Две години по скандалот со прислушувањето доправа ќе се реформира безбедносниот систем

Никола Груевски објавува дека странски служби и Заев го шпионирале и него и функционерите и граѓаните, а по пет месеци прифати реформи. Фото: скриншот

 

Пред околу 18 месеци експремиерот Никола Груевски го даде следново ветување:

На вчерашната седница усвоивме План за нови реформи за европската интеграција. Покрај постоечките реформи кои континуирано ги спроведуваме, ова е нов обемен и амбициозен план за кој верувам дека ќе овозможи дополнителен напредок. План базиран на нашите разговори со ЕУ и препораките на европските институции и експерти, фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Итни реформи на безбедносниот сектор, вети поранешниот премиер Никола Груевски во пакетот мерки кои ги најави  во јуни 2015 година, во екот на најжешките денови од политичката криза настаната со нелегалното прислушување на илјадници македонски, но и странски граѓани и дипломати. Сепак, ова негово ветување досега (19.10.2016) не е исполнето.

Ваквата изјава на Груевски практично се однесува на претходните препораки добиени од Европската унија, која во своите извештаи препорача „мерки за итни реформски приоритети“, базирани пак врз претходниот извештај на германскито дипломат Рајнхард Прибе, кој од април до мај таа година ја скенираше сосотојбата во земјата.

Во споменатите препораки на Прибе, преточени со дипломатски јазик и во извештаите на ЕУ за напредокот на Македонија, една од клучните реформи беше и онаа на безбедносниот сектор, бидејќи анализите покажаа дека прислушкувањето доаѓа од Управта за безбедност и контраразузнавање, за која беше оценето дека има преголеми дискрециони права и е надвор од контрола на цивилната власт, посебно од контролата на Парламентот.  Во Извештајот на Прибе  децидно пишува:

Причините за одолговлекување на скандалот во Република Македонија се во концентрацијата на моќта во националните безбедносни служби (УБК) и во злоупотребата на механизмот за надзор на УБК

Всушност, Груевски и Владата на два пати  даваа исти ветувања дека работата посветено, брзо и со рокови на исполнување на Итните реформски прииоритети, за кои детална слика даде и Националниот совет за европски интеграции кој заедно со СЕП во Владата го следеше нивното подготвување, план и исполнување. Второто вакво ветување во кое, исто така, е наведена реформата на безбедносниот сектор во државата беше дадено и од сегашниот премиер Емил Димитриев на 30.05.2016 и од Никола Груевски  на 01.06.2016 година:

Во повеќе области, тргнувајќи од областа судство, медиуми, администрација, областа на безбедноста и други, институциите со полна фокусираност, со сите капацитети работат да ги подготват првите чекори, драфтови и сето она што е потребно за да се започне еден процес на исполнување на овие барања, кои генерално ќе бидат добри и за Република Македонија заради зајакнување на државата и институциите во истатa.

По околу 18 месеци од првото ветување за итните реформски приоритети и цели две години од започнувањето на кризата во чија основа е прислушкување и безбедносни служби, актуелниот премиер Емил Димитриев повторно најави дека ќе се правеле сеопфатни реформи,  при што допрва ќе започне снимање и анализа на состојбата, а би требало да завршат за една година:

Реформата опфаќа буквално се што е предмет на работа на безбедносните служби – нивната надлежност и нивната поставеност во однос на целокупниот систем на функционирање на државата, вклучително и контролата над истите. Реформите ќе бидат повеќеслојни, ќе задираат во многу сегменти во функционирањето на државата и затоа во овој проект, Национална консолидација на системот, се вклучени сите институции што имаат допирна точка со службите.( Нова Тв, датум 18.10.2016)

За оваа „сеопфатана реформа“, за одговорно лице е назначен Митко Чавков, наследникот на Гордана Јанкуловска на позицијата прв човек во МВР, а сегашен директор на Бирото за јавна безбедност.

Поради погоре посочените аргументи, ветувањето за целосни реформи на безбедносниот сектор, вклучувајќи ги и институциите и службите, го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција