Дури и министерските трошења во бифеата на државните институции ќе бидат објавувани

 

Владата вели дека сака да објави што е можно повеќе документи, податоци, договори и да го олесни слободниот пристап на информации од јавен карактер

 

 

Не само предложениот дневен ред од седниците на владите, туку актуелната власт планира целосниот усвоен дневен ред, материјалите и записите од седниците на Владата да се објавуваат, рече Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на РМ на денешната средба со претставниците на медиумите и невладините организации, на која се расправаше за актуелните политики и процеси поврзани со транспарентноста и работата на Владата.

– Сепак, тука ве молам за трпение. За да го спроведеме сето ова потребна ни е администрација што може да го следи чекорот. Тука имаме сѐ уште сериозни проблеми. Луѓето се ненавикнати да комуницираат на ваков начин. Тешко разбираат дека нема што да се крие – рече Поповски, меѓу останатото.

Во однос на Законот за медиуми, сѐ уште не е одлучено дали тој ќе се менува или не и одлуката за ова допрва треба да се донесе, но вакви дилеми нема кога станува збор за Законот за слободен пристап за информации. Тој бездруго ќе се менува за што дебата е почната, а потребата за ова е утврдена. Измени ќе има околу брзината на доставувањето на информациите, ќе се намали рестриктивноста во однос на информациите кои ќе бидат јавни и ќе се разгледаат ингеренциите на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Кога станува збор за објавувањето на документите неопходни за да се поднесе барање за слободен пристап до информации, досега тие се објавени од страна на министерствата, а оваа листа е проширена и на други институции, додека до општините и оние институции врз кои Владата нема директни ингеренции, испратени се препораки за објавување на овие документи за граѓаните и медиумите да можат полесно да поднесуваат вакви барања.

Поповски додаде и дека Владата започна да ги објавува договорите што се склучуваат со фирмите и другите продавачи на добра и услуги за потребите на државата. Овие договори се објавуваат на страницата на Бирото за јавни набавки, за што тој рече дека не е идеално решение и дека најдобро би било тие да се објавуваат на страниците на министерствата.

Многу брзо ќе почнат да се објавуваат сите трошења и на министрите, замениците министри и државните секретари во министерствата на Владата.

– Сите трошоци што се направени до министрите, замениците министри и државните секретари во периодот 1 јуни – 1 декември, значи првите 6 месеци, ги сублимираме, се изработува софтвер и ќе бидеме подготвени многу скоро да ги објавиме. И во форма на точни финансиски показатели и во форма на наративен извештај којшто треба да ги објасни активностите, трошењата и така натаму. Одевме до детали, има многу нејаснотии кај луѓето што треба да ги пополнат извештаите, се обидуваме со табеларен приказ, со сето она што можеме, да им помогнеме на сите (…) Имавме дилема дали бифето во Влада, бифето во Министерството за сообраќај и врски, итн., подлежат на објавување, да, подлежат, па на крајот да се види колку вода сме испиле и колку кафиња. Тоа е наша работа и наша обврска – рече Поповски.

Во тек е и декласифицирањето на информациите и Владата работи на тоа, но, Поповски рече дека и тука има проблеми зашто Владата се соочува со прашања од типот од кога, односно од кој датум да почне декласифицирањето. Сепак, се работи на ова со цел да се декласифицира сѐ што е можно, особено што има многу документи („море од документи“, како што се изрази) кои можат да се декласифицираат зашто, како што рече, навика била порано да се класифицира сѐ и сешто на затворени седници на Владата.

Во текот на дискусијата, присутните главно позитивно се изразија за напорите на власта на планот на транспарентноста, додека забелешки имаше за веќе усвоената одредба во новиот Закон за аудио и аудио и визуелни и медиумски услуги со која се утврдува процентот од буџетот, кој ќе и се доделува на Македонската радио телевизија, особено одредбата во која доделувањето на средствата е условено со финансиската состојба на буџетот. Потоа, имаше барања Владата веќе да почне да обраќа повеќе внимание и на транспарентноста и отчетноста на институциите надвор од централната Влада, како што се самостојните агенции, локалната самоуправа и јавните претпријатија, а новинарите од медиумите на албански јазик изразија загриженост и негодување заради затвореноста на коалициониот партнер ДУИ, чии претставници бојкотираат редица медиуми за кои сметаат дека не им се наклонети.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *