврдено од сите и домашни и меѓународни правни експерти, но и од самите актери на политичката сцена, бидејќи никој не се спротивстави на оваа намера на Иванов и не ја оцени како неуставна.

Втората изјава на Тодор Петров, која сметаме дека е невистина, е дека Џафери, кој според него бил нелегално и надвор од процедурите избран за претседател или „прокламиран“, како што вели, немал легитимитет да се претставува за Претседател на Собранието на РМ.

Не спорејќи ја иницијативата на Петров пред Уставниот суд, зашто тоа е негово уставно право, сепак, може да се констатира уште веднаш, дека Џафери има право да се претставува и да се однесува како легитимен претседател на Собранието на РМ.

Имено, Џафери е избран од парламентарно мнозинство. Изборот на Џафери е верификуван од органите на Сообранието, тој има поденсено и заклетва, а одлуката за изборот е објавена во Службен весник на РМ. Дури и Трајко Велјановски му го препушти кабинетот како порнешен претседател и претседавач со конститутивната седница сè до 27 април, а градоначалници во име на Заедниците на локалната самоуправа ги повикаа пратениците да изнајдат законско решение до петок неделава, со што и тие го признаваат легитимитетот на новиот претседател Талат Џафери.

Освен ова, правни експерти за „Дојче Веле“ веќе се изјаснија дека нема основа ниту самата иницијатива, бидејќи е поднесена за поединечен акт.

Оттука, и оваа изјава на Петров, дека Џафери нема никаков легитимитет да претставува како претседател сè додека Судот не решел за неговата иницијатива, ја сметаме како невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција