Двориште го чека ветениот водовод

Двориште и покрај обезбедените пари, уште чека современо водоснабдување. Фото: publicdomainpictures.net

 

Проект: ВОДОВОДНИ СИСТЕМИ

Изградба на современ систем за снабдување со вода во село Двориште. (Рок: декември 2014 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Современ водоводен систем во селото Двориште вети пред локалните избори во 2013 година Драги Наџински, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Берово. На 31. страница од неговата изборна програма тој вети изградба на современ систем за водоснабдување во селото. Тоа ветување, инаку, Наџински го наведува и меѓу приоритетите за неговиот нов мандат 2013-2017.

Истражувајќи го ова ветување, за кое како краен рок е наведен декември 2014 година, утврдивме дека е реализиран само еден дел, односно обезбедени се финансии и се изработува проект. Поради тоа, ветувањето на Наџински, според методологијата по која оценува „Вистиномер, се смета за делумно исполнето.

Пребарувањето на веб-сајтот на Општина Берово, на Министерството за транспорт и врски, како и на локалните медиуми од Берово и од Источниот регион не даде информација дека работите се мрднати од „мртва точка“, иако се минати повеќе од година и пол од истекот на наведениот рок. Никаква информација за евентуално исполнување на ова ветување нема ниту во Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ од март годинава.

Првата поконкретна работа што се споменува за систем за снабдување со вода на Двориште во медиумскиот простор е извештај за посетата на тогашниот премиер Никола Груевски на Берово и Беровско, на 17 август 2015 година. Притоа се наведува дека се работи на проектна документација за изградба на нов водовод за село Двориште.

Иако на веб-сајтот на Општина Берово има повеќе информации за работи што го засегаат Двориште, во однос на водоводот за Двориште ситуацијата е специфична. Тој е споменат бегло во извештај од прес-конференција на градоначалникот на Берово за реализираното, одржана на 27 август 2015 година. Наџински притоа кажува дека се работи на проект за водовод во Двориште.

….Во полето на водоводи, веќе се работи на изработка на проекти за изградба на водоводи во с.Ратево и с.Двориште…

Потоа изградбата на водовод во Двориште на општинскиот сајт се споменува само во една објавена содржина, од 5 февруари годинава, која е всушност реакција на Наџински за претседателот на Советот на општина Берово, Јован Матеничарски. Во неа се вели дека парите за изградба на систем за водоснабдување на Ратево и Двориште се обезбедени од Министерството за транспорт и врски и Европската инвестициска банка.

Факт е дека средствата за реализација на проектот „Водоснабдување на с.Ратево – Приклучен цевковод од регионалниот водоснабдителен систем во Општина Берово“ се обезбедени уште минатата година опреку Министерството за транспорт и врски од Европска Инвестициона Банка, а и покрај тоа мнозинството на Советот надвор од сите институционални процедури донесе „Одлука“ средства во висина од 1.580 000 денари од ставки кои се програмирани за тековно работење на институцијата ги префрли на ставката – Изградба на систем за водоснабдување на с.Ратево и с.Двориште.

Тоа е најновата информација за водоснабдувањето на Двориште на општинскиот веб-сајт.

Пребарувањето за „Двориште“ на онлајн-медиумот „Берово денес“ доведе до само четири вести за Двориште во периодот после гореспоменатата прес-конференција на Наџински, но ниту една не е за изградбата на водовод.

Пребарувањето на веб-сајтовите на телевизиите Канал+, Стар, Ирис, исто така не доведе до информации дека се почнати какви било градежни работи за изградба на современ систем за водоснабдување на Двориште.

Поради фактот што се обезбедени пари, но не се почнати работите, а рокот даден во изборната програма на Наџински (декември 2014) е одамна истечен, ветувањето за решавање на проблемот со водоснабдување на Двориште е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција