Договорот за името потпишан, за имплементацијата ќе видиме

Од средбата во Атина на Коѕиас и Османи (09.01.2018) Фото: Мета

 

Ветување: Приоритетно решавање на спорот со Република Грција

[Извор: Порталб.мк , датум:09.07.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Години наназад високи функционери на ДУИ, меѓу кои и лидерот Али Ахмети, ветуваат брзо решавање на спорот со името, со цел да се отвори интеграцискиот пат на државата во ЕУ и НАТО. По потпишувањето на  Договорот  со Република Грција за ставање крај на две и пол деценискиот спор со името, ова ветување на ДУИ го оценуваме „во тек“.

На 17.06.2018 година во селото Псерадес во Грција, шефовите на македонската и грчката дипломатија, Никола Димитров и Никос Коѕијас го потпишаа Договорот за името , а неговата имплементација допрва следи.  Според Договорот, македонската страна го прифаќа името Република Северна Македонија за севкупна употреба, и внатрешна и надворешна, националноста е македонска – граѓанин на Република Северна Македонија, а јазикот е македонски –  со словенско потекло.

На 10.11.2013 година Али Ахмети при посета на Брисел изјави:

Разговаравме и за потребата на решение за името. Од НАТО апелираа до мене и другите државни власти што побрзо да се направи етнички консензус за да се реши ова прашање .

Во интервју на 09.07. 2017 година  Али Ахмети истакна дека  два најважни приоритета за Македонија се: решавање на спорот со името и интеграција во ЕУ и НАТО алијансата. Тогаш, Ахмети рече:

Решавање на спорот со името е еден наш голем приоритет. Ние сме соседи и нашата заедничка иднина е во Европската Унија. Грција треба да го носи факелот што ќе не води во ЕУ.

После изборот на новата Влада на 31.05.2017 претставникот на ДУИ во Владата, Бујар Османи, во улогата на заменик – премиер задолжен за европски прашања, беше вклучен во разговорите за името и постојано ја информираше јавноста за процесот на преговорите, за тоа во каква насока се одвиват и што треба да се очекува од нив.

По  маратонските преговори, конечно, на 12 јуни медиумите информираа дека е постигнат договор за спорот со името помеѓу Грција и Македонија.

Истиот ден заменик – премиерот Бујар Османи во врска со постигнатиот договор изјави:

Заедно одлучивме за спор што не засега сите. Заедно донесовме решение на спор кој со децении не остави назад. Денеска пишуваме историја што ќе ни овозможи да отвориме пат за посигурна, постабилна и понапредна Македонија.

Пет дена подоцна, на 17 јуни (2018) во Псарадес, Грција, овој Договор беше потпишан од министрите на двете држави,  Коциас и  Димитров, во присуство на медијаторот Метују Нимиц,  премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и на претставници на ЕУ и ОН.

На 18 јуни Договорот помина на владина седница, а потоа на 20 јуни мнозинството пратеници го изгласа и во Собранието. Но, истиот не беше потпишан од претседателот Ѓорѓе Иванов и вратен  е назад во парламентот за повторно гласање. Според  Уставот: „Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот“. 

Сепак, Иванов најави дека повторно нема да го потпише указот, а до моментот кога е пишуван овој текст ( 04.07.2018) неизвесно е како ќе се разреши ова прашање, со што фактички треба да се отвори патот за референдум.

Имајќи ги предвид овие случувања, ветувањето на ДУИ за  „Приоритетно решавање на спорот со името со Република Грција”, го оценуваме „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Дрилон Салиу

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција