ДИК го чека Собранието, Собранието без ВМРО-ДПМНЕ не може да избере нови членови

Како ќе се организра било какво гласање без функционирање на Државната изборна комисија? Фото: ДИК

Зошто Собранието сè уште не ги констатирало оставките на членовите на Дражавната изборна комисија? Зошто уште се тактизира? Ќе успее ли Парламентот да избере нови членови на ДИК, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави дека ќе ја бојкотира работата на сите работни тела во него? Ова се прашањата кои последнава недела сè погласно се поставуваат во јавноста. Без ДИК во државава не може да се спроведат ниту избори, ниту референдум

 

Зошто Собранието сè уште не ги констатирало оставките на членовите на Дражавната изборна комисија? Зошто уште се тактизира? Ќе успее ли Парламентот да избере нови членови на ДИК, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави дека ќе ја бојкотира работата на сите работни тела во него? Ова се прашањата кои последнава недела сè погласно се поставуваат во јавноста. Без ДИК во државава не може да се спроведат ниту избори, ниту референдум

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Осум од девет членови на Државната изборна комисија, пред една недела, поднесоа оставки од функциите, откако американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли, обелодени дека си поделиле бонуси во висина од девет плати. Прв оставка од функцијата поднесе претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски, а последни членовите предложени од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев. Само најновиот член на ДИК од партијата БЕСА, Ермира Асани-Салија, остана во највисокиот изборен орган. Членовите на ДИК се должни да ја извршуваат својата функција сè додека Собранието не им ги констатира оставките.

 

Зошто се чека да се констатираат оставките?

Но, иако помина речиси една недела од оставките на членовите на ДИК, Собранието сè уште не ги констатирало истите. Според информации од собраниските служби, вакво барање сè уште не е испратено до спикерот Талат Џафери.

Имајќи предвид дека членовите на ДИК се носители на јавни функции избрани од страна на Собранието, согласно собранискиот Деловник (член 115), на првата наредна седница без претрес парламентот констатира дека на носителот на јавната или друга функција мандатот му престанува на денот на одржувањето на седницата. Но, Собранието, на првата пленарна седница, која се одржа на 15.12.2017 година, не ги констатираше оставките на членовите на ДИК. Ваква точка не е ставена ниту на дневен ред на седницата која е закажана за 22.12.2017 година.

Дел од пратениците коментираат дека тоа е така, бидејќи двајца пратеници поднесоа оставки од функциите. Станува збор за Васко Ковачевски, кој е именуван за прв човек на комбинатот РЕК Битола и Стево Пендаровски, кој е избран за Национален координатор на НАТО. На нивните пратенички места треба да седнат Самка Ибраимовски и Далибор Богдановски, за што се чека известување од ДИК.

 

Ќе остане ли државата без Државна изборна комисија?

По констатирањето на оставките, собранискиот спикер Талат Џафери, согласно Изборниот законик (член 29, став 1) во рок од три дена треба да ги извести политичките партии и од власта и од опозицијата да му достават предлози за нови членови на ДИК.

Истиот член, став 2 предвидува:

Ако политичките партии не ги утврдат и не ги достават имињата на кандидатите за членовите на Државната изборна комисија во рокот определен во ставот (1) од овој член, членовите на Државната изборна комисија ги предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието.

Претседател на оваа комисија е пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Но, опозициската партија, на 12.12.2017 година, најави дека ќе ја бојкотира работата на Собранието поради притворот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, кои се во истражниот затвор „Шутка“, како и пратениците Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски, кои се во куќен притвор.

Во моментов СДСМ е владејачко мнозинство и тие имаат должност да ги обезбедат сите услови за непречено функционирање на Парламентот. Сметам дека во овој момент кога 12 отсто од нашата пратеничка група, односно шест пратеници, се во притвор, нема соодветни услови за ние соодветно да партиципираме во работата на Парламентот – соопшти на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Манојлоски.

Ако ВМРО-ДПМНЕ продолжи да ја бојкотира работата на Собранието, тогаш тешко дека може да се изберат нови членови на ДИК, коментира Александар Новаковски, поранешен претседател на Комисијата.

Без ВМРО-ДПМНЕ нема шанси да се изберат нови членови на ДИК. Прво, затоа што двајца членови треба да предложи токму ВМРО-ДПМНЕ. Ако партиите не достават предлози, членовите на Државната изборна комисија ги предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, каде имаме претседател од ВМРО-ДПМНЕ, но и членови од оваа партија. Дури и да имаме предлози за членови, тие се избираат на пленарна седница со двотретинско мнозинство, што нема шанси да се случи доколку ВМРО-ДПМНЕ продолжи со бојкотот – објаснува Новаковски.

 

На кого му одговара да нема Државна изборна комисија?

На здравје бричење Македонци! Додека сите се занимаваа колку пари земала Бонева (која по закон ѝ следуваат) од денес Република Македонија нема Државна изборна комисија. За формирање на нова комисија потребно е двотретинско мнозинство кое не може да се собере. За да се организира референдум, треба ДИК, а бидејќи нема ДИК името ќе се реши без референдум!

Со ваков став неодамна на Фејсбук излезе Александар Трајковски, член и поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ.

Во прилог на ваквиот негов став се изјавите и на дел од политичарите од ДУИ, дека евентуална согласност за решение на спорот околу името може да се постигне и без референдум, со консензус на политичките партии во Собранието.

Мислам дека Собранието го има потребниот капацитет ако има политичка волја кај субјектите кои го сочинуваат парламентарното мнозинство, поради фактот што тоа е стратешка определба изразена како волја на граѓаните уште од деведесеттите години, 93-94 кога е усвоена првата резолуција на Парламентот во насока на определбата на државните институции за евроатланска интеграција и имајќи го предвид фактот дека поддршката на граѓаните континуирано е над 75%-80% за евро-интегративните процеси, мислам дека тоа е мотив и можност Парламентот во името на граѓаните, како носител на сувереноста на граѓаните, изразен на избори, со перцепцијата која ја имаат граѓаните, мислам дека дале целосен легитимитет на Собранието во име на граѓаните да одлучи и за ова прашање, изјави спикерот Талат Џафери во емисијата “Патот кон…“ на Алсат – М телевизија.

Претходно со слична изјава излезе и вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи.

Но, доколку ВМРО-ДПМНЕ продолжи да ја бојкотира работата на Собранието, поради што нема да може да се изберат нови членови на ДИК, тогаш се наметнува прашањето, на кого му одговара таква ситуација, дали на власта или на опозицијата, или пак, и на едните и на другите?

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.