ДУИ го отфрли Пендаровски на изборите пред 5 години, а сега го прогласи за „симбол на интеграцијата“

Фото: Принтскрин sdsm.org.mk

 

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, кој воедно е и висок партиски функционер на владејачката ДУИ, говореше на скопскиот предизборен митинг на кандидатот за претседател на владејачката коалиција, Стево Пендаровски, кога ја даде следнава недоследна изјава:

Пендаровски е симбол на нашата внатрешна интеграција и кохезија помеѓу различните етнички заедници. Тоа е нашата предност и како граѓани и како заедница и како држава. Тоа е нашата предност на 21 април наспроти другите кандидати. Токму затоа ќе биде идниот претседател на Република Северна Македонија, гласот на разумот и претседател кој ќе ги обeдини сите заедници и во добри и во лоши времиња, рече Османи, нарекувајќи го Пендаровски првиот заеднички консензуален кандидат за претседател.

[Извор: СДСМ – „Османи: Пендаровски е симбол на внатрешната интеграција и затоа ќе биде претседател кој ќе обединува и во добро и во лошо“датум 14.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Говорејќи од име на ДУИ на митингот на владејачкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски во Скопје на 14.04.2019 година, Бујар Османи имаше недоследен настап во знак на поддршка на Пендаровски, доколку се земе предвид ставот и реториката на неговата партија пред 5 години, кога ДУИ беше дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а Пендаровски беше претседателски кандидат на тогаш опозицискиот СДСМ. За потсетување, во пресрет на редовните претседателски избори во првата половина на 2014 година, ДУИ испорача барање за консензуален кандидат за претседател, кој, според нив, треба да биде прифатлив за двете најголеми етнички заедници во земјава – македонската и албанската.

Тогаш, од албанската партија оценија дека сè уште актуелниот претседател Ѓорге Иванов не се вклопува во профилот на консензуален претседател, но ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, сепак, одлучи да истрча со Иванов на изборите. Иако, лидерот на ДУИ Али Ахмети, говореше дека доколку не успеат да најдат заеднички јазик за нивната идеја со тогашниот коалициски партнер, ќе разговараат и со опозицијата, сепак, во таа насока не се одржаа никакви суштински преговори, и покрај тоа што премиерот Зоран Заев, уште како опозициски лидер испрати позитивни сигнали кон концептот на консензуалност, истакнувајќи дека „консензуалноста е доблест“.

На крајот, интегративците ги повикаа Албанците да не гласаат за ниту еден од двајцата кандидати, бидејќи, како што објасни лично Османи во една прилика, ниту Иванов ниту Пендаровски се плод на консензуалност на двете најголеми етнички заедници, па затоа, порача тој, нивниoт мандат ќе биде оспоруван. Истовремено, од ДУИ отпочнаа и иницијатива за распуштање на Собранието и организирање предвремени парламентарни заедно со претседателските избори, по што се одржаа двојни избори, на кои ДПМНЕ и ДУИ освоија најмногу гласови и формираа Влада, а Иванов вторпат по ред беше избран за шеф на државата.

Но, пет години подоцна, политичката реалност е сосема поинаква. На претстојните претседателски избори, социјалдемократите повторно одлучија да го кандидираат Пендаровски, кој доби поддршка од 31 политичка партија од владејачката коалиција, вклучително и од ДУИ. Ако пред 5 години интегративците работеа да пропаднат претседателските избори, бидејќи не само Иванов, туку и Пендаровски не бил консензуален претседателски кандидат, овојпат партиските челници порачуваат дека гласот за Пендаровски на изборите значи поддршка на процесите за членство во ЕУ и НАТО.

На дел од неговите настапи, пак, партискиот лидер Ахмети вели дека и пред 5 години требало да се постигне согласност за консензуален претседател, но притоа не објаснува зошто тогаш Пендаровски бил проблематичен, а денес е прифатлив кандидат за претседател. Всушност, во врска со ова прашање, нема прецизен одговор ниту од двајцата партиски потпретседатели Невзат Бејта и Теута Арифи, кои за медиумите изјавија дека имало многу причини зошто Пендаровски станал прифатлив консензуален кандидат во рок од 5 години и зошто зад него застанале триесетина политички партии, без да елаборираат кои се тие причини.

Дел од експертите уште пред 5 години тврдеа дека барањето за консензуален претседателски кандидат е само маневар усогласен меѓу ДУИ и ДПМНЕ за предизвикување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, што, за волја на вистината, се случи. Како и да е, во ситуација кога ДУИ тогаш сметаше дека Пендаровски не е прифатлив консензуален претседателски кандидат, крајно недоследно делува сегашната изјава на Османи дека токму тој како иден претседател ќе биде „симбол на интеграцијата“ и „глас на разумот“. Очигледно, никогаш немало проблем со кадровското и персоналното решение, туку едноставно се смениле политичките околности и констелации.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Влатко Стојановски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.