Џафери не мораше да ја прекине седницата за имунитетот на Вељаноски

Оваа изјава на спикерот Талат Џафери, во која тој вели дека морал да ја прекине седницата поради однесувањето на пратеникот Мухамед Зекири е недоследна. Повикувајќи се  Деловникот за работа на Собранието  на членот кој  се однесува за одржување на редот во Парламентот, Џафери рече дека имал „обврска да ја прекине седницата“. Сепак, тоа не е баш така

 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери вчера (25.02.2019) на прес-конференција, одговарајќи на нападите на пратениците од СДСМ врска со прекинувањето на седницата, на која се расправаше за одземање на пратеничкиот имунитет на пратеникот Трајко Вељаноски, меѓу другото, ја даде и следната изјава која во еден дел ја сметаме за недоследна.

Седницата е прекината заради тоа што одмина времето за носење одлука до 24,00 часот. Седницата е прекината поради однесувањето на пратениците, а посебно пратеникот од мнозинството Мухамед Зеќири. Тоа можете да го потврдите во архивските снимки на Собранието. Што кажал, како кажал, мислам дека не е местото јас да го повторам. Во таква ситуација моја обврска е јас да прекинам седница. Тоа го пропишува  членот 90 од Деловникот на Собранието за одржување ред во Собранието. Доколку е нарушен редот претседателот на Собранието прекинува седница…

[Извор: Макфакс (од 3,40 до 4,28 минута од видеото) датум: 26.02.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на спикерот Талат Џафери, во која тој вели дека морал да ја прекине седницата поради однесувањето на пратеникот Мухамед Зекири е недоследна. Повикувајќи се на Деловникот за работа на Собранието, на членот кој  се однесува за одржување на редот во Парламентот, Џафери рече дека имал „обврска да ја прекине седницата“. Сепак, тоа не е баш така.

Во поглавјето  од Деловникот: „Одржување на редот “ (членовите од 91 до 94) е регулирано како се одржува редот во собраниската сала и како треба да постапува претседателот на Собранието во случај кога е нарушен редот. Во членот 92 став 1, на пример, е наведено дека претседателот на Собранието ќе го опомене пратеникот ако со своето однесување, со земање на збор кога претседателот не му дал збор, со упаѓање во збор на говорник или со слична постапка го нарушува редот на седницата.

Членот 93,  став 1 му дава можност на претседателот на Собранието да го отстрани  пратеникот од седницата, кога и покрај опомената, односно одземањето на збор го нарушува редот на седницата или употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Собранието. Ставот 2 од овој член е дециден дека пратеникот кој е отстранет од седницата, должен е веднаш да ја напушти салата во која се одржува седницата. 

Значи, доколку пратеникот Зекири ја попречувал нормалната работа на Собранието, Џафери кој раководел со седницата  имал деловничка опција да го опомене пратеникот, а потоа и да го отстрани од собраниската сала.

Но, Џафери тоа не го стори, туку ја прекина седницата. За волја на вистината ваквата можноста  му ја дава ставот (3)  од овој член: ако претседателот на Собранието не може да го одржи редот на седницата, ќе одреди краток  прекин на седницата. Меѓутоа, исто така, факт е дека тој не ги искористи другите две опции што му ги дава овој член: да го опомене и да го избрка Зекири од салата, за да ја заврши седницата за одземањето на имунитетот на пратеникот Вељаноски .

Начинот на кој Џафери ја прекина седницата остави простор за сомнеж дека се работи за некаков наводен договор меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за да се спаси Вељаноски. Конечно, обврска е на спикерот на Парламентот по ова прашање да обезбеди гласање до 24 часот. Реакции имаше и кај коалицискиот партнер во власта, но и од пошироката јавност.

Испровоциран од изјавата на  Џафери  дека ја прекинал седницата за одземање на имунитетот на  Вељаноски поради однесувањето на Зекири, пратеникот Павле Богоевски на Фејсбук  иронично искоментира дека претседателот на Собранието Талат Џафери можел да го трпи експремиерот Никола Груевски кога сакаше да се тепа со него за Законот за јазици, додавајќи дека „Џафери ја прекинал седницата, бидејќи ДУИ сè уште е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ“.

Талат Џафери ја прекинал седницата поради однесувањето на колегата Мухамед Зекири. Не знаев дека ’лавот од Форино‘ бил толку чувствителен. А можеше да го трпи криминалецот Груевски кога сакаше да се тепа со него за Законот за јазици. Не, Талат. Ти ја прекина седницата бидејќи сѐ уште твојата партија е во коалиција со криминалната банда на ДПМНЕ. По сите драми и лаги дека на еден член му се слошило, а сте испратиле возила по другата заменичка. Не ви дозволивме да ја упропастите работата за време на комисиската расправа, ете затоа ја прекина седницата. По парламентарните избори, го извадивме ДУИ од ВМРО. Очигледно, не успеавме да го извадиме ВМРО од ДУИ, напиша Богоевски на Фејсбук веднаш по прес-конференцијата на Џафери во Собранието.

Професорот Мерсел Биљали на социјалните мрежи коментираше дека  .

Не е првпат водството на ДУИ да покаже природна поврзаност со ВМРО. Нивната неодговорност, корупција и неписменство масовно ги исели младите од северозападниот дел на државата..

Во врска со постапката на Џафери, професорката Мирјана Најчевска на Фејсбук напиша:

Ако се нервира Џафери од настапи на пратеници и заради тоа не може да ја изврши задачата која ја презел нека поднесе оставка и нека си се нервира колку што сака за по дома.
Сега 20 пратеници треба да предложат отповикување на Џафери од функцијата претседател на Собранието.

Инаку, како што пренесоа медиумите, прекинот на седницата дојде откако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како и координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски побарале 45 минути пауза, која Џафери не ја дозволил. Потоа, Мицевски процедурално побарал да се обрати, по што Џафери му дал збор и во тој момент истекол рокот, 24 часот на полноќ, до кога требаше да се гласа за одземање на имунитетот на Вељаноски. Во текстот на Макфакс има и видео на кое се гледа како е прекината споменатата собраниска седница.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција